Може ли Русија да предизвика немири во Бугарија?
21 јануари 2023По повод обемниот текст за Бугарија во германски „Велт“, во кој беше откриено дека владата во Софија под раководство на премиерот Кирил Петков тајно ја снабдувала Украина со муниција и гориво во првите месеци по почетокот на руската агресија, Александар Андреев побара коментар од политички набљудувач кој многу добро ја познава Бугарија - германскиот политиколог Јохана Дајмел.
Како мислите дека оваа публикација ќе влијае на политичката ситуација и јавното мислење во Бугарија?
Написот се појавува во навистина важен момент за Бугарија и за Европа. Храброста и политичката определба на Кирил Петков оставаат силен впечаток на европски размери. Информациите за активна воена помош преку снабдување со дизел и муниција на Украина решително го подобруваат угледот на Бугарија, која во ЕУ досега изгледа прилично невешт поради политичките кризи и корупциските скандали околу Бојко Борисов. Едноставно, нема да им верувате на очите, каква политичка определба е потребна, особено во Бугарија, отворено да се застане против Русија! Бугарија е членка на ЕУ и НАТО, но во исто време е и црноморска земја, многу зависна од снабдувањето со енергија. Да не зборуваме дека преку своите мрежи во политиката, економијата и општеството, Москва врши силно влијание. Токму оваа земја под водство на Петков бара оригинални начини и успева да го сврти расположението во Европа во своја полза. Во секој случај, тоа треба да има влијание врз бугарското општество. До неодамна се чинеше дека земјата повторно ќе се врати на партиите на статус кво и на Бојко Борисов, но написот во „Велт“ дава надеж дека ќе продолжи со проевропскиот курс на Кирил Петков.
Во Бугарија повторно ќе има избори - веројатно веќе во март. Дали гледате некаква врска меѓу публикацијата и овој факт?
Секако дека е близу до умот. Претседателот Румен Радев на БСП му го врачи третиот мандат за формирање влада. И претседателот и БСП се сметаат за пријателски настроени кон Русија, а оваа нивна ѕвезда, според мене, веќе заоѓа. Поранешниот генерал-мајор и сегашен претседател Радев се спротивстави на помошта за земја која беше подложена на брутална воена агресија. Спротивна позиција зазеде дипломецот на Харвард Петков, кој и помогна со муниција и дизел гориво на Украина во одбраната. Целосно се согласувам со она што го рече Петков: „Покажавме дека светот е можен без зависност и страв од Русија“. Многу се надевам дека оваа публикација ќе им помогне на бугарските гласачи, од кои многумина западнаа во политичка апатија како резултат на постојаната политичка криза и бројните предвремени избори, дека ќе ги разбуди и ќе им даде позитивен импулс да го дадат својот глас за проевропските партии и конечно да пресуши политичкото мочуриште околу Борисов-Гешев-Доган итн. Се надевам дека подоцна и на локалните избори ова ќе и помогне на земјата да излезе од замката на статус кво партиите кои длабоко навлегоа во системот.
А, како ќе реагира Москва и како ќе реагира Европа на оваа нова информација за многу активна улога на Бугарија во поддршката на Украина?
Во Софија штотуку имаше дискусија за влијанието на Москва, од која стана јасно дека Русија ги користи сите средства за да шири пропаганда во Бугарија. Опасноста од саботажа и субверзивни акции на Руската Федерација против Бугарија, вклучително и против нејзината воена и вооружена индустрија, продолжува да постои. Руските власти го ставија на листа на потрага истражувачкиот новинар Христо Грозев.Сајбер нападите и дезинформациите се секојдневие. Може да стане уште полошо: Москва и нејзините лојални следбеници во Бугарија би можеле да предизвикаат политички немири и насочена дестабилизација. Затоа ЕУ и НАТО мора да ги искористат сите сили за политички и воено да го обезбедат грбот на Бугарија. Во најмала рака: прифаќањето на земјата во Шенген зоната треба повторно да биде на дневен ред.
Јохана Дајмел е член на Одборот на директори на Друштвото за Југоисточна Европа и независен политички аналитичар на теми поврзани со земјите од Југоисточна Европа.