Расклатена една ногарка во Европскиот фронт
11 јуни 2024Поддршката од Европскиот фронт на измените на законот со кој се овозможи реогранизација на министерствата, која уследи по разговори меѓу претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на Европскиот фронт во минатиот петок, ги донесе и првите несогласувања кај некои од партнерите во фронтот. Освен што за тие законски измени не гласаа пратениците на Алијанса за Албанците (АА) раководена од Зијадин Села, тој чин ги навести и првите разочарувања во АА од „логиката на делување на фронтот“.
Елми Азири од АА, кој учествуваше на средбата со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со колегите од Европскиот фронт - Блерим Беџети и Фатон Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА, вели дека од начинот на кој ќе дејствува фронтот во иднина, ќе видат дали ќе останат во него.
„Ова е почеток. Сега ќе видиме како ќе делуваат членовите на фронтот понатаму. Оваа логика на делување ние не би ја поддржале, да ви кажам искрено. Ние сѐ уште остануваме дел од Фронтот, но ја чуваме нашата автономија при донесување одлуки. Ако има поголеми нешта за што не се сложуваме, се разбира дека веќе не може да функционираме. Е сега, при делувањето не мора 100 посто да се сложуваме, но ако биде 90 посто да не се сложуваме, не гледам причина да останеме дел од Фронтот. Ама ова е прејудицирање, ќе видиме како ќе течат понатаму работите“, изјави за ТВ 21 Елми Азири.
Според него, од АА не се согласуваат ни со барањето за формирање ад хок комисија за следење на правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа, што од Европскиот фронт било побарано на средбата, и прифатено.
„Ние не се сложивме со вакви работи. Нас ни изгледаше несериозно формирање комисии. Собранието има неколку комисии. Една од тие комисии е Анкетната комисија. Уште утре може да се состане Анкетната комисија и да заземе одлука - одиме во тие и тие институции, да видиме каква е застапеноста. Значи, непотребна комисија која ќе резултира со ништо. Ќе резултира со две-три страни формално пишување, излегување на Блерим Беџети во Собранието, читање на тој извештај и готово“, вели Азири.
Еден потег - два погодоци
Европскиот фронт манифестираше единство и компактност на 2-ри јуни, кога лидерите на партиите од оваа коалиција усвоија и потпишаа политичка декларација со која почнуваат битка за изборен легитимитет. Тој чин требаше да биде и своевиден одговор на одредени политички изјави - дека најмалку 2-3 пратеници од Европскиот фронт ќе се приклучат кон мнозинството.
Според извори од албанскиот блок, токму завчерашната поддршка од Европскиот фронт на законските измени за реогранизирање на министерствата, сега може да стане најсилен поттик пратеници на фронтот да се приклучат кон мнозинството.
„Кога партнерите во фронтот гледаат дека посредно се воспоставува соработка со власта, тогаш што би ги спречило некои од нив да воспостават таква соработка и најнепосредно. ВМРО-ДПМНЕ со еден потег обезбеди две нешта - во обид да обезбеди двотретинско мнозинство, успеа да ја извади на виделина и ‘одлучноста‘ на предводникот на фронтот (ДУИ-н.з.) кој само до вчера најавуваше дека со сите демократски средства ќе се бори да го ефектура изборниот легитимитет. А сега пеат друга песна“, коментира познавач на состојбите во ЕФ.
Илир Мета: ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради партнерство со Албанците
Дали посоченото гласање во Собранието ќе го одреди патот, но и габаритот на фронтот, се очекува да се знае во периодот до/по изборот на владата. Но, шпекулациите за трансфери од ЕФ кон мнозинството се повеќе растат. Поранешниот албански претседател и актуелен претседател на Партијата за слобода, Илир Мета, кој пред неколку дена го угостил претседателот на ДПА, Мендух Тачи, во интервју за порталот Lideri.mk. беше прашан дали на таа средба успеал да го убеди Тачи да стане дел од новото мнозинство, бидејќи имало шпекулации дека средбата била со таква цел.
„Апсолутно нема никаква врска нашиот состанок со такви шпекулации. Г. Тачи е во политиката можеби со повеќе искуство од мене и има поминато многу тешки периоди и искуства, на кои преживеал со многу храброст и одлучност. Истовремено, г. Тачи не е од оние кои мислат дека останувањето во опозиција е несреќа. Напротив, тој го гледа и го доживува како мисија“, изјави Мета.
Прашан за дилеми во јавноста - дали со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ можат да се вратат и политиките на меѓуетнички тензии, Илир Мета категорично отфрла такво нешто.
„Не верувам дека тоа може да се случи, затоа што не треба да заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт кога Македонија го призна Косово. Исто така не треба да заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ беше против „Отворен Балкан“, кој всушност е проект против Косово и кој ги дефакторизира Албанците во регионот. Така што, не верувам во такви приказни. Верувам дека тие ќе изградат партнерство со Албанците, како во владата, така и во опозицијата, затоа што гледам дека имаат јасна визија. Секако, ќе се соочат и со деликатни прашања, како што е прашањето со Бугарија, но верувам дека двете земји ќе го третираат ова прашање мудро, во заемен интерес и во интерес на целиот наш регион, каде што и Бугарија е присутна и има своја улога“, изјави Мета.