1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваГлобално

Смртна казна: Драстично зголемен број на погубувања

Матијас фон Хајн
16 мај 2023

Најмалку 883 лица се егзекутирани во 2022 година, наведува организацијата Амнести интернешнал, што е повеќе отколку во последните пет години. Посебно многу луѓе се погубени во Иран и во Саудиска Арабија.

https://p.dw.com/p/4RMkm
смртна казна
Зголемен број на погубувања во светотФотографија: Yahaya Arhab/dpa/picture-alliance

На Хелге Лимбург 7 јануари уште му врежан во сеќавањето. За пратеникот од Зелените во Бундестагот тој бил „ден на тага и бес“, ден кога бил погубен Иранецот Мохамед Мехди Карими. Шампионот во карате имал само 22 години кога е „убиен зашто не постоел соодветен правен процес“, вели Лимбург за Дојче веле.

Хелге Лимбург не го познавал лично Мохамед Мехди Карими, но презел грижа за младиот Иранец. Како политички чин, од солидарност со демократското движење во Иран, а пред сѐ надевајќи се дека неговиот ангажман ќе го спречи погубувањето на Карими. Без оглед на оддалеченоста и иако немал прилика телефонски да разговара со Карими, Лимбург известува дека се развил личен однос. „Имав повремени контакти со луѓето околу него и се чувствував близок со него. Моето семејство исто така ги споделуваше возбудувањата и страдаше“, вели Лимбург.

Протест во Келн против егзекуциите во Иран
Протест во Келн против егзекуциите во ИранФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Најмногу смртни казни во Иран и Саудиска Арабија

Мохамед Мехди Карими е еден од најмалку 209 луѓе кои се одведени на бесилка во Иран, наведува комесарот на ОН за човекови права, Фолкер Тирк.

Иран е земја со најголем број смртни казни во светот, покажува најновиот извештај за смртни пресуди и погубувања во 2022 година на организацијата за човекови права Амнести интернешнал. Ланската година државата во Иран убила најмалку 576 луѓе, речиси дупло отколку во 2021 година.„Во Иран режимот стравува за својата моќ“, анализира Рената Алт. Политичарката од Партијата на слободни демократи (ФДП) е претседателка на Комисијата на Бундестагот за човекови права и хуманитарна помош. „Затоа е важно со политичко старателство да свртиме внимание на многу затвореници. Во спротивно, веројатно би биле погубени уште повеќе луѓе“, додава Алт во писмената изјава за ДВ.

„Бројот на смртни казни нагло е пораснат и на другата страна на Персискиот Залив - во Саудиска Арабија во 2021 година се погубени 81 лице“, изјави Анјес Каламар, генерална секретарка на Амнести интернешнал при претставувањето на извештајот. Иран и Саудиска Арабија заедно се одговорни за повеќе од 80 проценти од егзекуциите во светот.

смртна казна
Бројот егзекуции значително е зголемен во однос на 2021 годинаФотографија: Westend61/imago

Обесени, стрелани, отруени

Во 2022 година во дваесетина земји се погубени најмалку 883 луѓе, што е повеќе отколку во последните пет години. На некои им се отсечени главите, некои се обесени, стрелани или отруени. Бројот на егзекуции значително е зголемен во однос на 2021 година: покачување на ужасот за повеќе од 300 случаи или преку 50 проценти. А погубувањата во Кина, кои веројатно се бројат во илјади, не се воопшто дел од статистиката: Пекинг го третира бројот на погубувања како државна тајна. Истото важи и за Виетнам. Нема податоци ниту од Северна Кореја, а се верува дека и таму има голем број егзекуции.

Во име на државата луѓе се погубувани и во Јапонија, САД и Сингапур – земји кои Германија сака да ги нарекува партнери. Кога Борис Мијатовиќ, портпарол на Комисијата на Бундестагот за човекови права и хуманитарна помош ја критикува смртната казна пред претставниците на тие земји, често наидува на една од две реакции: „Или моите соговорници се посрамени и со чувство на вина, или настапуваат многу самоуверено во смисла ‘Што ти од Запад сакаш да ми кажеш?“, објаснува за ДВ пратеникот од Зелените во Бундестагот. „Посебно во регионот на Заливот, во Азија или во Северна Америка, каде тоа е многу стара тема, морате да бидете многу внимателни“, додава Мијатовиќ. Тој смета дека германските политичари имаат обврска: „Повикани сме да ја продолжиме дебатата! Посебно во земјите во кои смртната казна не се изрекува само за најтешките злосторства, туку за многу други дела. Како во Иран – ‘злосторства против Бога" – дебатата е многу, многу потребна!"

смртна казна
До крајот на 2022 година вкупно 112 држави ја имаат целосно укинато смртната казнаФотографија: Pat Sullivan/AP/picture alliance

Смрт поради трговија со дрога

Според податоците на Амнести интернешнал, повеќе од третина од сите регистрирани погубувања биле поради трговија со дрога. „Фактот дека некои земји имаат и применуваат смртна казна во редовна кривична постапка е кршење на Универзалната декларација за човекови права и кршење на меѓународното право“, нагласува Рената Алт. Со овие документи категорично се забранува смртна казна за злосторства кои не досегаат до прагот на „најтешки кривични дела“, на пример убиство со предумисла. Претседателката на Комисијата за човекови права исто така е уверена дека погубувањата на злосторници нема одвратувачки ефект. „Тоа не доведува до намалување на бројот на убиства или помал криминал поврзан со дрога“, смета пратеничката во Бундестагот, Рената Алт.

Во целата таа тажна слика постои нешто што е зрак на надеж: уште шест држави во целост или делумно ја укинаа смртната казна во 2022 година. Ситуацијата се промени во Африка: Сиера Леоне и Централноафриканската Република во целост ја укинаа смртната казна, Екваторијална Гвинеја и Замбија во голема мерка, а Либерија и Гана се спремаат да ја укинат. До крајот на 2022 година вкупно 112 држави ја имаат целосно укинато смртната казна. А речиси две третини од сите членки на ОН, односно 125 држави, во декември гласаа за мораториум за примената на смртна казна. Можеби на смртната казна полека ѝ истекува времето.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи