Скопје нема да добие ниту брз превоз ниту еко-автобуси
29 август 2024Скопјани нема да добијат ниту брз автобуски превоз (БРТ) ниту нови еко-автобуси. Советот на Град Скопје на седница во четвртокот (29.08) не ја доби поддршката на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, поради што не можеше да се донесе одлука за склучување на договор за имплементација на проектот за воведување на Брз автобуски превоз (БРТ) во главниот град.
„За“ одлуката гласаа 14 советници, четири „против“ и двајца воздржани. Против оваа одлука гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, од Зелен хуман град и Левица. Советниците на Град Скопје не донесоа и одлука за набавка на еко-автобуси. „За“ гласаа 20 советници, а петмина беа воздржани за овој предлог.
Решение за градскиот превоз од септември не се изнајде и покрај тоа што премиерот Христијан Мицкоски деновиве ги повика советниците од неговата партија да го поддржат планот на скопската градоначалничка Данела Арсовска, со цел да се изнајде решение за горливите проблеми во градот со превозот и сметот.
Се плаќаат пенали - решение нема
БРТ системот, кој беше проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов е едно од решенијата за намалување на сообраќајниотхаос во главниот град, а ова е трета година како не се спроведува и се плаќаат пенали. Парите за БРТ стојат, а од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на ЕБОР, бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира.
„Нема да го поддржиме овој предлог за воведување на БРТ системот, затоа што без разлика што постојано нѐ обвинувате дека немаме став, нашиот став е дека граѓаните не го поддржаа овој систем, затоа и ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи“, рече советникот Филип Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ.
Советничката од СДСМ Љубица Јанчева смета дека со набавка на нови автобуси кои би сообраќале по старите траси, проблемот со јавниот транспорт нема да се реши. „Имаме готов проект за БРТ, за кој има пари и во сумата се вклалкулирани и 50 нови автобуси. А, за тој проект, кој е одобрен плаќаме пенали. Инаку потребен е нов концепт за јавен превоз, не само набавка на нови автобуси. Она што му е потребно на Скопје и на сите кои го користат јавниот превоз е нов концепт за брз, ефикасен и еколошки превоз, рече советничката од СДСМ, Љубица Јанчева. Таа ги повика ВМРО-ДПМНЕ да ја прекинат блокадата и да ги гласаат клучните проекти за Скопје.
„Еве ви бел лист хартија - напишете решение“
Советникот на СДСМ, Гордан Шутаров порача дека треба да почне постапка која ќе овозможи нови автобуси, не за ден-два, туку година-две. „Ние треба да оставиме нешто позитивно за идниот совет на Град Скопје“, истакна советникот на СДСМ, Гордан Шутаров и запраша до каде е најавеното сервисирање на 30 автобуси, со оглед на тоа дека започнува учебната година, во тек се уписите на студентите
Градоначалничката Данела Арсовска ги обвини советниците од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција во Советот на град Скопје дека водат политика на инает со граѓаните на Скопје. Според неа, по 20 месеци во обид да се изгласа кредитно задолжување за набавка на автобуси, по вторпат се нуди предлог за купување автобуси со пари од буџетот и тоа повторно не им одговара на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе работиме 24 часа со службите и сѐ ќе направиме како што сакате. Пред вас денеска имате програми што осум месеци не се гласаат без никаква забелешка. Кажете што не чини за да направиме измени“, рече Арсовска.
Мартин Стојановски, советник во Советот на Град Скопје бара итно решение за превозот од 2 септември.
„Во понеделник е втори септември, децата почнуваат со училиште, речиси сите се враќаат на работа и еве ви бел лист и напишете, кажете како ќе го решите превозот на 2 септември затоа што вие овде што го зборувате е за набавка на автобуси. Тоа е за една година од сега”, рече Стојановски.