1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стево Пендаровски: Во четврта битка за европска Македонија

18 април 2024

Портрет Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ: Уверен е дека за државата се клучни две работи: одржување на стабилни меѓуетнички односи и продолжување на европската интеграција.

https://p.dw.com/p/4ekCk
Стево Пендаровски Претседател СДСМ Македонија
Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМФотографија: Boris Georgievski/DW

Беше советник на двајца поранешни претседатели, а пред пет години стана петтиот претседател на државата, со победа во вториот круг како непартиски и консензуален кандидат на СДСМ и на ДУИ. Стево Пендаровски (61) во битката за нов мандат сега ќе се соочи со истиот ривал од претходниот циклус - Гордана Силјановска-Давкова. Овојпат на мегдан излегува без консензуална поддршка, но со минат труд кој го препорачува како еден од фаворитите.

Најавува „четврта битка за европска Македонија“ по онаа од 2014 година - кога победата била украдена, по 2016 година - кога било најавено рушењето на режимот, и по третата од 2019 година - кога се потврдила исправноста на избраниот пат. Важи за глаголив, отворен, духовит и срдечен соговорник, претседател чии врати останале отворени за сите. До влезот во претседателските одаи веќе имаше апсорбирано искуство низ повеќе институции - началник на Управата за аналитика и истражување во МВР,  советник за национална безбедност на претседателот Борис Трајковски, претседател на ДИК, советник за надворешна политика на претседателот Бранко Црвенковски, професор на Факултетот по политички науки на „Американ колеџ“ во Скопје, пратеник, Национален координатор за подготовка на РСМ за влез во НАТО...

Како претседател на 20-ти март 2020 година го потпиша Инструментот за пристапување во НАТО, по што РСМ стана членка на најголемата воено-политичка организација во светот. Ги смета за квази патриоти оние кои за 11 години на власт не донеле ниту една „тешка одлука", оние кои агитираат „никогаш Северна“, а од Северна Македонија примаат плати како градоначалници и пратеници, кои никогаш не го осудиле „крвавиот четврток“ (27-ми април 2017), ниту „црниот понеделник“ (24-ти декември 2012).

Уверен е дека за државата се клучни работи две работи: одржување на стабилни меѓуетнички односи и продолжување на европската интеграција. Не наоѓа грешки во одлуките за стратешките прашања, но признава дека имало грешки за одредени политики или кадровски одлуки. Најголемото потфрлање го лоцира во „застанувањето на половина пат“ при реализација на клучниот слоган „нема правда, нема мир“. Не се смета за безгрешен, но посочува дека никогаш немал лоша намера кон никого, никогаш не учествувал во валкани кампањи против опонентите, никогаш за себе или за најблиските не побарал посебен третман. За своја морална обврска го смета застапувањето на ставовите на маргинализираните, оштетените од неправди и невидливите чиј глас не допира до институциите. 

Интервју на Пендаровски за ДВ

Значаен белег на неговиот мандат даде и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска, доктор на стоматолошки науки, која придонесе во адресирање на проблеми од областа на здравството, работа со лица со попреченост, подигнување на свеста за одредени болести... Заедно со сопругата активно донираа од личните примања на граѓани кои имаат потреба од материјална помош. Од денот кога платите на избраните и именуваните лица се зголемија за 78%, Пендаровски до март донирал над 500.000 денари за лекување на сограѓани овде и во странство, за образовни алатки – учебници и компјутери за ученици, поддршка за матуранти, плаќање на режиски трошоци и други средства за социјално ранливи граѓани. 

Помошта и лекот за македонското општествено секојдневие Пендаровски го гледа во нужноста државата да остане на патот на европските интеграции. Неговата програма е составена од пет клучни столба: Глас на граѓаните - заштитник на правата и слободите; Промотор на младите ранливите и маргинализираните заедници; Заштитник на демократијата и соработката меѓу заедниците во македонското општество; Борба за правна држава ослободена од канџите на организираниот криминал и корупција; и Европска интеграција како двигател на целосната трансформација.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи