1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ со документи од „свиркачи“ бара оставка на шефот на АНБ

ДТЗ
31 октомври 2024

Опозицијата се повикува на документи од „свиркачи“, според кои Бојан Христовски незаконски е назначен за директор на АНБ. Премиерот Христијан Мицкоски бара случајот да не се политизира.

https://p.dw.com/p/4mQzT
Венко Филипче СДСМ
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Документи од „свиркачи“ потврдуваат дека првиот човек на тајната служба, Бојан Христовски е незкаонски поставен на функцијата, посочи лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој од собраниска говорница презентираше документи од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, кои наводно посочуваат дека Христовски не го исполнува главниот услов за да биде директор на АНБ - нема 5 години стаж на раководна позиција.

„Ова се документи доставени до нас од свиркачи. Со малку математика може да се оспори и главниот услов за негово назначување, а тоа е 5 години стаж на раководни позиции, согласно законските услови. Ни тој услов не го исполнува вашиот партиски кадар“, рече Филипче. 

Тој е дециден дека професионализмот мора да се заштити и АНБ да биде во функција на државните интереси, а не на интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Филипче побара Христовски да биде разрешен и да биде назначен нов директор на АНБ. Надлежните институции, според него, треба целосно да го истражат случајот. 

МВР
Филипче побара Христовски да биде разрешен и да биде назначен нов директор на АНБ, а надлежните институции целосно да го истражат случајотФотографија: P. Stojanovski

„Не пет, туку девет години искуство“

Но, премиерот Христијан Мицкоски го тврди сосема спротивното. Според него, Христовски нема пет, туку девет години работно искуство. Тој, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, рече дека националната безбедност не заслужува да биде тема во јавноста, а на опозицијата ѝ порача да не прави политика од овој случај.

„Што се однесува до Бојан и тој што ви ги дал тие податоци, ве носи во длабока дупка, не само што има пет, тој има девет години раководно искуство. Не сакав да бидам на тоа ниво да го спуштиме безбедносниот сектор во државата. Не сакам да разговарам на тоа ниво, затоа што мислам дека националната безбедност не заслужува да биде тема во јавноста“, рече Мицкоски. Тој смета дека постојат институции во државата кои треба да го проверат ова.

Одговорајќи на ова пратеничко прашање поставено од Филипче, Мицкоски вели дека има сертификати од директорите поставени од СДСМ и напомена дека ќе му ги даде на министерот за внатрешни работи за „да допре гласот и до него“.

„Во ред, вие сте решиле да правите политика од ова. Легитимно е од опозиција, но вие мислите дека на тој начин ќе добиете нешто. Но, јас ќе ви покажам сличен сертификат од личност која седи до вас. Знаете колку има вакви сертификати, сакате да ги видите сертификатите за директорите кои што ги назначи СДСМ? Немојте од ова да правите политика“, рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски
Премиерот Мицкоски вели дека националната безбедност не заслужува да биде тема во јавноста, а на опозицијата ѝ порача да не прави политика од овој случајФотографија: Petr Stojanovski/DW

Христовски се најде во центарот на вниманието на јавноста по информациите дека поседува спорен сертификат за англиски јазик издаден во Бугарија. Антикорупциската комисија и Обвинителството го истражуваат случајот. 

Христовски во официјалната биографија навел дека на 26 март 2022 зел ТОЕФЛ-сертификат за англиски од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. 

Во меѓувреме се редат пријави за лажни ТОЕФЛ-сертификати од Пловдив. На 9 октомври годинава, две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор, бидејќи, кога конкурирале за функцијата, како доказ за познавање на англиски јазик приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од истата компанија во ноември и декември 2022. 

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, побара од претседателот на собраниската Комисија за следење на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање да закаже седница на која ќе го викне директорот на АНБ, Бојан Христовски да одговори каде бил на денот на полагањето ТОЕФЛ-тест за англиски јазик во Пловдив.

Билјана Ивановска
„Сите оние кои до раководна позиција дошле со сертификат стекнат во странство нека преполагаат во државата“, вели ИвановскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сите со странски сертификати да преполагаат во државата

Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска смета дека сите кои на раководна позиција дошле со сертификат стекнат во странство да преполагаат во државата.

„Од работа по предмети по кои постапувавме како претходен состав на ДКСК, констатиравме дека не e воспоставен јасен систем на контрола, надзор и верификација на веродостојноста на сертификатите за познавање на странски јазици стекнати во странство, ниту пропишан начин за да се утврди дали едукативните и јазичните центри во странство се членови на Здружението за европски тестатори“, вели Ивановска за за БИРН.

Поради ова, ДКСК дале препорака Министерството за образование да изнајде соодветно решение за полагање на испит за познавање странски јазици, над кое ќе може на соодветен начин да се врши надзор по основ на компетентноста на издавачот и надлежностите при утврдување на веродостојноста на издадените сертификати.

„Можноста да се признаваат сертификати за познавање странски јазик стекнати во други држави, особено тие од соседните земји, Бугарија и Албанија, стана опасен извор на корупција. Сметам дека најефикасен начин за справување со оваа состојба е институциите кои вршат избор и именување на раководни лица да ги признаваат само сертификатите стекнати во акредитирани институции во државата. Сите оние кои до раководна позиција дошле со сертификат стекнат во странство нека преполагаат во државата. Кој нема да го положи испитот, нека сноси целосна одговорност“, вели Ивановска.