Што да се прави со комунистичките споменици?
11 јули 2023За едни советските споменици се симбол за окупацијата од Црвената армија и режимот на Сталин. За други, тие се потсетник за победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Руската агресија во Украина повторно ја разгоре дебатата околу спомениците и статуите од советско време, меѓу другото и во Полска и Литванија, каде објекти како Споменикот на победата во Рига по почетокот на војната минатата година брзо беше урнат.
Во Бугарија многу е поделено јавното мислење околу тоа што треба да се прави со спомениците од ерата на комунизмот. Една од причините за тоа е необработеното комунистичко минато на земјата. Голем дел од населението и натаму го романтизира тоа време.
Споменик во чест на советската армија во Софија
Во фокусот на дебатата е огромен споменик во чест на советската армија кој се наоѓа во парк во центарот на главниот град Софија, речиси 40 метри висок и на крајот на променада поплочена со калдрма. На врвот од споменикот војник на Црвената армија стои со подигнато оружје над една селанка и еден работник. Во подножјето на споменикот три релјефа ја раскажуваат приказната на Црвената армија.
Околу една деценија „Иницијативата за демонтажа на споменикот во чест на Црвената армија” се залага за негово отстранување. Споменикот е поставен во 1954 година, една деценија откако Советскиот Сојуз ù објави војна на Бугарија. Во тоа време секаква форма на отпор против комунистичките властодржци во Бугарија беше потиснувана.
„По инвазијата на Црвената армија во Бугарија беше инсталиран комунистички режим. Споменикот е направен во време кога немаше слобода, кога окупаторите се нарекуваа ослободители”, вели Марта Георгиева од Иницијативата за демонтажа. Целта на групата е да ја изострат перцепцијата на населението за бугарската историја. Таа влече и паралели меѓу бугарското минато и сегашноста на Украина и вели дека „една армија едноставно напаѓа една земја и се нарекува ослободител ако ја добие војната”.
Бугарија во Втората светска војна
За време на Втората светска војна Бугарија од 1941 до 1944 припаѓаше на т.н.сили на оската, но се противеше да прати свои војници на источниот фронт и да објави војна на Советскиот Сојуз. Во август 1944 Бугарија стави крај на пактот со нацистичка Германија и се декларираше за неутрална земја. Советскиот Сојуз ја одби понудата за примирје. Москва ù објави војна на Софија. Само три месеца по инвазијата на Црвената армија,комунистичкиот режим на 9. септември 1944 година ја презеде власта во земјата. Убиени се меѓу 18 и 30 илјади лица, меѓу кои свештеници, новинари, поранешни министри и големи земјопоседници.
Во Бугарија не е доволно познато за ова мрачно поглавје од историјата на земјата.Георгиева и нејзиниот тим сметаат дека тоа е празнина која мора да биде пополнета и дека отстранувањето на споменикот е дел од тој процес. „Сакаме да го деполитизираме плоштадот, затоа што тој споменик прави поделби во нашето општество”, вели Купер Сапарев, кој исто така е член на иницијативата.
„Поради споменикот не можеме да го користиме тој простор, ниту пак е поглед во иднината, туку многу повеќе криминална пропаганда за минатото и прави големи тензии”, додава тој.
Уште во 1993 Градскиот совет донесе одлука да се урне споменикот. Но, од тогаш повеќе институции избегнуваат да го направат тоа. „Ние докажавме дека не е споменик на културата, а властите дека не е споменик на борците”, вели Георгиева.
Да се урне или да се сочува?
Не секој го дели ставот на Иницијативата за демонтажа на споменикот. Де факто многу Бугари мислат дека споменикот треба да биде сочуван. „Тоа е заедничко место каде треба да си споменуваме дека во таа крвава и безмилосна војна загинаа многу луѓе кои воопшто и не беа за војната. Мора да се сочува споменот за нив”, вели една постара жена и покажува фотографија од роднина кој загинал во војната. Таа е меѓу оние кои на 9. мај, Денот на победата над нацистичка Германија се собираат пред споменикот. На истиот ден се слави и во други поранешни комунистички земји.
За оние кои го празнуваат овој ден ивеат руски знамиња среде Бугарија како членка на ЕУ, споменикот е симбол за борбата против фашизмот која не е завршена. Разни учесници во собирот за ДВ велат дека „Западот” е фактичкиот агресор во војната против Украина.
Пропагандата на Путин наидува на плодна почва во Бугарија, земја која никогаш не успеа да се извлече до крај од руското влијание. Во земјата има премалку соочување со историјата и премногу дезинформации.За ужасите од комунистичкото време едвај се дискутира, а во земјата можеа да се прошират проблематични интерпретации на минатото.
Трето решение: да се измени споменикот
Друга можност е споменикот да се претвори во музеј или да се интегрира во постоечка институција, како на пример Музејот за социјалистичка уметност во кој има бројни портрети на Ленин, Че Гевара, поранешниот бугарски премиер Георги Димитров и од многу други водечки комунистички личности од минатото. „Во тоа време уметноста мораше да служи на пропагандата. Таа стана алатка на политичка моќ и идеологија. Комунистичката партија се претопува во државата и еднопартискиот систем ја контролира секоја сфера на јавниот, политичкиот и културниот живот. Уметноста не беше исклучена од овие процеси”, вели кустосот Никочај Уштавалиски за ДВ. Тој од 2011 година е директор на Музејот и со голем интерес ја следи дебатата за споменикот. Но, споменикот тешко дека би го собрало во паркот на музејот, голем колку фудбалско игралиште, па затоа тој посочува на друга локација.
Споменикот би можел да биде демонтиран и пренесен во Димитровград, на околу 220 километри од Софија. „Интересно е дека градот е основан на почетоците на социјалистичкото владеење - буквално е направен од нула. Димитровград стана симбол за градењето ново, социјалистичко општество во Бугарија”, вели Уштавалиски. „Димитровград е самиот по себе социјалистички монумент, па споменик како во Софија во чест на туѓа армија, најдобро ќе одговара таму”, заклучува тој.