„Трка за Водно“: Расте бројот на кандидати за претседател
22 февруари 2024Министри, пратеници, професори и тројца градоначалници влегуваат во трката за избор на претседател во Северна Македонија. Изборите се закажани за на 24 април, а досега повеќемина кандидати пројавија амбиции за оваа висока позиција. Ден пред да започне рокот за собирање потписи за претседателските кандидати, партиите ги обелоденија имињата на своите фаворити.
Претседателот Стево Пендаровски веќе е извесно дека ќе се обиде да ја добие довербата на гласачитеза втор мандат, откако СДСМ застана зад неговата кандидатура. Како и на изборите во 2019 година, негова противкандидатка ќе биде професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова, засега единствената кандидатка која се пријавена на јавниот оглас на ВМРО-ДПМНЕ.
„Женска димензија во политиката“
На изборите ќе има две жени кандидатки за претседател. Професорката Гордана Силјановска Давкова најави дека е време за„женска димензија во политиката“. Вели дека нема да биде републикански монарх, туку ќе се однесува кон граѓаните како кон луѓе, индивидуи, припадници на различни заедници. Доколку стане претседателка, нејзините кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд и во Судскиот совет, а амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност.
Втората кандидатка е професорката Билјана Ванковска.Ова не е прв обид на професорката Билјана Ванковска да влезе во претседателската трка. Овојпат оди на избори со Левица, при што порача дека нема да биде политичка манекенка или случаен минувач во политиката.
Двајца кандидати од албанскиот блок
Во трката за претседател влегува и шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, по одлуката на ДУИ да одат на изборите со свој кандидат. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска од Мала Речица порача дека Османи „се има докажано на домашната и меѓународната сцена и победи во битката против Русија“, а исто така беше дел од екипата за уставните измени, членството во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
На изборите ќе има уште еден кандидат Албанец за претседател - Европскиот сојуз за промени „типува“ на Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците.
„Среќата“ на пролетните претседателски избори ќе си ја испробаат и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој ја доби поддршката од неговата партија ГРОМ. Максим Димитриевски,пак, ќе биде кандидат за претседател на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија. Покрај нив, уште неколкумина кандидати најавија дека ќе собираат потписи за кандидатура.
Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува во петок на 23 февруари и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК). Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците. Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг од изборите е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.