1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинки во Бугарија: „Ние не сме нацисти“

Николета Атанасова | Александар Андреев
26 мај 2023

Многу украински бегалци во Бугарија се чувствуваат изолирано и соочени се со непријателство. Честопати се навредувани како нацисти. Тоа има врска и со длабоко вкоренетите симпатии на многу Бугари кон Русија.

https://p.dw.com/p/4RqWs
Демонстрации во Софија (04.07.2022): Има и солидарност со Украина
Демонстрации во Софија (04.07.2022): Има и солидарност со УкраинаФотографија: Alexandar Detev/DW

Украинката Олена (името сменето од редакцијата) се плаши. 46-годишната жена од Киев, која е уметнички терапевт, во Бугарија избегала на почетокот на март 2022 година, неколку дена по почетокот на руската инвазија на Украина. Но, таа не се чувствува безбедна и во Софија, каде што моментално живее: „Бугарско момче, на возраст од 12 години, ѝ кажа на ќерка ми, која е на иста возраст, дека сите Украинци треба да умрат. Оттогаш таа сака да си одиме дома. Ракетите таму се помалку лоши од ова овде“, вели уплашената мајка. Момчето тврдело дека сите Украинци се нацисти и дека Русија наскоро ќе ги победи.

Секојдневие во Бугарија, која се смета за многу пријателски настроена кон Русија. Бугарија, според извештајот на агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР, од јануари 2023 година, исто така е и најмалку пријателски настроена земја кон бегалците од Украина. Според извештајот, од почетокот на војната во Бугарија влегле вкупно 148.451 Украинци. Меѓутоа, две третини од нив си заминале од таму.

Тоа го планира и Јулија (името сменето од редакцијата) од Дњепар, која побарала засолниште во Бугарија во март 2022 година. Шеесетгодишната жена се жали на непријателски однос на многу Бугари: „Од самиот почеток се чувствувавме непожелни и изолирани во Бугарија. Не знам зошто повеќето Бугари што ги сретнав нè гледаат толку лошо. Мислам дека е така затоа што луѓе како Костадинов постојано сугерираат дека украинските бегалци живеат на сметка на Бугарите, затоа што се вели дека државата се грижи за нив“.

Проруски демонстрации пред споменикот на советската армија во бугарската престолнина Софија (4 мај 2022 година)
Проруски демонстрации пред споменикот на советската армија во бугарската престолнина Софија (4 мај 2022 година)Фотографија: Valentina Petrova/AP/dpa/picture alliance

„Руски јаз“ во општеството

Јулија мисли на лидерот на ултранационалистичката партија Преродба, Костадин Костадинов, кој ја предводи третата по големина парламентарна група во Софија. Костадинов неодамна тврдеше дека сите Украинци биле нацисти и дека откако неговата партија ќе дојде на власт, украинските „туристи“ маскирани како бегалци веднаш ќе бидат протерани.

Костадинов и Преродба можат сосема јасно да се класифицираат како проруски и антиевропски. На „маршевите на мирот“ на Преродба често се гледаат руски знамиња и слики од Путин. Неодамна, учесниците на една ваква демонстрација фрлија црвена боја на претставништвото на Европската комисија во Софија.

Костадин Костадинов, лидер на ултранационалистичката партија Преродба
Костадин Костадинов, лидер на ултранационалистичката партија ПреродбаФотографија: BGNES

Тоа е само мало, гласно малцинство кое на овој начин се манифестира во Бугарија. Но, неспорно е дека многу луѓе во земјата сочувствуваат со Русија. Корените на оваа симпатија одат многу назад во историјата. Кон крајот на 19 век, Царството им помогнало на Бугарите да се ослободат од понекогаш крајно бруталното 500-годишно османлиско владеење. По Втората светска војна, бугарските сталинисти имаа најблиски односи со Советскиот Сојуз од која било друга земја од источниот блок. На моменти дури размислуваа да се приклучат кон СССР - што беше одбиено во Москва.

