Слободно Скопје, заробено во неостварени ветувања
13 ноември 2023Со бројни манифестации Скопје денеска одбележува 79 години од Денот на ослободувањето во Втората светска војна. Владина делагација ќе положи цвеќе на Партизанските гробишта, Алејата на заслужни граѓани и пред споменикот „Ослободители на Скопје", а Град Скопје ќе ја додели наградата „13 Ноември“ за остварувања во повеќе области што претставуваат посебен придонес за развојот на Градот.
И на оваа годишнина интересот на Скопјани е поврзан со ветувањата што ги даде градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која пред две години ја доби нивната доверба за развој на градот. Во нив клучно место имааа ветувањата за бесплатен јавен превоз и набавката на 250 нови еколошки автобуси. За готовиот проект БРТ (Bus Rapid Transport) или „автобуско метро“, кој и го остави администрацијата на нејзиниот претходник Петре Шилегов, таа тврдеше дека не е добро решение за Скопје и наведе неколку спорни точки поради кои ризиците би биле поголеми од добивката за граѓаните. Но, по две години, го прифати.
Чини - не чини
Четири дена пред денешното одбележување на празникот, Градот објави дека се отстранети пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство, и дека Скопје ќе добие нов транспортен систем.
„Системот за Брз автобуски превоз доби зелено светло од меѓународните партнери со што започнува неговата реализација во главниот град. Проектот подразбира изградба на два нови терминали, на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ“, објави Град Скопје на 9-ти ноември.
Во соопштението беше наведено дека биле отстранети детектираните сериозни пречки во основниот идеен проект, благодарение на посветеноста и работата на градската администрација.
„Нема стратешки недостатоци во проектот", одговори поранешниот градоначалник Петре Шилегов, кој потсети дека тој проект добил зелено светло уште пред две години.
„На тој проект работеа експертите за урбан сообраќај од Лондон - на ЕБРД, од Брисел - на Европската унија, и од битолскиот сообраќаен факултет. Тендерот за реализација на БРТ беше распишан пред изборите во 2021 година. Арсовска кога стана градоначалник ја прекина постапката. Какво ‘зелено светло' добила сега? Ова е фрлање прав во очи на јавноста“, рече Шилегов на ТВ Сител.
Во однос на нејзиното ветување за бесплатен јавен превоз и за набавка на 250 еколошки автобуси, кое до денес воопшто не е почнато да се реализира, тој порача граѓаните внимателно да ги проценуваат ветувањата.
„Ова е опомена - шарлатаните во политиката и пораките што ги праќаат, граѓаните добро да ги проценуваат затоа што секоја лесно изговорена реченица носи тешки последици. Ако ги пуштите граѓаните да влегуваат во автобус и да не плаќаат билети, ќе треба да им ги зголемите даноците. И тоа треба да им се каже на граѓаните. Нема ништо бесплатно“, рече поранешниот градоначалник, потенцирајќи дека единствена можност за поевтинување на превозот е БРТ, кој би ги намалил цените на јавен транспорт за дури 70 отсто.
Советот бара отчет
Во изминатите две години Арсовска ниту еднаш не даде отчет за дадените ветувања, а вината за нереализираното ја префрлаше на друг. Таа пракса е видлива и во последното соопштение.
„Во нашите искрени заложби за модерен и еколошки градски превоз нема да не сопрат ниту блокадите во Советот на Град Скопје ниту структурните проблеми со кои се соочува ЈСП, а се наследени од претходните раководства на претпријатието. Новите еколошки автобуси и ревидираниот систем значително ќе го намалат сообраќајниот хаос и ќе овозможат јавниот превоз да се одвива непречено, а доцнењето да биде минато“, наведе Град Скопје.
Каде се новите еколошки автобуси, кои се спомнуваат во соопштението?
Според советниците, на хартија, во барање за задолжување, но без информација како ќе се реализира набавка на 250 автобуси, бидејќи бараната сума не е доволна за тоа. Советниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со задолжувањето на градот ни оддалеку нема да се оствари ветувањето за бесплатен превоз. Истото неодамна за ДВ го потврди и претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
„Уште во февруари годинава Арсовска до Советот на град Скопје достави предлог-Одлука со која бараше Советот да ја овласти да преговара со некоја од банките во Македонија за кредит во износ од 610 милиони денари, односно 10 милиони евра, за набавка на нови еко-автобуси. Не беше наведен бројот на автобуси што се планира да се купи, но сигурно со тие средства, според тековните цени, би се набавиле значително помал број автобуси од ветените 250. Советот не даде поддршка на барањето, кое Арсовска го доставуваше повторно уште 4-5 пати (...) Морам да истакнам дека и сега да се обезбедени средства за набавка на, да речеме, 50-тина нови автобуси, не постои шанса тие да стигнат до крајот од наредната година“, изјави Славески.
Како што објаснија од Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ, целта на проектот бесплатен јавен превоз била да се најде инвеститор кој ќе произведува електрични автобуси во Македонија, ќе ги откупи старите кинески автобуси (Ytong) и тоа ќе го одземе од вкупната сума на чинење на новите автобуси што ќе му ги испорача на ЈСП. А од заштедата што би се направила на сметка на досегашните оперативни трошоци (гориво, делови, сервис, одржување) да се отплаќа кредитот или лизингот за тие автобуси. За таа цел биле почнати разговори со две странски компании: германската Еуробус и кинеската BYD. Претставници на Еуробус дури и биле на терен во Петровец, каде идентификувале и соодветни парцели за нивна фабрика во Македонија, од каде би ги покривале и потребите на регионот - Грција, Бугарија... Но, по раскинувањето на соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска, не се знае дали таа ги продолжила разговорите со нив или со други компании.
Нужни се капацитети и добра покриеност со услуга!
Со оглед на недостигот од резултати, во јавноста остана прашањето – колку навистина е остварливо ветувањето за бесплатен јавен превоз во Скопје?
„Идејата е легитимна, но се поставува прашање дали таа дошла како резултат на постигнување на претходно осмислени цели, или е само популистичка мерка“, изјави за ДВ професор д-р Никола Крстаноски, од Отсекот за сообраќај и транспорт на Техничкиот факултет во Битола.
„Таа идеја има логика ако една од главните цели во рамките на градење одржлива урбана мобилност е да се намали употребата на автомобилот во градот, а да се поттикне поголема употреба на јавниот градски превоз. Конкретно за Скопје, занемарувајќи ги другите аспекти, само од финансиска гледна точка, градот тешко може да си дозволи со својот буџет да ги покрие трoшоците за реализација на целосно бесплатен јавен градски превоз. За конкретна бројка се потребни подлабоки анализи, но груба проценка би била дека при сегашни цени годишно би требало да се обезбедат околу 45 000 000 евра! Второ сериозно прашање е дали јавниот градски превоз, таков каков што е денес во Скопје и со овој квалитет на услуга, би привлекол дел од корисниците на автомобили да преминат на користење јавен превоз. Дури и да има зголемен број патници после воведување на бесплатен превоз, големо прашање е дали сегашниот јавен градски превоз може да обезбеди доволен капацитет, доволна честа услуга и добра покриеност на градот со услуга", вели Крстаноски.
Тој го посочува примерот од Талин, каде со бесплатниот превоз само за околу 10% се зголемил бројот на патници во јавниот градски превоз, а употребата на автомобили се намалила само за 2 до 3%. Зголемувањето на бројот на патници произлегол од претходни корисници на велосипеди и од пешаци, како и од зголемен број патувања од постојни патници на јавен градски превоз, а многу малку од претходни возачи на автомобили.