Шолц во тешка посета на Ердоган
19 октомври 2024Затегнати и оптоварени или полни со доверба и солидни? 100 години по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Германија и Турција, речиси е невозможно односите меѓу двете земји да се доведат до една дефиниција. Ако го прашате политикологот Јенс Бастијан од Центарот за применети турски студии CATS, тој зборува за „бројните нијанси“ кои ја обликуваат сликата. „Тоа не може да се опише само на ниво на владините елити во Анкара и Берлин. Турската заедница во Германија е важен фактор во билатералните односи, било да е тоа политички, економски, културен или спортски“, анализира Бастијан за ДВ.
Германија со години се смета за најважен трговски партнер на Турција и најзначаен странски инвеститор во оваа земја. Повеќе од три милиони луѓе со турско потекло живеат во Сојузна Република Германија. „Вклучувајќи деловни асоцијации и индивидуални компании, функционира локалната политичка размена во градските партнерства“, вели Бастијан.
Раздор на највисоко политичко ниво
Сосема поинаква е ситуацијата на владино ниво. Преглед: На почетокот на јули 2024 година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган седеше една вечер на трибините на Европското фудбалско првенство во Берлин. Канцеларот Олаф Шолц (СПД) не се појави.
Веројатно и затоа што тоа беше во екот на дипломатски скандал. Турски репрезентативец на теренот го покажа „волчјиот поздрав“, симбол кој го означува десничарското екстремистичко „Движење Улкуџу“ - попознато како „Сиви волци“. Политичкиот огранок на движењето, МХП, не само што седи во турскиот парламент, туку е и партнер во коалицијата на партијата АКП на претседателот Ердоган.
Несогласувања - особено околу Израел
Неколку германски политичари револтирано реагираа на „волчјиот поздрав“. На амбасадорите им беше врачен демарш, а Турција ја обвини Германија за ксенофобија. Ердоган затоа спонтано долета во Берлин за да го покаже своето присуство на натпреварот на турскиот тим.
И претходно имаше несогласувања. За време на неговата посета на кабинетот на канцеларот - само неколку недели пред Хамас да го нападне Израел на 7 октомври - Ердоган отворено зазеде став против Израел. Тој ја обвини земјата за „фашизам“ и за вршење „воени злосторства“.
Блискиот Исток е и останува контроверзна тема
Олаф Шолц мораше да го слуша својот гостин како го опишува Хамас како „ослободителна организација“ и да тврди дека Германија има „психолошко чувство на вина“ кон Израел.
Шолц остана смирен. Премногу тивок, како што подоцна проценија критичарите. „Не е тајна дека имаме различни, понекогаш многу спротивставени ставови за актуелниот конфликт“, рече тогаш канцеларот. „Затоа мора да разговараме, посебно во тешки моменти мораме да разговараме директно".
Германија и Турција си требаат една на друга
Двајцата државници сега ќе се сретнат во Истанбул на 19 октомври. Политикологот Хурџан Асли Аксој е убедена дека има многу теми за разговор. „И покрај спротивставените позиции во конфликтот на Блискиот Исток, меѓу Анкара и Берлин постојат заеднички интереси во многу други области“, анализира шефицата на CATS на прашањето на ДВ .
Портпаролот на сојузната влада како теми кои ќе бидат на маса ги издвои миграцијата, војната во Украина и прашањата за економската политика. Турција одигра голема улога во враќањето на украинското жито на светскиот пазар преку Црното Море. Со недели се зборува за формирање меѓународна контакт група која ќе бара начини за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина. Во неа треба да биде вклучена и Турција.
Германската влада постојано нагласува дека Турција мора да биде вклучена во европската политика на санкции против Русија. Јенс Бастијан исто така смета дека ова е важно. „Канцеларот Шолц, треба јасно да да ги истакне условите доколку претседателот Ердоган има за цел да ја модернизира царинската унија меѓу ЕУ и Турција."
Договор за азил меѓу Берлин и Анкара?
Кога станува збор за миграцијата, Шолц сигурно ќе се осврне на прашањето како повеќе одбиени турски баратели на азил може да бидат депортирани во Турција. Кога станува збор за земјите на потекло на барателите на азил во Германија, Турција е на трето место по Сирија и Авганистан.
Најголем дел од одбивањата ги погодуваат Курдите, вели политикологот Хурџан Асли Аксој. „Се зборува за договор за азил меѓу Берлин и Анкара. Неделно би можеле да бидат депортирани до 500 лица кои бараат заштита.“ Сепак, за тоа нема официјална потврда од турска страна. Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер неодамна зборуваше за депортациите: „Работиме на тоа и сигурна сум дека ќе можеме да пријавиме одреден напредок таму во следните неколку недели“.
Грција и Турција соработуваат на границата
Според политикологот Јенс Бастијан, договорот за бегалците што ЕУ го склучи со Анкара во март 2016 година веќе нема да игра голема улога во иднина. Во суштина беше предвидено барателите на азил кои нерегуларно пристигнале во Грција преку Турција да бидат вратени во Турција. Досега ЕУ ѝ плати на Анкара речиси десет милијарди евра за згрижување на бегалците во Турција. Таму живеат 3,6 милиони сириски бегалци.
Иако мигрантите и бегалците продолжуваат да се обидуваат да стигнат до Грција, бројот е намален. Бастијан ова го припишува на фактот што граничните власти на Турција и Грција сега соработуваат билатерално. „Сè на сè, ми се чини дека кога станува збор за прашањата за миграцијата и бегалците, фокусот е на билатералните договори, а не на постигнување нов 'договор со Турција' на ниво на ЕУ."
Турција сака да купи авиони Еурофајтер
Тема која секако ќе има улога на средбата меѓу Шолц и Ердоган е и извозот на оружје. Турција сака да ги модернизира своите воздухопловни сили со 40 борбени авиони Еурофајтер. Бидејќи ги произведуваат Германија, Шпанија, Велика Британија и Италија, сите четири земји мора да се согласат за купувањето. Засега зелено светло дадоа само Шпанија и Велика Британија.
„Нашиот сојузник во НАТО Германија, се разбира, исто така мора да преземе решителни чекори нанапред, на пример кога зборуваме за вооружување, индустрија и извоз“, рече Ердоган во Берлин кон крајот на 2023 година. „Ова мора да се овозможи без пречки“. Но, Шолц го одби тоа.
Повторно извоз на оружје во Турција
Германскиот извоз на оружје во Турција беше значително ограничен во 2019 година по турската воена офанзива во северна Сирија. Во меѓувреме, владата треба да го прекине рестриктивниот курс. Магазинот „Шпигел“ пишува дека во септември 2024 година биле одобрени испораки на оружје во вредност од најмалку 236 милиони евра, вклучително и ракети за противвоздушна одбрана и торпеда.
Политикологот Хурџан Асли Аксој претпоставува дека и Германија сега ќе даде зелено светло за Еурофајтер. Сега и двете влади се чини дека се приближија по многу прашања од политиката за вооружување, така што Турција ќе продолжи да добива европски борбени авиони“. Сојузната влада засега е воздржана. Владиниот портпарол изјави дека не може да ги предвиди разговорите. „Но, се разбира, секогаш можете да очекувате нешто ново кога канцеларот ќе го посети турскиот претседател.“