1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Столтенберг: Украина заслужува место во НАТО

ЖА / агенции
20 април 2023

Генералниот секретар на НАТО на Украина и` вети помош од Алијансата толку долго колку ќе биде потребно. „Украина заслужува место во НАТО“, изјави тој на прес конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски

https://p.dw.com/p/4QLmr
Јенс Столтенберг Володимир Зеленски НАТО Украина
Јенс Столтенберг во Киев со украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Alina Yarysh/REUTERS

Прв пат од почетокот на руската војна во Украина, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска стигна во посета на главниот град Киев. На овој начин тој ја демонстрира солидарноста на трансатлантскиот сојуз со земјата која веќе речиси 14 месеци се брани од руските трупи и сега очигледно подготвува контраофазива.

Членството на Украина во НАТО ќе биде високо на агендата на самитот во Вилнус што ќе се одржи во јули, најави Столтенберг:

„Иднината на Украина е во евроатлантското семејство, иднината на Украина е во НАТО, за тоа се согласни сите сојузници.“

Но, приоритет на Алијансата е да обезбеди украинска победа во војната со Русија, изјави шефот на НАТО на заедничката прес конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој од своја страна изрази желба за што поскоро добивање покана за пристап на неговата земја во НАТО и повторно инсистираше на добивање одредено оружје, како модерни авиони, артилерија и оклопни возила.

Својата официјално ненајавена посета Столтенберг инаку ја започна со полагање венец со цвеќе во чест на украинските војници кои се убиени во борбите против руските трупи во источниот дел од земјата. Освен тоа, тој во центарот на Киев, на Михаеловиот плоштад ги разгледа во битките освоените руски оклопни возила.

Јенс Столтенберг Украина
Јенс Столтенберг во Киев положи венец цвеќе на споменикот на загинатите украински војници во борбите со руските трупиФотографија: GLEB GARANICH/REUTERS

Посетата на Столтенберг во Москва предизвика незадоволство и експресни реакции во Русија. Кремљ денеска уште еднаш подвлече дека една од целите на „специјалната воена операција“, како што Русија ја нарекува војната во соседната држава, е да спречи Украина било кога да стане членка на НАТО.

Во спротивно, тоа би претставувало „сериозна, значителна опасност за безбедноста на нашата земја“, истакна портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков на прес конференција со новинарите.

Јенс Столтенберг Украина
Јенс Столтенберг разгледа руски оклопни возила одземени во борбитеФотографија: GLEB GARANICH/REUTERS

Западот ја поддржува Украина на повеќе начини, вклучувајќи и испорака на оружје. Утре (петок, 21.04.) во американската воздухопловна воена база Рамштајн во германската сојузна покраина Рајнланд Пфалц е планирана повторна средба на членките на НАТО, посветена на натамошната воена помош за Украина.

Столтенберг инаку важи за голем поддржувач на Украина, тој придонесе за организирање на испораките на оружје на 31 членка на Алијансата и за поттикнување натамошна помош за нападната земја. 

На самитот на источните членки на НАТО во Варшава, Столтенберг неодамна се изјасни за тоа еднаш засекогаш да и` се покажат границите на Русија: „Не смееме да дозволиме Русија да продолжи да ја поткопува европската сигурност, обрачот на руската агресија мора да се скрши и да се погрижиме историјата да не се повторува.“

Столтенберг го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски да присуствува на идниот самит на НАТО во Литванија. Во февруари, тој изјави дека членките на НАТО се согласни дека Киев треба да стане членка на Алијансата, но тоа е „долгорочна перспектива“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи