1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ши Џинпинг во Европа: Кина посегнува по глобалниот југ

Александар Герлах
9 мај 2024

Кинескиот претседател Ши е во посета на Европа. Но, ЕУ одамна не е прва виолина во трговските релации на Кина. Пекинг пред сѐ експандира на глобалниот југ.

https://p.dw.com/p/4ffME
Ши Џинпинг и Емануел Макрон
Ши Џинпинг и Емануел Макрон (архивска фотографија)Фотографија: Jacques Witt/AFP

Додека врвните европски претставници Урсула фон дер Лајен и Емануел Макрон се обидуваа во Париз да го убедат кинескиот претседател Ши Џинпинг за пофер трговски практики, новите бројки наведуваат на заклучокот дека Кина веќе не е вистински заинтересирана за ЕУ како трговски партнер. Пекинг сега сѐ повеќе се врти кон т.н. „глобален југ”.

Истражување на Келнскиот институт за германската економија, во кое се анализирани трговски податоци од 25 земји во развој, заклучи дека уделот на Кина во трговската размена со нив од 2019 година е пораснат за 47 проценти. Меѓу нив се и Мексико, Бразил, Тајланд и Турција. Тие имаат посебно значење во системската борба меѓу авторитарната република на Ши и слободниот демократски свет.

Државниот капиталистички систем на Кина овозможува Комунистичката партија (КП) да ги постигнува своите политички цели преку економски мерки. САД и ЕУ затоа се жалат за нефер субвенционирањето на кинески извозни производи од страна на Пекинг. И Германија стравува дека субвенционираните електрични возила и соларни панели ќе влијаат на домашната индустрија. Целта на Ши е во голема мера да ја намали зависноста на Кина од западните нации и истовремено да ги врзе за Кина земјите во развој. Оттука, кинескиот лидер на патот до остварување на целта нема причина да им излезе во пресрет на Фон дер Лајен и Макрон и да даде поддршка на европската економија.

Пристанишни работници во Нантонг растовараат бразилска сој
Пристанишни работници во Нантонг растовараат бразилска соја наменета за кинескиот пазарФотографија: AFP via Getty Images

Пекинг одамна со разноликост во трговските канали

„De-risking“ (намалување на ризикот) и „De-coupling“ (одвојување) - два поима за чија содржина и разграничување се дискутира во метрополите од Вашингтон до Берлин - се дебата која Пекинг ниту мора да ја трпи ниту да ги прифати нејзините резултати, дури и да дојде ден кога Западот би се договорил за некаква стратегија. Кина веќе подолго време ги проширува трговските партнери и патишта.

Дејствувањето на Пекинг и тука е политичка акробација затоа што КП сака независност од САД и Европа, но истовремено и да биде дел од  нивното друштво. Затоа Пекинг не престанува вербално да се залага за меѓународниот поредок, а истовремено работи на нов, алтернативен - Шангајската организација за соработка, проширување на Брикс, етаблирањето на јуанот како глобална валута и 900 милијарди долари тешкиот Нов пат на свилата, преку кој сите трговски патишта водат до Пекинг, се јасни знаци за патот по кој Пекинг сака да чекори.

Александер Герлах, колумнист на ДВ
Александер Герлах, колумнист на ДВФотографија: Hong Kiu Cheng

Друг столб на идеологијата на кинескиот лидер е Кина да се етаблира како застапник и гласноговорник на глобалниот југ. Ши зборува за „столетие на понижувањето“, што Кина го доживеала од империјалните западни сили (стравотиите на јапонската окупација и колонијалното време и неговиот крај благодарение на американското учество во пацифичката војна во тој контекст многу поретко ги споменува). Така се обидува да се солидаризира со земјите кои до денес страдаат од последиците на колонијализмот. Иако многумина од така адресираните не му веруваат на збор, сепак се задоволни со фактот дека сега има економска алтернатива за мандатот на Америка и ЕУ и со тоа некаков баланс за потенцијално преголемите барања од Вашингтон или Брисел.

Дали е Пекинг во предност?

Бројките покажуваат дека трговската размена на Кина со 25-те земји во забрзан подем пораснала од 12 на 20 проценти, додека уделот во размената со САД стагнира на 18 проценти, а со Европејците е намален од 17 на 14 проценти. Пекинг знае дека е во предност. Кина може да ги испости европските индустрии ако дополнително го отежни пристапот до својот пазар и преку субвенции на своите да ги поскапи европските производи во остатокот од светот. Во Чиле и Боливија се возат кинески возила со мотори на согорување, а Кока-колата се чува во кинески фрижидери. При одлуката за набавки, новата средна класа не ја интересира никаков системски конфликт, туку само цената. За Ши сега интересни се само уште оние земји кои на еден или друг начин може да се употребат за неговата политичка агенда. Според тој критериум ги фиксираше и целите на своето европско патување.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи