1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Погубен британско-иранскиот екс политичар Акбари

Улрике Кваст
14 јануари 2023

Поранешниот политичар Алиреза Акбари беше осуден на смртна казна поради обвиненија за шпионажа. Тој наводно на британската тајна служба ѝ давал информации за пари. Лондон протестира.

https://p.dw.com/p/4MBn7
Алиреза Акбари (архивска фотографија)
Алиреза Акбари (архивска фотографија)Фотографија: Tasnim

На веб-страницата на иранското правосудство „Мисан онлајн“ е објавено дека смртната казна е извршена денеска (14.01). Иран го товари Алиреза Акбари дека работел за британското разузнавање. Тој беше осуден на смрт за „корупција“ и „загрозување на внатрешната и надворешната безбедност на земјата поради предавање информации“ на Обединетото Кралство. Акбари наводно добил поткуп од 1,8 милиони евра и 50.000 американски долари за издавање тајни.

Акбари постојано ги негираше обвинувањата

На снимката што ја емитуваше Би-Би-Си во средата, Акбари, кој имаше и иранско и британско државјанство, рече дека ги признал злосторствата што не ги извршил откако бил тешко измачуван. Неговата сопруга и брат исто така остро ги отфрлија обвинувањата против Алиреза. Во иранските медиуми кружи информација и дека Акбари имал улога и во убиството на нуклеарниот научник Мохсен Фахрисадех во 2020 година.

Жртва на внатрешна борба за превласт?

Акбари беше заменик министер за одбрана на Иран од 1997 до 2002 година. Министер во тоа време беше Али Шамхани, кој во меѓувреме стана секретар на Советот за безбедност, најважното тело за одлучување во земјата. Помеѓу 2014 и 2015 година, Акбари ја придружуваше иранската делегација на нуклеарните преговори во Виена како воен советник. Тој подоцна водеше приватен тинк-тенк и не е виден во јавноста од 2019 година. Според пишувањата на медиумите, тој бил уапсен таа година.

Али Шамхани (д.) во јуни 2022 година го прими шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел (архивска фотографија)
Али Шамхани (д.) во јуни 2022 година го прими шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел (архивска фотографија)Фотографија: Irna

Набљудувачите сметаат дека е можно смртната казна за Акбари да укажува и на борба за превласт во иранскиот безбедносен апарат. Вистинската цел на хардлајнерите околу претседателот Ебрахим Раиси е да го дискредитираат Шамхани, велат тие. Се вели дека тој го критикувал полициското насилство врз демонстрантите во Иран и се обидел да посредува.

Нејасно е како Акбари, како заменик-секретар за одбрана и воен советник во Советот за безбедност, успеал да добие британско државјанство. На лицата со двојни државјанства во Иран не им е дозволено да извршуваат врвни политички функции.

Британија се заканува со последици

Велика Британија побара од Иран да ја запре егзекуцијата. Премиерот Риши Сунак го изрази својот ужас: „Ова беше суров и кукавички чин на еден варварски режим кој не ги почитува човековите права на сопствениот народ. Моите мисли се со пријателите и семејството на Алиреза“, напиша Сунак на Твитер. Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли ја опиша смртната казна како „политички мотивирана“. Се работи за „бесчувствителен акт“ кој мора да има последици.

Организацијата за човекови права Амнести интернешнел реагираше со згрозеност.

Постојано имаизвештаи за апсења, притворања и егзекуциина Иранци кои се обвинети дека работеле за странски тајни служби. Иранските информации не можат да бидат независно проверени.

По смртта на младата иранска Курдка,Џина Махса Амини, во септември, земјата е потресена од бран протести. 22-годишната девојка почина во неразјаснети околности, откако беше уапсена од т.н. полиција за заштита на моралот поради кршење на строгиот кодекс на облекувањеи беше задржана во полиција. Илјадници луѓе се уапсени во врска со демонстрациите. Досега се погубени најмалку четири лица.