1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина со внимание ќе ја следи и заклетвата на Мицкоски

ДТЗ
19 јуни 2024

Во екот на полемиките меѓу Скопје и Атина околу почитувањето на обврските од Договорот од Преспа, Мицкоски најави дека заклетвата како нов премиер ќе ја даде со уставното име на државата

https://p.dw.com/p/4hFc2
Христијан Мицкоски
Атина со внимание ќе ја следи и заклетвата на МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

По бранувањата со свечената заклетва на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова, се поизвесно е дека Атина со големо внимание ќе ја следи и свечената заклетва на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски. Седницата за избор на новата влада е закажана за во сабота (22.06) во 11 часот, а собранискиот деловник предвидува седницата за избор на Влада да трае најмногу два дена. Тоа значи дека во недела пред полноќ, Северна Македонија треба да ја добие новата влада, која ќе брои 24 члена. 

Уставното име - за во странство

Во екот на полемиките меѓу Скопје и Атина околу почитувањето на обврските од Договорот од Преспа, Мицкоски најави дека заклетвата како нов премиер ќе ја даде со уставното име на државата. „Во моите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката. Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и Уставот, а ние да не ги почитуваме. Но, во моите настапи дома и во давањето изјави ќе го користам името на мојата држава, а тоа е Македонија“, изјави во вторникот (18.06) во Дневникот на ТВ Сител, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, Христијан Мицкоски.

Гордана Сиљановска-Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечената заклетва избегна да го изговори уставното име на државатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поинаков случај

Осврнувајќи се на заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, кога таа избегна да го изговори уставното име на државата, мандатарот вели дека е поинаков случај, бидејќи таа заклетва била содржана во Изборниот законик, кој за разлика од Деловникот, не е променет.

„Таков е новиот Деловник за работа во парламентот, заклетвата е јасно дефинирана со Деловникот и тука нема простор за импровизации. Друго беше заклетвата на претседателката. Заклетвата е содржана во друг закон, тоа е Изборниот законик и тој не е променет, таму стои Република Македонија. Тоа се сосема два различни правни документа. Не ми е драго што ќе ја кажам таа придавка, но тоа е законот. Тоа ќе биде мојот начин на однесување, согласно законот и согласно Уставот сѐ додека тие важат како такви“, рече Мицкоски.

Зголемен интерес

Изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада Христијан Мицкоски поврзани со името, поднесениот предлог за новиот владин состав, како и гласањето во Собранието во текот на викендот, се во фокусот на онлајн изданијата на грчките медиуми. Медиумите во Грција акцентот го ставаат на (не)употребата на уставното име, па така, овој пат текстовите во онлајн изданијата се под насловите: „Северна Македонија: Христијан Мицкоски инсистира на терминот „Македонија“-за викендот новата Влада“; „Само во контактите со странските лидери, Мицкоски ќе го користи Северна Македонија“; „Мицкоски: Усно „Македонија“, писмено Северна Македонија“ и слично.