Денес во бугарското општество постои длабок јаз околу прашањето за Русија. Еден дел од населението е строго антируски поставено и бара вртење на грбот кон поранешниот „поголем брат“. Другиот дел ги поддржува митовите за бугарско-руското братство. Притоа до израз доаѓаат и антизападни и анти-ЕУ наративи.

Софија: Поддржувачите на проруската партија „Преродба“ фрлија црвена боја на претставништвото на Европската комисија
Софија: Поддржувачите на проруската партија „Преродба“ фрлија црвена боја на претставништвото на Европската комисијаФотографија: BGNES

„Тука свири бугарска музика“

Исто како во случајот со партијата Преродба. Олена е потресена од заканите на партискиот лидер Костадинов и вандализмот на неговите симпатизери. Не може да поверува дека полицијата во земја на ЕУ дозволува напади врз дипломатски претставништва без да реагира.

Олена им е благодарна на пријателски расположените Бугари кои на почетокот ѝ помогнале нејзе и на нејзиното семејство. Но, на почетокот таа не можела да го разбере непријателското расположение кај другите делови од населението: „Полека сфативме дека одредени бугарски политичари поттикнуваат такви негативни чувства за Украина“, вели таа. „Видовме и како нивните симпатизери провоцираа - на пример за време на демонстрациите за поддршка на Украина.“

На маргините на еден проукраински концерт, вели Олена, видела мажи со бугарски знамиња како им довикуваат на Украинците дека се нацисти и дека треба да си заминат од Бугарија. „Малку подоцна луѓето се собраа на соседниот плоштад, пред Народниот театар“, раскажува таа. „Свиреа бугарска народна музика и играа. Отпрвин си помислив: 'Колку е убаво што музиката на две култури се слуша на два соседни плоштади и луѓето се речиси среќни заедно.' Отидов кај нив и прашав дали можам да танцувам со нив. Но, кога дознаа дека сум Украинка, грубо ми одговорија дека на другиот плоштад треба да танцувам на украинска музика. Тука свирела бугарска музика“, вели Олена.

Таа и нејзиното семејство нема да останат во Бугарија. Олена верува дека сите Украинци сакаат да си одат дома веднаш штом ќе заврши војната. „Се сомневам дека некој би останал овде“, вели таа со тажен глас. А потоа повторно се навраќа на Костадинов: „Се плашам дека Бугарите имаат постојан проблем со вакви политичари и партии. Затоа што Костадинов шири лаги - и сите му веруваат“.

Украинки го реновираат бегалскиот центар во бугарскиот град Пловдив
Украинки го реновираат бегалскиот центар во бугарскиот град ПловдивФотографија: Vesselina Bojilova/DW

Дали Бугарите плаќаат за бегалците?

Тврдењето на Костадинов дека само бугарските даночни обврзници ја платиле сметката за украинските бегалци е контрадикторно не само поради тоа што Софија веќе има добиено повеќе од 100 милиони евра од ЕУ како помош за бегалците за луѓето од Украина.

Јулија има и друг аргумент. „Јас сум графички дизајнер кој работи од дома за странска компанија“, вели таа. „Не добивам никаква помош или друга поддршка. Многу од моите сонародници овде, во Бугарија, исто така работат од дома за различни работодавци. Во Бугарија трошиме пари секој ден: на храна, на облека, на сè што им треба на нашите деца. Така ѝ помагаме и на бугарската економија. Зошто никој не зборува за тоа?“

Наместо тоа, многу Бугари зборуваат за наводно многу скапите и големи автомобили што ги возат Украинците. Тоа е многу неправедно, смета Олена. „Не треба да бидеме паушално оцрнувани како народ“, вели револтираната Украинка. „Ако сме нацисти, како што тврдат некои луѓе овде, како тоа сме воспитани да ги почитуваме човековите вредности и права?“ Потоа се навраќа на инцидентот со нејзината ќерка: „Какви нацисти сме јас и мојата ќерка? И зошто 12-годишно момче да мисли дека треба да умреме? Тоа е многу опасна работа.“

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи