1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот фронт пробива топол ходник кон власта

10 јуни 2024

ВМРО-ДПМНЕ го прифати барањето на Европскиот фронт за комисија што ќе ја следи правичната застапеност во државната управа, иако таква надлежност има Комитетот за односи меѓу заедниците.

https://p.dw.com/p/4grDS
Дали ДУИ како предводник на Европскиот фронт се обидува да си обезбеди заветрина во новата политичка констелација? 
Дали ДУИ како предводник на Европскиот фронт се обидува да си обезбеди заветрина во новата политичка констелација? Фотографија: DW/S. Toevski

Дали поддршката од Европскиот фронт на законските измени за реорганизација на министерствата во Владата, ќе резултира со паралелно работно тело во Собранието или е тоа само „завеса“ зад која предводникот на фронтот, ДУИ, се обидува да си обезбеди заветрина во новата политичка констелација? 

Прашањето се наметна по петочната средба помеѓу претставници на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и Европски Фронт, на која од Фронтот информирале дека ќе гласаат (и гласаа) за усвојување на измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, со која се предвидува реогранизација на министерствата.

Она што привлече внимание во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, е дека во рамки на таа средба се разговарало и за меѓусебниот дијалог помеѓу власта и опозицијата, но и она што било прифатено.

„Притоа беше прифатено барањето на коалицијата Европски Фронт во догледно време Собранието да формира ад хок комисија со претседател предлог на опозицијата, којашто ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа и за својата работа два пати годишно ќе го информира Собранието“, беше наведено по средбата.

Нов состав на македонскиот парламент: иако оди во опозиција, Европскиот фронт даде поддршка за усвојување на измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа
Нов состав на македонскиот парламент: иако оди во опозиција, Европскиот фронт даде поддршка за усвојување на измените на Законот за организација на работата на органите на државната управаФотографија: Petr Stojanovski

На средбата присуствувале Александар Николоски, Владо Мисајловски, Никола Мицевски и Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ, а од Европскиот фронт - Мендух Тачи, Блерим Беџети, Фатон Ахмети и Елми Азири.

Дуплирање на работни тела

Нема објаснување каква е потребата од формирање ад хок тело за тоа прашање, кога со таква надлежност е постоечкиот Комитет за односи меѓу заедниците, како постојано работно тело на Собранието. Неговата правна поставеност и неговите надлежности произлегуваат од Уставот, поточно амандманот XII. Комитетот го избира Собранието, а го сочинуваат 19 члена од кои по седум члена од редот на пратениците на Собранието, Македонци и Албанци и по еден член од пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Доколку некоја од заедниците нама пратеници, тогаш Народниот правобранител по консултации со релевантните претставници на тие заедници предлага други членови на Комитетот.

Во 2007 година донесен е Закон за Комитетот за односи со заедниците, со кој детално е уредена неговата надлежност, вклучувајќи го и она што го побарал Европскиот фронт. Во членот 9 од тој Закон, меѓудругото, се наведува дека Комитетот разгледува прашања во врска со односите меѓу заедниците во земјата, а особено ја следи и имплементацијата на принципот на соодветната и правичната застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и во другите јавни институции на сите нивоа.

Не за Русија - да за Владата!

Тогаш, каква улога би имала комисија со иста надлежност во посочениот сегмент? Барањето на Европскиот фронт во јавните изјави некаде се коментира „во ракавици“, некаде без нив.

Добро е што за прашањето за реорганизација на министерствата дел од Демократската унија за интеграција (ДУИ) покажа дека може да биде и конструктивна опозиција, коментираа од Вреди и се осврнаа и на посочената комисија.

„Закон за правична застапеност на етничките заедници во органите на државна управа е дел од коалицискиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, кој ќе содржи механизми кои ќе го заменат балансерот во разумен рок. Формирањето ад хок собраниска комисија предводена од опозициски пратеник е добар чекор во зајакнување на контролата на законодавната врз извршната власт“, порачаа од „Вреди“. 

Демократската унија за интеграција покажа дека може да биде и конструктивна опозиција, коментираа од Вреди
Демократската унија за интеграција покажа дека може да биде и конструктивна опозиција, коментираа од ВредиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, според бројни јавни коментари, ДУИ само бара начин како да ги омекне односите со водечката партија во власта откако размени остра реторика во текот на изборната кампања, и да си обезбеди „топол ходник“ или „понтонски мост“ кон власта.

Изет Меџити, претседател на Демократското движење кое е дел од Коалицијата Вреди, на Фејсбук даде негово видување за поддршката на законските измени од страна фронтот, а барањето за формирање ад хок комисија го нарече очајнички изум.

„Фронтот ‘Не за Русија - да за Европа!' стана Фронт ‘Не за Русија - да за Владата!' (...) Леснотијата со која пратениците на ДУИ се согласија да ги поддржат законите на мнозинството, покажува дека единствено што ги интересира е како да си направат капа за Владата, макар и како патерица за парламентарното мнозинство. Формирањето ад хок тело за правична застапеност, очајнички изум за оние кои 20 години имаа можност да обезбедат фер застапеност, но не го направија, говори дека ДУИ е подготвена да прифати се, па и вмровската милостина, само да остане во сенка на моќта“, напиша Меџити.

Според него, гласањето ја покажало дволичноста на фронтмените на фронтот, флексибилноста на нивните ставови и расположението да се биде во владата во која било варијанта, само да се биде!