1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија повторно нивна

20 јуни 2024

Со оглед на гнојот кој Мицкоски и следбениците го имаат блуено кон ривалите како „предавници“, неговиот гест на прифаќање на Република Северна мора да се обележи како гест на карактерна капитулација. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4hHMb
Табла на која пишува Република Северна Македонија на границата со Грција
Фотографија: Government Republic of North Macedonia

Непогрешливо точно навреме, прецизно како швајцарски часовник, во нашите постизборни разговори се врати репликата „остај, немој сега” како реакција на очигледните забелешки кои се евидентни, но не се совпаѓаат со посакуваната дневна политика или перцепција. Некогаш, она што нѐ вадеше од такт, беше барањето „остај“ како повик за судбинско предавање, за немоќна капитулација пред нелогичноста, неправдата или измамата. Со тек на годините, учиме од искуствата и дознаваме дека во таа реплика акцентот не е врз „остај“, туку е врз „сега”, како потврда дека замерките се точни, но тајмингот е преуранет.

Следствено, сите замерки, чешања по глава, неверувања, измами и негативни перцепции за владава во доаѓање се однапред точни, јасни, реални, вистинити. Но, во овој час, „сега”, тие вистини се непрофитабилни, непродуктивни и затоа ќе треба да почекаме пет-шест месеци кога новинарите и уредниците, академците и ќибритџиите кои ќе извисат од поделбите на колачот ќе почнат среде ноемвриско-декемвриски магли да ги откриваат очигледните вистини од мајско-јунските сончево дезинфицирани долгодневици.

Владата не е реформска

Но да почнеме по ред. Како прво и најбитно, оваа влада на Христијан Мицкоски не е реформска, туку е влада на континуитет, на политикантски, олигархиски, корупциски, криминален континуитет. Не само според изборот на министри, кои се речиси ексклузивно од камарилата на ВМРО-Груевистичка, ДУИ и СДСМ, туку и според континуитетот на истата матрица воспоставена од 2006 година - преку политиканството на лажење во предизборие и со пепел покривање во постизборието. Континуитет на алармистичко хистеризирање со завети да „не се чепка во жичките на Заев” и надополнето со завети дека „друга песна ќе се пее во филхармонијата на Мицкоски”. Континуитет во кој продолжува скитањето помеѓу екстреми и отсуство на идеја и визија за вистински радикални пресврти, отсликано низ врескањето „Македонија повторно твоја” и итроманското прифаќање на реалноста по цена на „Северна Македонија, повторно олигархиски нивна”.

Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Влада на континуитет во тивко, дискретно и судбоносно префрлање на политичката сувереност во соседствата, со акламативна поддршка на граѓаните кои одамна не веруваат во сопствената држава. Некогаш тоа се одвиваше под лажниот „мултикултурализам” на Заев во спрега со Борисов или Ципрас, албанското лажно обединување под капа на Рама, денес тоа се одвива под превезот на лажниот патриот Христијан Мицкоски во спрега со токсичното трио Вучиќ, Орбан, Мета. Тој континуитет е демонстриран и во пристапот на западната заедница која очигледно научи да ги сака нашите национализми и истите ги користи како инструменти впрегнати во за нив краткорочно ефективни и за нас долгорочно деструктивни политики.

Одговорите ќе ги добиеме поскоро отколку што мислиме ние и од што посакуваат итроманите од ВМРО, ВЛЕН, ЗНАМ, ДУИ и СДСМ. Токму во однос кон најконтраверзниот лик на Владата на Мицкоски, а тоа е секако љубителот на путинизмот и Српскиот Свет, Иван Стоиљковиќ, кој е веќе лакмус тест за западната заедница кон нас. Со оглед на неговото педигре, отворена путинофилија, јасната албанофобија и бугарофобија, како и со оглед на ставовите на администрацијата на САД кон московските влијанија и замешателства во регионот, за очекување е избраникот на Мицкоски во следните три или четири недели да заврши на некоја од црните листи на Вашингтон. По истите параметри по кои Стевче Јакимовски беше санкциониран во предвечерието на изборите. Доколку не, тогаш прифаќањето на Стоиљковиќ од евро-американската администрација е само уште еден од мноштвото докази на веќе констатираната употреба на овдешните екстремизми во корист на западните политики. При што Стоиљковиќ ќе може да биде сметан како некаков „употреблив Србин” или Дритан Абазовиќ на САД, ЕУ, НАТО во Северна Македонија како пригушувач на „белградскиот круг во Скопје” при влезот на Бугарите во Уставот.

