1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бура“ и размената на шлаканици со невините жртви

Андреа Јунг-Грим
5 август 2020

Потребни беа 25 години и големи рокади на хрватската политичка сцена за да се создадат услови за доаѓање на Милошевиќ во Книн. Тоа е добра вест, да не беше размената на шлаканици со невините жртви, смета Андреа Јунг-Грим

https://p.dw.com/p/3gR8j
19. Jahrestag Operation Oluja in Knin
Фотографија: picture-alliance/dpa/Hrvoje Jelavic/PIXSELL

За некои неговиот чекор е преголем, за некои премал. Откако е објавено дека потпретседателот на хрватската влада од редовите на Самостојната демократска српска партија (СДСС), Борис Милошевиќ, ќе учествува во одбележувањето на 25-годишнината од воено-полициската операција „Бура“, следуваше бран апсурдни критики од сите страни.

За многу Срби, како и за Александар Вучиќ и Милорад Додик, тој со своето доаѓање во Книн „го легитимира етничкото чистење“. Истовремено, многу Хрвати му го забележуваат токму спротивното - тоа што не рекол јасно оти операцијата „Бура“ не била етничко чистење.

Но, за среќа, има и голем бран позитивни реакции.

Флоскула која не е тоа

По објавувањето на приказната на Милошевиќ за семејните воени страдања, како и воените сеќавања на неговата колешка од партијата, пратеничката во Саборот, Ања Шимпрага, следуваше своевидна размена на шлаканици со жртвите.

Чија жртва е поголема? На секоја болна приказна од едната страна, следуваше уште поболна од другата страна. Зашто, личната болка е неизмерна. И затоа на такво натпреварување со големината на жртвата му нема крај.

DW 60 Jahre Mitarbeiter Statements Andrea Jung-Grimm
Андреа Јунг-ГримФотографија: DW

Но, освен што ги раскажаа своите лични приказни, и Борис Милошевиќ и Ања Шимпрага рекоа нешто уште поважно: дека сакаат да се залагаат за подобра иднина. Звучи како уште една во низата политички флоскули, но по оваа би можеле да следат и конкретни дела. На крајот на краиштата, во Хрватска, според официјалните податоци, се вратиле повеќе од стотина илјади избегани Срби, кои сакаат нормален живот за себе и за своите деца.

За големото мнозинство граѓани на подрачјето на бивша Краина од националната припадност многу поважни се веројатно работи кои за нас „од надвор“ се банални - како што е приклучок за вода и струја. Па и од самиот Книн од година во година се слушаат обвиненија на тамошните жители дека сите се сеќаваат на нив само на годишнината и дека политичарите инаку малку се интересираат за „хрватскиот кралски град“, како што милуваат да го нарекуваат во своите важни, јубилејни говори.

Поместување од десниот агол кон центарот

А по Милошевиќ во Книн, на 24 август, внимателно ќе следиме еден друг голем момент во хрватско-српските односи. Тогаш Томо Медвед, потпретседател на хрватската влада и министер за бранителите од редовите на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), ќе замине во селото Грубори и таму ќе положи венец за настраданите српски цивили. И, повторно тоа за некои ќе биде премногу, а за некои - премалку. Зашто во Грубори по „Бура“ се убиени „само“ шест српски цивили. А, во текот на војната од хрватска страна на многу места имало многу повеќе жртви. Но, Грубори не се симбол на тие шест поименично наведени Срби, туку се симбол на страдањата и смртта на сите невини цивили на српска страна. Тие заслужуваат пиетет, исто како и невините хрватски жртви.

Тие два настана - и Милошевиќ во Книн, и Медвед во Грубори - будат голема надеж за значително поместување во досега зацементираните хрватско-српски односи. Таа надеж е оправдана, зашто е резултат на големите рокади на хрватската политичка сцена за кои сигурно во добар дел е заслужен премиерот Андреј Пленковиќ (ХДЗ). Откако успешно се пресмета со радикалите во сопствените редови и надмоќно победи на внатрепартиските избори, многумина беа изненадени од изборот на коалициски партнери. Меѓу другите, се одлучи и за СДСС, а не за, на прв поглед идеолошки поблиското, Татковинско движење на Мирослав Шкоро. Со тоа создаде услови за поместување на ХДЗ од десниот агол кон центарот.

Но, да се вратиме на почетното прашање: дали чекорот на Милошевиќ е преголем или премал? Ниту едното ниту другото. Тоа во овој момент е едноставно чекор во вистинска насока. Само важно е сега тој чекор да не остане и единствен.