Кина: Историски трет мандат за Ши Џинпинг
10 март 2023Народниот конгрес на Кина изгласа трет мандат за шефот на државата и лидер на партијата Ши Џинпинг. На годишниот состанок во Големата сала на народот во Пекинг, 2.952 делегати едногласно се изјаснија за продолжување на мандатот на Ши на чело на државата и војската за уште пет години. Одобрено е и најголемото реструктуирање на владата во последната деценија, кое има за цел да ја зајакне втората по големина економија во светот за меѓународен натпревар, особено со САД.
Со третиот мандат Ши ја зацементира својата моќ и стана најважната водечка фигура во Кина по Мао Цетунг. Темелите за тоа тој ги постави уште во 2018 година, кога успеа да издејствува укинување на лимитот на претседателски мандати. Својата моќ ја прошири во октомври минатата година, кога доби нов петгодишен мандат на функцијата Генерален секретар на Централниот комитет на владеачката Комунистичка партија.
Во наредните два дена на врвни позиции во владата треба да бидат именувани или избрани лојални следбеници на Ши. Меѓу нив најверојатно ќе биде и поранешниот лидер на партијата во Шангај, Ли Чијанг, кој би требало да го наследи премиерот Ли Кечијанг, кој утре (11.03) заминува од функцијата.
Ши треба да одржи говор на завршувањето на Народниот конгрес, во понеделник. На почетокот на неделава тој ги обвини САД и нивните западни сојузници за тешкотиите на кинеската економија и на владата во Вашингтон ѝ префрли политика на угнетување на Кина.