Ши Џинпинг сака да ја претвори Кина во „голем челичен ѕид“
13 март 2023„Безбедноста претставува основа за развој, стабилност и е предуслов за благосостојба“, изјави денеска Ши Џинпинг, на крајот на годишното заседание на Народниот конгрес. Во својот прв говор во неговиот новодобиен трет мандат како претседател на државата, тој ја истакна неопходноста од тоа Кина да ја зголеми својата способност за одбрана на националната сигурност, како и организирањето на јавната безбедност.
Државниот шеф смета дека Кина мора да вложи повеќе на полето на науката и технологијата. Повикот се совпаѓа со растечките напори на САД натамошно да ја отсечат Кина од пристапот до производството на чипови и другите врвни технологии. Во поглед на Тајван, кон кого Кина пројавува аспирации, а островот е еден од најважните произведувачи на полупроводници, Ши изјави дека Пекинг мора да се спротивстави на стремежите за независност и отцепување, како и на мешањето на екстерни сили.
Откако Ши на клучните политички позиции постави свои блиски луѓе, се очекува владејачката Комунистичка партија да го зајакне нејзиното влијание врз безбедносните прашања.
Новиот кинески премиер Ли Чијанг, човек од доверба на Ши и еден од неговото најтесно опкружување, фокусот го постави врз развој на научните и технолошките капацитети на Народната Република. Земјата мора да се погрижи за развој на иновативните капацитети и да се концентрира на забрзан развој, изјави Ли на прес конференција во неделата во Пекинг.
Новиот кинески премиер вети и забрзување на изградбата на модерен пазарен систем, а економскиот развој го посочи како темелно решение за создавање на работни места. Кина ќе продолжи да следи стратегија во чие средиште е високата вработеност, земјата ќе оди и натаму по патот на реформи и ќе го продлабочи отворањето, најави премиерот.