Во „5 до 12“ ќе се бара спас за Скопје
22 август 2024Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ќе добие поддршка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои најавија дека ќе гласаат за програмите коишто ќе ги предложи на седницата на 29 август. Целта е да се решат проблемите со коишто се соочува главниот град во пресрет на септември, а најгорливи се недостигот на автобуси во јавниот превоз и сметот во којшто е затрупан главниот град. Волја за средувањето на состојбите во главниот град има, но советниците се скептични дали состојбите во Скопје би можеле да се вратат во нормала пред почетокот на школската година. Дополнителен проблем се долговите во коишто тонат дел од јавните претпријатија, за коишто нема пари во буџетот како да се подмират.
Средба зад затворени врати
На покана на претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески денеска се одржа состанок на координаторите на советничките групи во градот со скопската градоначалничка, Данела Арсовска. Таа на средбата дојде до директорите на неколку јавни претпријатија, коишто се задолжени за хигиената и јавниот превоз во градот. Координацијата се одржа зад затворени врати, што предизвика незадоволство кај советниците.
Како главен хендикеп на средбата се наведува тоа што директорите на овие претпријатија изминатиов период, по налог на Арсовска, често беа менувани, а новите се на функција само десетина дена. „Од нив не можевме да очекуваме конкретни одговори на одредени прашања и решенија“, вели Славески.
Рехабилитација на стари автобуси
Проблемот со недостигот на автобуси во јавниот проблем особено е актуелен пред почетокот на школската година. Во краток рок не можат да се набават нови возила за ЈСП Скопје, иако голем дел од возниот парк на претпријатието е нефункционален. „Но, она што го слушнав е дека Владата е подготвена дел од средства што стојат неискористени, наменети за инфраструктурен проект во Град Скопје, итно да се префрлат на сметката на ЈСП за рехабилитација на одреден број автобуси коишто не се во функција“, изјави по средбата Славески.
По проценка на ЈСП - 30 автобуси би можеле да бидат поправени и да се стават во функција.
Мицкоски ќе ги замоли советниците да гласаат
Премиерот Христијан Мицкоски од позиција на лидер на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ги замоли советниците во Градот Скопје од редовите на неговата партија да ги поддржат програмите, како што бара градоначалничката Данела Арсовска.
„Ги слушнав тие пораки дека не се гласале програмите, кочеле овие, кочеле оние. Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците кои доаѓаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веднаш на следната седница да ги изгласаат тие програми, ако е до програмите. Мислам дека добив информација дека на 29 август ќе има седница. Ќе ги замолам тие програми коишто Данела Арсовска вели дека не ѝ се гласаат да ги изгласаме и ќе видите дека ништо нема да се смени“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, вели дека единствено што не е изгласано е програмата за дополнителни активности на Комунална хигиена од септември до декември, со која тие бараат дополнително сезонско вработување на 120 лица.
„Мислам дека постои расположение едногласно да се прифати тој предлог“, вели Славески.
Сите го чекаат планот на Арсовска
Скопската градоначалничка на седницата на крајот на месецот ќе треба да излезе со конкретен план како да се решат проблемите во главниот град. Таа во средата (21.08) во телевизиско интервју рече дека на средбата со премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот во Владата понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.
Првиот план бил за одлуките на Советот, за набавка на еко-автобуси со кои би се решил хаосот во Скопје. Арсовска вели дека се финансиски консолидирани и тоа можат да го направат и од сопствениот буџет.
„Ние не баравме никакви пари за еко автобусите. Ние баравме одлука да донесат советниците да може да ги набавиме еко автобусите. На нас пари од Владата не ни требаат, ние само долгот бараме да си го платат. Ние сме финансиски консолидирани и тоа можеме да го направиме и од сопствениот буџет и кредитно да се задолжиме. Нашиот буџет тоа може да го издржи. Меѓутоа, никогаш досега тоа не се направило, затоа што на тој начин вие лимитирате што во наредната година или во наредните години ќе треба да се исплаќаат овие автобуси што треба да се набават, ќе треба помал процент на проекти да реализирате за граѓаните“, рече Арсовска.
Таа бара Владата да го плати долгот од 8 милиони евра за ЈСП и советниците да ги гласаат нејзините програми за да се најде решение за хаосот во главниот град.