Нов почеток во односите меѓу српскиот и хрватскиот народ?
4 август 2020Потпретседателот на владата на Република Хрватска, Борис Милошевиќ (Самостојна демократска српска партија) ќе учествува на 5 август на прославата на 25-годишнината од воената операција Бура во Книн. Министерот за одбрана Томо Медвед (ХДЗ) ќе положи венец за српските жртви на 24 или 25 август.
За оние на кои не им се познати приликите во Хрватска, веста може да звучи како досадна протоколарна информација, но станува збор за симболичен пресврт во соочувањето со минатото кој ако има политичка мудрост може да прерасне во намалување на тензиите меѓу мнозинскиот хрватски и малцинскиот српски народ во Хрватска.
Две страни, различни доживувања
За Хрватите, посебно за оние кои на почетокот на деведесеттите години беа протерани од т.н.Српска Краина, операцијата Бура е круна на војната во која беше поразена големосрпската политика олицетворена во парадржавата на нивна територија. Легалноста на оваа воена операција е потврдена и во Хашкиот трибунал каде беа ослободени од обвинението генералите кои ја предводеле; Анте Готовина и Младен Маркаќ.
Од друга страна, за српското население кое тој август 1995 година избега пред доаѓањето на хрватската војска, Бура претставува почеток на крајот, рушење на колку-толку нормалниот живот и траумата на бегалците која ја доживеаа стотици илјади лица од некогашна Југославија. Со бројот на избеганите српски цивили и припадници на српската паравојска се лицитира до ден денешен, во зависност од тоа која страна ги презентира бројките се од 90.000 до 250 илјади лица. Освен тоа хрватската политика и воениот врв не успеаа да го спречат грабежот и палењето на т.н.Краина кои се случија по големата победа.
Според податоците кои ги објави Документа, центарот за соочување со минатото - за време на траењето на операцијата Бура и во следните 100 дена, припадниците на хрватската армија (или вооружани лица во воени, односно полициски униформи) усмртија повеќе стотици, а според податоците на хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права, најмалку 410 цивили, иако не пружале отпор. Запалени се повеќе од 22 илјади куќи. Во Грубори се убиени шест српски цивили, а за нивната смрт не одговарал никој. Најстариот од нив имал 80 години.
Пуповац не доаѓа
За воља на вистината, хрватските претседатели, од Стипе Месиќ преку Иво Јосиповиќ до Колинда Грабар-Китаровиќ, повеќе пати изразиле осуда и жалење поради српските жртви, но политиката се трудеше да ја маргинализира оваа приказна. Истовремено, сигналите кои доаѓаа од Белград, а за кои големосрпската политика и страдањата на Хрватите пред 5 август речиси и да не постои, не помагаа во помирувањето на Хрватите и Србите.
Хрватската десница веќе со години сака во Книн да дојде главниот политички претставник на Србите во Хрватска, Милорад Пуповац, јавно велејќи дека тоа ќе биде полезно за општеството.
Со оглед дека Пуповац кај овој дел од гласачкото тело е јасно означен како послушник на Белград и „дежурен виновник" во Хрватска, тоа интимно би имало вкус на уште една, веројатно и конечна победа со понижување на „противникот".
Не треба да се заборави дека традиционалната книнска прослава воедно е и неформална бина за хулигани и ликови кои шират омраза, и кои не доаѓаат да ја слават големата воена победа, туку српскиот пораз, па за оваа пригода пејат песни и носат симболи на Независната држава Хрватска.
Но, тоа мудро беше избегнато, бидејќи во владата на Пленковиќ како потпретседател не влезе Пуповац, туку Борис Милошевиќ, релативно нов лик од СДСС кој не го носи товарот на својот партиски шеф.
И самиот Пленковиќ никогаш не зборуваше дека токму Пуповац треба да дојде во Книн, туку дека би сакал таму да биде целата негова влада, за што има поддршка и од претседателот Зоран Милановиќ.
„Тоа е двострана слика на која морам така да гледам. Не можам да ги заборавам и да прејдам преку невините цивилни жртви, запалени куќи, егзодус на населението. Тоа е дел од мојот идентитет," изјави Милошевиќ за Н1 телевизија само неколку дема пред одлуката за одење во Книн.
Многу веројатно таму ќе го пречекаат и провокатори кои во изминативе години ги исвиркуваа поранешниот претседател Иво Јосиповиќ (СПД) и актуелниот претседател, а тогашен премиер, Зоран Милановиќ (СПД).
„Ако моето доаѓање е гест, мојот желудник може да подне различни гестови за кои сметам дека би го подобриле статусот на мојата заедница," рече Милошевиќ.
Операција на одвојување на победата од злосторствата
Дваесетина дена потоа во Грубори на српските жртви ќе им се поклони министерот на бранителите Томо Медвед. Бригадниот генерал на хрватската војска, три пати ранет во борбите, со ова несомнено ќе предизвика негодување кај дел од бранителите кои нема да ја препознаат можноста за подобро утре за следните генерации.
Треба да се напомене дека Злосторот во Грубори се случил на 25 август 1995 година, во операција на чистење на теренот воочи поминувањето на возот на слободата за Сплит во кој беше и првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман. Тоа е релативно оддалечен датум од 5-ти август, кој на дипломатски вештиот премиер Пленковиќ му овозможува јасно да ја одвои Бура од злосторствата извршени за време и по неа, што е и официјале став на хрватската влада.
Милорад Пуповац (СДСС) пак порачува дека последната порака за мир е изговорена од Анте Готовина, откако Хашкиот Трибунал го ослободи од обвинението за воени злосторства во Бура.
„Војната е готова. Да се свртиме кон иднината," им рече тогаш Готовина на граѓаните кои го пречекаа на главниот загрепски плоштад.
Хрватските граѓани, во изминативе осум години не го послушаа - но сега ќе добијат нова шанса.