1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Што сака да постигне Виктор Орбан?

Анчал Вохра
9 јули 2024

По контроверзните посети на Киев, Москва и Пекинг, унгарскиот премиер е во Вашингтон. Според експертите, тој би можел да цели кон сојуз со Трамп доколку републиканецот повторно биде избран за претседател во ноември.

https://p.dw.com/p/4i2ds
Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан отворено ја поддржува претседателската кандидатура на Доналд Трамп, фалејќи го како „човек на мирот“Фотографија: Shelby Tauber/REUTERS

Неколку дена откако Унгарија го презеде ротирачкото претседателство со  Европската унија на шест месеци, унгарскиот премиер Виктор Орбан отпатува во Киев, Москва и во Пекинг како самоназначен посредник и самонаречен миротворец.

Во видеото кое го објави во понеделникот (8.07) на платформата Х, Орбан ја поздрави Кина како единствената светска сила која е „јасно посветена на мирот“ меѓу Русија и Украина и се прикажа себеси како човек во мировна мисија додека ја завршуваше средбата со кинескиот претседател Ши Џинпинг.

„Ова е важно за Унгарија и за целата Европска унија“, рече тој во истото видео кое го објави од асфалтот во Пекинг и додаде: „Ние ќе продолжиме со нашата работа“.

Иако тој експлицитно не изјави дека ја претставува Европската унија, некои веруваат дека има намера да остави таков впечаток.

Каја Калас, следниот шеф за надворешна политика на ЕУ, претходно рече дека Орбан го „искористува“ унгарското претседателство со Унијатаи се обидува „да сее конфузија“ во врска со политиката на ЕУ за Украина.

Во претходен твит на 5 јули, Орбан призна дека нема дозвола да преговара во име на ЕУ. Сепак, тој испрати мешани сигнали кога додаде „не можеме да седиме и да чекаме чудесно да заврши војната. Ќе послужиме како важна алатка во правењето на првите чекори кон мирот“.

ЕУ најстрого го прекори по неговиот состанок со рускиот претседател Владимир Путин и рече дека „тој не ја претставува ЕУ во ниту еден облик“.

Германскиот вицеканцелар Роберт Хабек рече дека состаноците на Орбан треба да се гледаат како билатерална работа, наместо да претставуваат официјален ангажман на ЕУ.

Сепак, Орбан, уште еднаш, се покажа како ужасно дете во 27-от членски блок. Експертите велат дека најновиот трик на Орбан е дел од долгорочниот план да се прикаже себеси како лидер на екстремната десница во Европа и дека тој се залага за враќање на американскиот републикански кандидат Доналд Трамп на власт.

Кои се политичките цели на Орбан?

Нема ништо ново во поддршката на унгарскиот премиер Орбан за Русија или флертувањето со Кина. Во текот на изминатите две години, тој постојано се противеше на санкциите на Европската унија против Москва и се обидуваше да ја блокира помошта за Украина.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и рускиот претседател Владимир Путин
Унгарскиот премиер Виктор Орбан долго време одржува блиски врски со рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Valeriy Sharifulin/SNA/IMAGO

И, во време кога ЕУ се обидува да ја диверзифицира трговијата подалеку од Кина и да ги отстрани критичните синџири на снабдување, Будимпешта ја подобри трговијата со Пекинг и влезе во сеопфатно стратешко партнерство во мај годинава.

Џулиен Хоез, политички советник и експерт за прашањата на ЕУ, рече дека последните играрии на Орбан се насочени кон освојување поени дома, откако неговата партија Фидес го забележа својот најлош досегашен изборен настап на изборите за ЕУ во Унгарија минатиот месец.

Иако партијата и сојузниците на Орбан добија 44 отсто од гласовите, тие го загубија терен од Петер Маџар, инсајдерски ривал кој наголемо се опишува како закана за Орбан.

Но, тоа е само една од добивките кои ги посакува Орбан. Тој, исто така, сака да се претстави како лидер на растечката екстремна десница во Европа и да изгради „нелиберална оска“ од САД до Европа, вели Хоез.

„Тој се обидува да се позиционира како лидер на оние во Европа кои се евроскептични, повеќе заинтересирани за односите со Кина или со Русија, или не сакаат да се вмешаат и воопшто да покажуваат изолационистички тенденции како што се гледаат во САД. ''

Во понеделникот, партијата Фидес на Орбан влезе во нова екстремно десничарска групација во Европскиот парламент, заедно со француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен, наречена Патриоти. Експертите велат дека формирањето на групата е поврзано со патувањето на Орбан во Пекинг како приказ на сила на базата на Доналд Трамп во САД.
Заедно со појавувањето како водечка фигура во екстремно десничарскиот екосистем во Европа, Орбан сака да се прикаже и како сроден дух на Доналд Трамп.

Виктор Орбан и Марин Ле Пен
Политичките партии на Орбан и на Марин Ле Пен се дел од новата екстремно десничарска групација во Европскиот парламентФотографија: Wojtek Radwanski/AFP

Олеснувач на Трамп во Европа?

Пјер Харош, вонреден професор по европска и меѓународна политика и вонреден соработник во Институтот Жак Делор,  вели дека Орбан во моментов врши „подготвителна работа“ за да има спремен договор за Трамп доколку тој повторно биде избран за американски претседател.

„Орбан работи на договор што мисли дека Трамп ќе го прифати“, рече Харош. „Трамп рече дека сака да стави крај на конфликтот [војната во Украина] во рок од 24 часа. Орбан сака да може да каже, погледнете, јас веќе разговарав со засегнатите страни и да се направи себеси незаменлив олеснувач“.

„Имањето влијание во ЕУ преку група ќе го направи покорисен за Трамп“, додава експертот.

Игрите на Орбан го протресоа Брисел. Подоцна оваа недела, кога ќе се состанат постојаните претставници на земјите членки на ЕУ, тие најверојатно ќе разговараат за улогата на ротирачкото претседателство и дали Унгарија може да биде чесен посредник.

Експертите велат дека ЕУ не може да стори многу за да го казни Орбан. Иако за „нуклеарната опција“ за ограничување на правата на Унгарија според член 7 од Договорот за Европската унија честопати се шепоти, тешко дека таа ќе се искористи.

Во меѓувреме, како одговор на гореспоменатата објава на Орбан на X, синот на Трамп, Доналд Трамп јуниор, го возвиши унгарскиот лидер како миротворец, „како татко му“.

Следната станица на Орбан е Вашингтон, а шпекулации се шират околу тоа дали тој ќе се сретне со Трамп додека е во САД или само ќе присуствува на самитот по повод  75-годишнината на НАТО.