1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стара идеја - нови полемики околу изборот на претседател

ДТЗ
19 април 2024

ДУИ го поставува изборот на претседател во Собранието како услов за формирање Влада, додека Димитар Ковачевски смета дека претседателот треба да се бира на непосредни избори.

https://p.dw.com/p/4evjH
кампања
Претседател треба да се бира на избори или во Собрание?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Полемиките околу тоа дали претседател треба да се бира во Собрание или на непосредни избори ја одбележаа и овогодишната кампања за претседателските избори во Северна Македонија коишто ќе се одржат на 24 април. ДУИ го поставува изборот на претседател во Собранието како услов за формирање Влада, додека првиот човек на СДСМ, Димитар Ковачевски смета дека „во текот на кампањата се кажуваат многу работи“, но дека нивниот став е јасен уште од 2019 година - а тоа е дека претседателот треба да се бира на непосредни избори. 

Зошто треба да се бира на непосредни избори?

„Претседателот на државата треба да се бира на непосредни избори, бидејќи претседателот на државата треба да биде независна интегритетна фигура која што ќе биде коректив на политичките партии, кој ќе ги претставува сите граѓани, а не да ги претставува политичките партии“, потенцираше Ковачевски во интервју за агенцијата МИА. 

Тој смета дека овој начин на избор е најдобар избор за претседател и така и ќе продолжи да биде и во иднина. Изборот на шеф на државата на непосредни избори, вели тој, е потребен затоа што претседателот на работите во државата гледа од пограѓански аспект. 

„Со претседателот Стево Пендаровски сме имале прашања за кои не сме се согласувале. Тоа можеби мене не ми било многу драго, меѓутоа сум го почитувал неговото мислење со оглед на тоа што тој своите одлуки ги носи врз основа на едно пошироко гледање на работите, од многу пограѓански аспект, а не од дневно-оперативен менаџмент, како што функционира Владата. Затоа сметам дека овој начин на избор е најдобар“, вели Ковачевски.

Димитар Ковачевски
Изборот на шеф на државата на непосредни избори е потребен затоа што претседателот на работите во државата гледа од пограѓански аспект. Фотографија: P.Stojanovski /DW

Стара идеја која што повторно се отвoра

Идејата на ДУИ за изборот на претседател на државата да се врши во Собранието не е нова и датира од нивните програми од 2016 и 2020 година. Лидерот на партијата, Али Ахмети смета дека изборот на шеф на државата, но и негов заменик во парламентот со двотретинско и Бадентерово мнозинство, би создал стабилност и зближување на граѓаните. Со овој чекор партијата мисли дека ќе се заштедат и пари од буџетот.

Високиот партиски функционер, Артан Груби, на почетокот на април, во интервју на ТВ Сител рече дека гласовите на ДУИ во вториот круг ќе одат за онаа партија која ќе прифати претседателот на државата во иднина да се бира во Собранието. 

„Ние имаме многу јасен став и тоа го кажа и господинот Ахмети, а тоа е и во нашата програма - бараме претседателот да се бира во Собранието со двотретинско мнозинство плус Бадентерово мнозинство, што би обезбедило и општествен консензус што би можел да биде злоупотребен од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ заедно, кои можат да ги надгласаат другите заедници затоа што заедно имаат 80 пратеници. Затоа, за да се обезбеди волјата и на другите заедници, наметнуваме решение со Бадентерово мнозинство. Тоа е условот за коалицирање во вториот круг ако Османи не влезе во вториот круг“, рече Груби.

ДУИ
Гласовите на ДУИ во вториот круг ќе одат за онаа партија која ќе прифати претседателот на државата во иднина да се бира во Собрание, вели ГрубиФотографија: DW/P. Stojanovski

Симулација на „Европскиот фронт“

„Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, на почетокот на кампањата за парламентарните избори коишто ќе се одржат на 8 мај, дури направи и симулација на конститутивната седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се случувало ако победат на парламентарните избори. На оваа симулациска седница, едногласно со 120 гласа беа изгласани уставните измени согласно Договорот за добрососедски односи и уставните измени со кои претседателот на државата би се избрал во Собранието со двотретинско и Бадентерово мнозинство. На оваа седница беше „инаугуриран“ Бујар Османи за шеф на државата. Зијадин Села, пак, беше „избран“ за претседател на Собранието.

Како трета точка на дневниот ред од оваа симулациска седница беа предложени и усвоени уставните амандмани со кои бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ ќе станат дел од македонскиот Устав.

Тема за партиски митинзи

Но, Ковачевски ѝ порача на партијата на Ахмети дека „тоа што ДУИ смета дека мора да се прави, тие тоа може да си го кажуваат на нивните митинзи“. „Суверено право е на демократските институции, а тоа е парламентот во овој случај да одлучува за тоа како ќе функционира државата. Ние имаме уставно уредување во кое што претседателот на државата се бира од страна на граѓаните“, вели Ковачевски.  

Неодамна и кандидатот за претседател, лидерот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски се изјасни дека е против бирање на претседател во Собранието. „Претседателот на државата, неговата сила и функција мора да извира од граѓаните. Ако извира од партиите, тие и ќе му ја земаат силата“, рече Јакимовски во гостување во „360 степени“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема