Белорусија воведе смртна казна за велепредавство
10 март 2023Белорускиот властодржец Александар Лукашенко потпиша закон со кој се воведува смртна казна за државни службеници и воен персонал. Казната во иднина ќе важи за лицата кои ќе бидат прогласени за виновни за велепредавство, со што на националната безбедност на Белорусија ѝ нанесле „непоправлива штета“. Толкувањето на ова е оставено на судовите.
Се заоструваат и казните за обичните граѓани. Со затвор во иднина ќе се казнува за „терористичка пропаганда“, „понижување на воените сили“, како и „повреда на прописите за заштита на државна тајна“. Слични репресивни параграфи усвои и Русија по почетокот на инвазијата на Украина.
Белорусија е последна европска земја во којашто сѐ уште се спроведува смртна казна. Смртните казни се спроведуваат со стрелање.
„Заплашување на населението“
Законот доаѓа по нападот на 26 февруари врз руски воен авион во близина на главниот град на Белорусија од страна на белоруски герилци. Лукашенко претходно оваа недела објави дека главниот осомничен, Украинец, како и 20 негови наводни соучесници се уапсени.
Политичкиот аналитичар Валери Карбалевич за Асошиетед прес оцени дека промената на законот доаѓа во време на растечко незадоволство кај народот од режимот: „Властите се принудени да ги затегнат шрафовите и да ја заострат репресијата за да ја задржат контролата врз ситуацијата во Белорусија.“
Најважниот сосед на Русија
Лукашенко е на власт во Белорусија речиси три децении. ЕУ не го признава за официјален шеф на државата од изборите во 2020 година, кои беа обележани со бројни скандали со манипулации. По ова, во земјата имаше масовни протести на граѓани, кои со руска поддршка беа насилно задушени, а 35.000 луѓе беа уапсени.
Лукашенко се смета за зависен од шефот на Кремљ, Владимир Путин. Русија ја искористи белоруската територија за инвазијата на Украина пред една година и продолжува да чува војници и оружје на територијата на својот сосед.