1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија во канџите на руските дезинформации

Патрик Гензинг | АРД
11 април 2023

Во Бугарија, Фејсбук продолжува да биде главен извор на информации и силно влијае на расположението на јавностa, a во него врие од дезинформации и пропаганда на Кремљ. Извештај на Патрик Гензинг од Софија.

https://p.dw.com/p/4PoLj
Бугарија Украина Русија
Проруски протест во БугаријаФотографија: Valentina Petrova/AP/dpa/picture alliance

Бугарија повторно е исправена пред неизвесна политичка иднина. За вознемирување, непосредно по изборите, се погрижија закани со бомби во училишта во повеќе големи градови. Сајбер експертите претпоставуваат дека зад нив се кријат екстремистички хакерски групи, веројатно од Русија, со цел да шират паника и страв. Во училиштата не се најдени експлозиви. 

Влијанието на Русија врз Бугарија, врз политичарите и медиумите, на многумина им задава грижи. И познатибугарски политичари ја преземаат и шират руската пропаганда за ЕУ, НАТО и инвазијата врз Украина. 

Во последно време на пример се шират лажни вести дека бугарските ученици ќе добиваат воена обука за да бидат испратени во Украина и таму да се борат против Русија. Во дезинформацијата има само зрно вистина – за бугарските ученици е предвидена настава за воени стратегии, но како чиста теорија од неколку часа, практични вежби ниту се планирани, ниту од воен аспект е од помош во било каква форма ангажирање на недоволно обучени војници. 

Фејсбук како новинска агенција 

За разлика од многу други европски држави, во Бугарија и денес во ширењето на иформации, но и дезинформации, клучна улога игра Фејсбук. Социјалната платформа на Мета за големите медиуми во земјата функционира како новинска агенција, констатираше писателот Георги Господинов на конференција за медиумските програми во Југоисточна Европа, во организација на фондацијата Конрад Аденауер, одржана во вторникот во Софија. 

Една од причините за големото влијание на Фејсбук е што во Бугарија недостигаат големи квалитетни медиуми и весници. Тоа го заклучува и истражувачот Руслан Стефанов, кој потенцираше дека недостигот од добро политичко водство уште повеќе ја влошува довербата во демократијата. А недоволната доверба пак води кон ширење на лажни вести и дезинформации, како и до преферирање на авторитарни идеологии. 

„Тројански коњ за руските дезинформации“ 

На тоа се надоврзува и медиумска ситуација во која свој печат имаат зависноста од политиката и олигарсите, како и тоа, како што истакнува Стефанов од Центарт за демократски студии во Софија, што постарата генерација на новинари во Бугарија е навикната да користи руски извори и да им верува, до денешен ден. Едно истражување покажа дека повеќе од една четвртина од сите вести емитувани од државната новинска бугарска агенција БТА, се во корист на Русија и се базираат на информации од руската агенција ТАСС.

Оттаму е оправдана загриженоста, истакнува Стефанов, дека бугарската новинска агенција е Тројански коњ за руските дезинформации во ЕУ. Голема улога во овој контекст игра и руската амбасада во Софија, чии постови имаат голем досег, веројатно со помош на автоматизирани или неавтентични профили во социјалните медиуми, заради диктирање теми во земјата. 

Руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова
Руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова - руската амбасада е многу активна на социјалните медиуми во БугаријаФотографија: BGNES

Влакна во лебот и ладна вода во бањата 

Во бугарската јавност и политиката постојано се преземаат руски наративи за наводно ирационална и комплетно руинирана Европска унија, како што покажуваат различни примери: наводно во ЕУ постои дозвола за преработка на човечки влакна во лебот или дезинформациите дека во западна Европа луѓето речиси немаат храна и наскоро ќе почнат да ги јадат и своите домашни миленици. 

Вакви оцрнувачки катастрофални сценарија со месеци се појавуваат во руските медиуми, но се преземани и од други земји, меѓу кои и Бугарија. Така, бугарскиот министер за туризам во бугарската привремена влада на крајот на 2022 година ширеше лажни тврдења дека во западна Европа веќе нема топла вода и во интервју за „Нова ТВ“ ги фалеше предностите на Бугарија како туристичка дестинација: „Туристите се сега слободни. Една од девизите гласи ‘одмор без ограничувања'. Во Европа на пример ним им е забрането да се капат, а кај нас можат да се одморат како сакаат.“

Еден од главните двигатели на ваквите видови на дезинформации е националистичката и проруска партија Преродба. Нејзина мета во борбата пртив ЕУ и либералните вредности главно се воведеното евро во Бугарија и трансродовата идеологија, објаснува новинарката Ирина Недева во разговор за германскиот јавен сервид АРД.

Поимот „трансродов“ се сатанизира низ дебатите, истакна претседателката на Асоцијацијата на европски новинари во Бугарија. Кон тоа се надоврзува и погрдниот поим за „геј Европа“ за западна Европа, а исто како и во Русија, ваква непријателска реторика шират различни националистички и популистички политичари, но и претставници на православната црква.

Бугарската новинарка во овој контекст ги потенцира и дебатите околу Истанбулската конвенција, која има за цел да ги заштити девојките и жените од насилство и дискриминација, како и за џиновската кампања на дезинформации што се спроведува во земјата против Конвенцијата. На меѓународниот документ му се припишуваат непостоечки планови како воведување на „трет пол“ и промовирање на истополови бракови. 

Руска пропаганда на министерско ниво 

Сето ова е повод што многу експерти имаат малку оптимизам во поглед на иднината на Бугарија. За време на пандемијата на коронавирус, скепсата кон западните вакцини овде беше посебно изразена, а иако по инвазијата врз Украина, угледот на Путин значително опадна, украинската војска и натаму се претставува како неорганизирана банда на нацисти, кои користат цивили за човечки штитови и вршат воени злосторства против украинските граѓани, за потоа за нив да ја обвинат Русија.

И украинските бегалци се предмет и цел на дезинформации и лажни вести. Дури и министри на тогашната влада ја преземаа пропагандата на Кремљ, според која агресорската војна е само „специјална операција“.

Одделни проекти за проверка на факти, со делумна поддршка од ЕУ и меѓународни фондации, се обидуваат да ја сопрат поплавата на дезинформации. Освен тоа, новооснованото Министерство за електронска управа е првата бугарска инситуција која има активна улога против дезинформациите. Но, експертите во тоа гледаат само први чекори. Истражувачот Стефанов во својата анализа констатираше дека Бугарија е во почетна фаза во запирањето на дезинформации и заштита на јавниот дискурс. Блокирани се илјадници ИП адреси поврзани со руски дезинформации, а со Мета се водат разговори околу ширењето на лажни вести преку Фејсбук, но засега со мал резултат. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи