1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Кинеските банки ѝ помагаат на Русија

Среќко Матиќ | Тагесшау
6 септември 2023

По почетокот на руската инвазија на Украина, голем број западни банки се повлекоа од Русија. Наместо нив, на пазарот сега се шират банки од Кина, кои значително го зголемија својот ангажман во Русија.

https://p.dw.com/p/4W0Q5
Кина јуан валута банкноти
На пазарот во Русија сега се шират банки од КинаФотографија: Costfoto/picture alliance

Паралелно со повлекувањето на западните банки од Русија поради нападот на таа земја врз соседна Украина, кинеските банки го засилија својот ангажман и значително го зголемија износот на пари што го пласираат во Русија. Според пресметките на Киевската школа за економија за весникот „Фајненшл тајмс“, кинеските кредити во рускиот банкарски сектор до крајот на март 2023 година се зголемени за четирипати.

Индустриската и комерцијална банка на Кина (ИЦБЦ), Банката на Кина, Кинеската банка за обнова и Земјоделската банка на Кина во 14-те месеци од почетокот на руската инвазија на Украина го зголемија својот заеднички ангажман во Русија за 2,2 милијарди американски долари - на вкупно 9,7 милијарди долари, може да се прочита од податоците на Руската централна банка. Само на ИЦБЦ и на Банка на Кина, судејќи според ваквите наводи, отпаѓаат околу 8,8 милијарди долари.

Санкциите покажуваат ефекти

Кинеските кредитори ги презедоа позициите кои претходно ги имаа западните банки, кои поради меѓународните санкции и притисокот врз Русија од земјите од кои доаѓаат, веќе не „сервисираат“ финансиски.

„Кредитите од кинеските банки дадени на руските банки и кредитни институти, каде што јуанот во голема мера го зазема местото на доларот и еврото, покажуваат дека санкциите имаат ефект“, вели Андриј Онопријенко, заменик-директор за развој на Киевската школа за економија, кој ги собирал податоците.

Некои европски банки сѐ уште се активни на рускиот пазар. На пример австриската Рајфајзен банка. Странската банка со најголем ангажман во Русија до крајот на март годинава ја зголеми својата актива за повеќе од 40% - на 29,2 милијарди долари. Оттогаш таа австриска банка ја намали вкупната актива на 25,5 милијарди долари, а во моментов, според сопствените изјави, ги испитува можностите за целосно повлекување од Русија.

Претставништво на Рајфајзен банката во Санкт Петербург, Русија
Претставништво на Рајфајзен банката во Санкт Петербург, РусијаФотографија: Maksim Konstantinov/Russian Look/picture alliance

Борбата на Кина против доминацијата на доларот

Активностите на четирите банки, кои се меѓу најголемите во Кина, може да се сметаат за дел од обидот на Пекинг да го воспостави јуанот како глобална валута, односно алтернатива на доларот, пишува „Фајненшл Тајмс“. Уделот на јуанот во глобалниот платен промет моментално е само 2,5 отсто. За споредба: според СВИФТ (Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunication), уделот на доларот е 39,4 проценти, а уделот на еврото е 35,8 проценти.

Водење бизнис во Русија, но во кинеска валута, очигледно е дел од планот за ограничување на доминацијата на западните валути. Според „Фајненшл тајмс“, трговската размена меѓу Русија и Кина минатата година достигнала рекордни 185 милијарди долари. Во меѓувреме, јуанот има удел од 16 отсто, се додава во овој весник.

Пред почетокот на војната во Украина, според наводите на Руската централна банка,повеќе од 60% од извозот бил платен во валути кои властите на таа земја денес ги нарекуваат „токсични". Тука ги вбројуваат доларот и еврото. На јуанот, според официјални податоци, отпаѓало нешто помалку од 1%.