Мицкоски не е опонент на олигархијата

Во секоја друга прилика, одлуката на Мицкоски да ја „прифати реалноста” и веродостојно ја прифати „маленкоста на земјата”, би заслужило признание, дури и мала доза на пофалба за одговорен гест во општа полза. Но со оглед на витриолот и гнојот кој тој лично и неговите слебеници со месеци и години го имаат блуено кон сите етикетирани ривали како „предавници, безрбетници, слуги, измеќари”, неговиот гест на орално и писмено прифаќање на Република Северна треба и мора да се обележи како гест на карактерна капитулација, сервилно виткање кичма, слугинско полтронство, измеќарство и кукавичко клавање опашка меѓу нозе, кое ниту може ниту ќе биде прифатено како доблест.

Дотолку повеќе што Мицкоски не само што не чувствува потреба или обврска да се дистанцира (камоли јавно извини) за потпалувачкото хејтерство кое го донесе на власт, туку продолжува со обидите низ закани и заплашувања да наметне дисциплина и стравовлада. Но неговите бладања за „почит кон македонството и татковината” не се мерат на кантарот на патриотството и чесноста преку замолкнување на критичарите кои ја нотираат неговата постизборна нудистичка баналност, туку преку смелоста да се справи со олигархиската анархија и грабеж. Која, како што може да се види од неговиот кабинет, е веќе расцутена култура среде владата во доаѓање. Мицкоски не е опонент на олигархијата. Мицкоски е составен дел на олигархијата. Да се очекува од него да изврши сепуку врз телото чиј дел е тој самиот, е не само наивно, туку е и обезбедување на морален изговор за продолжување на континуитетот на безвластието од највисок владин врв. Така што, што „појак” на зборови во „патриотски чувства”, толку повеќе мекуш во одбрана и заштитата на олигархијата.

Останува да потсетам на предизборната забелешка дека за нашите стратешки партнери е сосема небитно кој ќе седне во Илинденска. И дека кој и да заседне, СДСМ, ВМРО или ДУИ, под која било ВЛЕН или ЗНАМ маскировка, очекувањата не се персонални, туку извршни, со максимално надворешни и минимално внатрешни очекувања. А тоа е прифаќањето на Преспа, прифаќањето на Бугарите, зачувување на Рамковниот и оттргнување од статус-квото скроено по мерка на „десетте фамилии”. По прифаќањето на Преспа во нејзината целовитост, следи испорачувањето на уставните измени. Што секако ќе се случи, но со масовна кампања „ама така да Мицкоски остане невин”. Тоа е природата на екстремите, тоа е смислата на податливоста на екстремизмот осуден да започне од еден и заокружено заврши во друг екстрем. Прашање е само која е употребната вредност на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку судиме според персоналниот избор на кабинетот, доминацијата на енергетските суфлери на олигархијата (како домашна, така и онаа од Србија, Бугарија, Република Српска, Албанија), времетраењето на овој кабинет е со однапред маркиран рок на траење и определен од употребливоста во испорачување на она што е битно за западните партнери.

Илинденска кула од карти

За разлика од претходните периоди на „автономен див запад” во кроењето на владите, сегашната надворешна изолација и внатрешна санитаризација обезбедува полесно справување со „неконтролабилни елементи” и нивна експлоатација. Заев не ја разбираше промената и глумеше мајтапски ербап мангупство, Ковачевски ја разбираше промената, но немаше капацитет да испорача. Маневарскиот простор на Мицкоски е инегзистентен, флуиден, надворешно диктиран и внатрешно подложен на погубната самоубеденост во солидноста на популистичката „грамозност“ на Белата палата - која во реалполитиката на ова драматично совремие е само Илинденска кула од карти. И нема да најдете поголема потврда за таа реалполитика од паничната забрзаност на Мицкоски да пропее „Хабемус Северна Македонија” пред да тргне на пат кон огненото крштевање во Вашингтон.

Во секој случај, ерата на големи лидери, премиери, претседатели поголеми од системот и особено администрацијата, е при крај. Епопеите на патрициди започната од Заев кон Црвенковски, Таравари кон Села, Меџити кон Ахмети заврши со пирови победи за синовите и огорчените татковци. Мицкоски, како и останатите партиски Едиповци, мисли дека е исклучок од тоа правило. Правило за судбината на оние кои сеат раздор во сопствените партиски или државни одаи и на крај осудени да жнеат ветер и магла.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема