1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стоматологот што му изби еден заб на Европскиот фронт

8 октомври 2024

Глорифицирањето на ДУИ е дел од цената што Тачи ја плаќа за напуштањето на ЕФ во период кога на Ахмети му е потребно „да покаже повеќе заби“, а не помалку. Стоматологот по образование тоа добро го разбрал.

https://p.dw.com/p/4lWge
Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи
Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух ТачиФотографија: MIA

Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, во тв – интервју ги потврди неформалните информации дека  неговата партија го напушта Европскиот фронт.  Со тоа таа коалиција ќе има едно пратеничко место помалку, односно 17. За некои потегот е изненадување, за други очекуван, со оглед на вербалните и разни политички салта на Тачи во изминатиот период.

За илустрација - во 2020 година Мендух Тачи имаше два услови за учество во Владата на СДСМ.

„Првиот услов е ДУИ да не биде дел од следната влада. Вториот е - претседателот на ДПА да биде вицепремиер и да има само еден вицепремиер“, побара Тачи.

Четири години подоцна се придружи на Европскиот фронт предводен од ДУИ и влезе во ист атар со политичарите кон кои имаше најмногу критики - Али Ахмети и Зијадин Села. Решил таму да се позиционира, меѓу другото и поради речникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој го потсетувал на деведесетите години од минатиот век. Тврдеше дека опозициските критики кон ДУИ се трик, бидејќи кога ја критикуваат ДУИ – мислат на Албанците. Истото го тврдеа и челниците на ДУИ.

Тачи до толку се загрижи од опозицискиот речник, што во меѓувреме како да „заборави“ на својот речник - дека за Ахмети во минатото изјавуваше дека е „предавник и изнајмен убиец“, а за ДУИ дека е „конгломерат на сите антиалбански интереси“.

Нова коалиција, нова песна

Откако се придружи на Европскиот фронт,  Тачи во наративот ги врати клучните точки  што го спојуваат со Ахмети: соработката од пред повеќе од дваесет години во времето кога со Ахмети се согласиле за Призренскиот договор (22-ри мај 2001 година), соработка која потоа продолжила за  Охридскиот договор  и кулминирала со Пржинскиот договор.

„Главниот столб на успешноста на Пржинскиот договор бевме господинот Ахмети и јас“, се пофали Тачи пред изборите.

Но, признава дека „рампата“ на САД се спуштила за него токму поради радикални изјави за Охридскиот договор. Не ја нарекува „црна листа“, туку забрана на виза.

„Јас сум под забрана на виза, поради тоа што моите јавни изјави се радикални и оспоруваат имплементација на Охридскиот договор. Не можете да ме ставите во ист кош со овие што сега ги ставаат на црна листа“, изјави пролетта во емисијата „Трилинг“.

Тачи годинава утврди дека „меѓу ДУИ во 2024 и ДУИ во 2002 година има огромна разлика“, но и дека „тој никогаш нема да стане ДУИ, и никогаш нема да мисли како Ахмети, иако се во коалиција“.

Мендух Тачи и лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Мендух Тачи и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, архивска фотографија од 2015 годинаФотографија: MIA

Неговото коалицирање со ЕФ навистина имаше краток век, но импресиите од ДУИ навестуват подолг рок на траење.

„ДУИ има бројки, има пратеници.  ДУИ го победи ВЛЕН  по бројност, по пратеници, по сѐ. Но, не сакам да навлегувам во овие прашања бидејќи тие ќе мислат дека јас се занимавам со нив. Никој не може да ме убеди дека ВЛЕН е појак од ДУИ. Никој! ДУИ може дури и да наметне некоја акција за уставните амандмани затоа што мислам дека имаат капацитет и можат да изберат форма“, изјави вчера Тачи на ТВ Клан, каде потврди дека го напушта ЕФ.

Познавачите на неговото политичка прагматичност сметаат дека глорифицирањето на ДУИ е дел од цената што Тачи мора да ја плати затоа што го напушта фронтот во сензитивен период, кога  на Ахмети му е потребно „да покаже повеќе заби“, а не помалку.  Мендух Тачи, кој стоматолог по образование, веројатно ова добро го разбрал.

Три децении во политиката

Лани Тачи одбележа 30 години политички ангажман, период доволен да се научат сите игри и трикови во политика, да се одреди тајмингот кога нешто треба да се каже, а кога да се премолчи. Најде начин да избегне оценка за првите сто дена на Владата.

„Сто дена се прекратки за правилно да се анализира работата на една влада“, рече тој, но беше дециден дека „најсилниот удар за Владата е одвојувањето на Албанија од Македонија на патот кон ЕУ“.

Додека беше  во редовите на ЕФ,  неговиот став за интеграцискиот процес имаше и фаталистички призвук.

„Интеграцискиот процес за Македонија е генералниот имунитет на оваа држава. Ако не постои интеграцискиот процес, ние сме на милиметар од растурање на оваа држава. Немој некој да се лаже дека ние Албанците сме задоволни од оваа ситуација“, изјавуваше Тачи пред изборите.

Денес вели вели дека добро „знае како владее ВМРО, бидејќи бил со нив“. Но, во времето кога коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ (во мандатите на Груевски), според една од бомбите што ги објави поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, Тачи на тогашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков му вети „верност до смрт“.

Верноста во политика е релативна работа. Или можеби не? Извори од албанскиот блок не сакаат да шпекулираат со каква цел е напуштањето на ЕФ од страна на Тачи, во време кога ги фали политиките на моторната сила на фронтот - ДУИ. Но, уверени се дека потегот не е случаен.