1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот пат на свилата и кинескиот опасен продор во Европа

Роберт Шварц
11 април 2019

Во хрватскиот град Дубровник се одржува деветтиот самит на т.н. 16+1 формат. Хетерогениот клуб што го сочинуваат повеќе европски земји и Кина во суштина е многу опасен за ЕУ, смета Роберт Шварц.

https://p.dw.com/p/3GZk5
Ungarn China-Mittel-Ost-Europa-Gipfel
Фотографија: Reuters/L. Balogh

Нема ни два дена откако Европската унија и Кина на само седум страници ја запечатија својата економска соработка. Предвидено е таа да се прошири и да биде без дискриминација. Кина сака да се отвори и нема постојано да инсистира на трансфер на технологија. Кога станува збор за државни субвенции, би требало да важи меѓународното право. Како, кога и дали оваа заедничка изјава, која во вторникот во Брисел ја потпишаа кинескиот премиер Ли Кечијанг и главните претставници на ЕУ, воопшто ќе биде спроведена, не се знае.

Таква регулација секако нема да биде во фокусот на состанокот на кинескиот премиер со главните претставници на 16 земји од централна, источна и југоисточна Европа. Во Дубровник, хрватскиот „Јадрански бисер“, од денеска (11.04.2019) ќе се зборува само за бизнис. И за натамошна изградба на кинескиот Нов пат на свилата. 

Кинеските милијарди би требало да го закрепнат регионот

Форматот е наречен 16+1 и свој деби имаше во 2012 година во унгарската престолнина Будимпешта. Оттогаш полека но сигурно зема замав. Сега станува збор за проекти вредни милијарди во речиси сите витални области на шеснаесетте бивши комунистички држави: инфраструктура, технологија, тешка индустрија, станоградба, енергија и земјоделство, спектарот е сѐопфатен.

Повеќе:

ЕУ плаќа, Кина гради - и заработува!

ЕУ- Кина: Ветувања кои го спасија образот

ЕУ сѐ позагрижена поради ангажманот на Кина на Балканот

Составот на овој круг е интересен: единаесет држави се членки на ЕУ, од нив пет се во еврозоната, четири држави водат пристапни преговори со ЕУ, а една од нив е пред пристап. Порта кон југоисточна Европа е Пирејското пристаниште во Грција, кое од пред неколку години мнозински е под контрола на Кинезите. Ако сѐ се одвива според планот, Грција ќе му се придружи на овој формат како седумнаесета земја.

Мамутските проекти ја подриваат ЕУ

Но, на Кина одамна не ѝ се важни само парите или економската експанзија кон овие земји. Милијардите кредити и инвестиции се и политички исплатливи. Пекиншката стратегија како да успева. Така, грчката влада лани ја блокираше заедничката декларација на 28 членки на ЕУ со која требаше да се осуди катастрофалната ситуација со човековите права во Кина. Кина може да се потпре на своите партнери. 

Schwartz Robert Kommentarbild App
Роберт Шварц

Дубровник, некогаш значаен јазол на трговските патишта во Средоземјето, сега би требало да го потпомогне мамутскиот кинески проект во Европа. ЕУ и САД и натаму само ќе гледаат што се случува и ќе мораат да констатираат незадржлив раст на надворешнополитичкото влијание на Кина. Брисел повторно изрази стравување дека Пекинг со своите крупни проекти во централна и југоисточна Европа ќе го подрие единството на ЕУ. 

Нема сомнеж дека на овие земји итно им се потребни проекти. ЕУ и САД помогнаа регионот да добие економски полет, но за тоа поставуваа услови и правила кои мора да се почитуваат. Кина не ја интересираат тие правила и така со своите постапки им оди на рака на националистите и популистите. Новиот пат на свилата ги става вон сила демократските и вредностите на правната држава- и тоа среде Европа. Тука на Европа би морало да ѝ падне на памет нешто повеќе отколку изјави на седум страници.

(16 европски учесници на самитот во Дубровник се: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Естонија, Хрватска, Литванија, Летонија, Црна Гора, Република Северна Македонија, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Чешка и Унгарија)