1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинези има и веројатно ќе има сѐ помалку

СН | АРД | агенции
17 јануари 2023

Со повеќе од 1,4 милијарди луѓе, Кина е земја со најголемо население во светот. За 2022 година, кинескиот завод за статистика известува за пад од 850.000 жители- првпат по неколку децении.

https://p.dw.com/p/4MHzf
Во 2022 година во Кина имало 850 илјади жители помалку отколку во 2021
Во 2022 година во Кина имало 850 илјади жители помалку отколку во 2021Фотографија: Mark Schiefelbein/AP Photo/picture alliance

Бројот на жители на Кина се намалил во минатата година за првпат по шест децении, објави Заводот за статистика во Пекинг. Експертите сметаат дека ова е почеток на тренд кој ќе ја загрози кинеската економија.

На крајот на декември најбројната земја во светот имаше 1,411 милијарди жители, што е за околу 850.000 луѓе помалку отколку една година претходно. Родени се 9,56 милиони, а починале 10,41 милиони луѓе.

Минатата година во Кина се родени 6,77 деца на 1.000 жители, што е историски ниска стапка, соопшти Заводот за статистика.

Така, Кина не успева да се опорави од децениската политика на „едно дете“ и бележи пад на населението за првпат од 1960 и 1961 година. Тогаш во Кина владеел страшен глад како последица од економските реформи на Мао, познати како „Голем скок напред“.

Последиците врз демографијата од децениската политика на „едно дете“ уште долго ќе се чувствуваат во Кина, сметаат експертите
Последиците врз демографијата од децениската политика на „едно дете“ уште долго ќе се чувствуваат во Кина, сметаат експертитеФотографија: Mark Schiefelbein/AP Photo/picture alliance

Веќе денес секој петти Кинез е постар од 60 години. Поради тоа многу кинески демографи велат дека Кина ќе стане стара земја пред да стане богата.

„Кинеските демографски изгледи се многу потемни отколку што се очекуваше. Кина ќе мора да ја прилагоди својата социјална, економска, одбрамбена и надворешна полититка“, вели демографот Ји Фуксијан.

Тој смета дека сѐ помалата работна сила ќе води кон помало производство и натамошна инфлација во САД и во Европа.

Индија ја престигнува Кина

Стручњаците од ОН сега прогнозираат оти Кина до 2050 година ќе има дури 109 милиони луѓе помалку. Тоа е тројно поголем пад во однос на претходната прогноза од 2019 година.

Освен политиката на „едно дете“ која беше на сила од 1980 до 2015 година, стручњаците веруваат оти причина за падот на популацијата се експлозијата на трошоците за домување, образование и во здравството. Се додава дека строгите локдауни поради пандемијата во претходните години дополнително ги вознемириле младите двојки.

Намалувањето на бројот на жители се заканува да ја загрози и економијата на Кина
Намалувањето на бројот на жители се заканува да ја загрози и економијата на КинаФотографија: AFP

Комунистичката партија од 2021 година им дозволи на двојките да имаат и по три деца, и воведе низа мерки да ги заштити мајките и финансиски да им помогне на младите семејства. Тоа засега не дава резултати.

Се очекува оти уште годинава Индија ќе ја престигне Кина како најбројна земја во светот.