По солото на Орбан, ЕК со бојкот на Унгарија
16 јули 2024Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, реагира на соло потезите на унгарскиот премиер Виктор Орбан во делот на политиката за Украина со одлука за бојкот. Фон дер Лајен најави дека на идните неформални министерски состаноци под водство на актуелното унгарско претседателство на Советот на ЕУ нема да учествуваат комесари, туку само високи функционери. Освен тоа, ЕК се откажува од традиционалната инаугуративна посета кај унгарското претседателство со Унијата, изјави портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.
Орбановата „мировна мисија“
Одлуката на Фон дер Лајен доаѓа по патувањето на Орбан во странство, неколку дена по почетокот на унгарското претседателство со Советот на ЕУ, кое не беше координирано со Унијата. Орбан во Москва се сретна со шефот на Кремљ, Владимир Путини тоа го инсценираше како „мировна мисија“ за решавање на украинскиот конфликт. Потоа отпатува во Пекинг, на разговори со шефот на кинеската држава и лидер на партијата Ши Џинпинг, како и во САД, на средба со поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Патувањата беа дочекани со големо незадоволство во ЕУ, особено затоа што Кремљ беше во можност да ја искористи посетата на Москва за своја пропаганда, како и поради тоа што Орбан на патувањето не ја претставуваше јасно позицијата на ЕУ за политиката за Украина. Европската комисија неколкупати јасно стави до знаење дека Орбан не дејствува во име на Унијата.
Јасни критики дојдоа и од Министерството за надворешни работи во Берлин. „Тоа се унгарски соло напори кои ги примаме на знаење со големо изненадување и скептицизам“, рече портпарол на германското МНР минатиот петок (12.07). Виктор Орбан, се вели во Берлин, на овие патувања зборува исклучиво за себе, а не во име на Европската унија. За можните последици, портпаролот рече дека ќе треба да се види како ќе продолжи унгарското претседателство со Советот: „Тоа веќе предизвика голема штета“.
Некои земји веќе презедоа акција
Како одговор на соло настапите на Орбан на почетокот на претседавањето со Советот на ЕУ, Литванија и Шведска веќе најавија дека привремено нема да испраќаат министри на состаноци во Унгарија. Унгарските дејствија се штетни и мора да имаат последици, изјави актуелната шведска министерка за ЕУ и кандидатка за еврокомесарка, Џесика Росвал. Според Росвал, Финска, Естонија, Летонија, Литванија и Полска сакаат да реагираат слично на унгарските акции.
Покрај тоа, во Брисел во моментов се дискутира дали да се премести во Брисел одржувањето на неформалната средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, која беше планирано да се одржи во Будимпешта. Одлука за тоа би можел да донесе главниот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, на последниот редовен состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ пред летниот распуст следниот понеделник. Тој претседава со состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ и исто така е одговорен за испраќање покани за нив.
Унгарија револтирана од одлуката за бојкот
Владата на Унгарија реагираше револтирано на одлуката на Фон дер Лајен. „Европската комисија не може да бира институции и министри со кои сака да соработува. Дали сите одлуки на Комисијата сега се засноваат на политички размислувања?“, напиша унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока на платформата X.
Непосредно пред гласањето за вториот мандат
Одлуката на Европската комисија доаѓа непосредно пред гласањето за вториот мандат на Фон дер Лајен во Европскиот парламент. Европските партиски семејства, како Социјалдемократите, Зелените и Либералите, во минатото постојано ја повикуваа да заземе поостар курс кон Унгарија. Фон дер Лајен е упатена на гласовите од овој табор.
Унгарија претседава со Советот на ЕУ шест месеци, почнувајќи од 1 јули. Во оваа улога, државата подготвува, меѓу другото, неформални состаноци на кои обично се собираат министрите од соодветни ресори од 27-те земји на ЕУ. На состанокот вообичаено учествува и одговорниот еврокомесар.