Срби и Хрвати: Секој има своја суверена „Бура“
5 август 2022По повод 27-годишнината од хрватската воено-полициска акција „Бура“ („Олуја“), на двете некогаш завојувани страни, поврзаните визии за тој настан повторно се артикулираат. Поточно, дополнително се зацврстуваат во спротивставени и до денес непомирливи позиции. Хрватите ја доживуваат „Бура“ речиси во дует како еднозначен ослободучаки потфат и конечна победа по четиригодишната војна и српската окупација на голем дел од земјата. За Србите, пак, тоа не значи само пораз, туку и општ егзодус на огромното мнозинство од нивниот народ од Хрватска.
Од двете страни во поголемиот број случаи и натаму се зборува главно за воените злосторства на другите, без подготвеност за соочување со сопствената вина. Претставниците на хрватските Срби во меѓувреме остварија релативно успешна политичка соработка, односно коалиција со владеачката партија ХДЗ во рамки на Владата на Хрватска, но односот меѓу двете држави, Хрватска и Србија, во последните години не бележи напредок. Напротив, ретко кога во овој век бил толку напрегнат. Притоа би требало да се спомене дека сѐ поголемата глобална криза, економската и безбедносната, овој конфликт во најмала рака го поттикнуваат и го одржуваат на сила.
Трајна легитимација на националните елити
„Она што луѓето на подрачјето на поранешна Југославија наизглед го раздвојува, нивните меѓусебно спротиставени национализми, во суштина ги обединува - можеби уште поефикасно отколку поранешната, заедничка држава“, смета Борис Буден, теоретичар и публицист кој живее и работи во Берлин и на Корчула. Тој смета дека меѓу Хрватска и Србија завладеал дух на доминација и на експлоатација кои се храни и постојано се обновува со непомирливите разлики.
„Затоа е илузорно да се очекува дека тие некогаш ќе пронајдат заеднички јазик во својот однос кон заедничкото минато. Напротив, нивните взаемно исклучиво историски наративи се траен извор за легитимизирање на нивните политички елити. Овие националистички елити, кои стигнаа до власта со ветување за апсолутна сувереност, таа сувереност веднаш по осамостојувањето засекогаш ја прокоцкаа“, констатира Буден, додавајќи ја воедно и проценката оти ниту една поранешна југословенска нација не е ниту денес, ни економски, ни политички, а ни културно, посуверена отколку што била во југословенската федерација. „Овој факт, овој колосален историски дебакл на нашите националисти“, констатира тој, „меѓутоа, не ги делегитимираше во очите на нивните изборни бази“.
Повеќе: Нов почеток во односите меѓу српскиот и хрватскиот народ?
На прашањето зошто изборните бази на владеачките елити и натаму релативно се нечуствителни на таквата состојба, барем во гласачкиот израз, Буден одговара дека тоа е затоа што таа сувереност, реално е загубена во актуелната реалност, секогаш можат да ја компензираат во минатото.
„Секој има своја суверена „Бура“, своја суверена Сребреница, своја суверена Втора светска војна. Секој е суверен на своето минато. На нација без иднина тоа и е повеќе од доволно“, заклучува Биден.
Активно инсистирање на непомирливите разлики
Филозофот од Осијек Јарослав Пецник, некогашен пратеник на Хрватските лабуристи во Саборот, укажува на преовладувачкиот модел со два „паралелни универзуми“ кога станува збор за државните политики - додека „обичните луѓе“ редовно комуницираат меѓу себе, често дури и исклучително успешно. За тоа, според негово мислење, не се зборува доволно во јавноста. „Тоа едноставно не е во интерес на владеачките групи и слоеви, туку за нив тоа претставува опиплива закана за одржување на моќта над народите.“ Поради таквата косталација, вели, на номенклатурите на власт вземното заплашување им е сѐ уште во интерес, па тие по тоа се и меѓусебно многу слични.
Тој е уверен дека таквиот пристап кон „Бура“ уште долго ќе им одговара на националните елити во двете земји. „Во нивните реакции се гледа дека таквите разлики им користат како излез за нужда од секоја деликатна ситуација која инаку со тоа нема врска. Ако би се сакало поинаку, не би сме губеле од вид оти историјата и културата ни нудат далеку поквалитетен однос меѓу Хрватите и Србите, отколку проблемите. Но, националните и националистичките раководства не знаат што со тоа, тоа не ги интересира“, вели Пецник.
Брзи поени кај залудената јавност
Тој набројува и некои понови примери: повремено глорифицирање на усташството во Хрватска и незаинтересираноста за соработка со соседите, како и тенденцијата на Србија лесно и тенденциозно да ја идентификува Република Хрватска со НДХ.
„Србија притоа со задоволство ги потенцира несогласувањата со Косово“, вели Пецник, „што е, исто така, индикативно. На сето тоа властите собираат брзи поени кај залудената јавност, а ни тамошните медиуми, чест на исклучоците, не сакаат да ја проблематизираат улогата на своите власти кон Хрватска, како некогаш, така и денеска. Поразувачки е тоа, нас, сите заедно, сѐ уште можат да нѐ искористат како адут во своите игри и за својот статус. Кога и да им е потребно - сѐ додека сме вака разделени, без конструктивна комуникација“, заклучува Пецник.