Пред нас е еден мал јубилеј. Ниту е за славење, ниту за помен, туку битен за нотирање. Во Саботата пред нас се заокружува цел месец од изборната победа на Гордана Сиљановска. По цели 30 дена на должност, на личноста Сиљановска сеуште и немаат честитано, па, огромното мнозинство на земји, но пред сѐ САД, Турција, Полска итн. За што ниту партнерите, ниту Кабинетот на Сиљановска немаат дадено (ниту им е побарано) образложение. Усвојувањето на Резолуцијата на ООН за Сребреница пластично покажа колку е тешко да се обезбеди кворум на (не)согласност на земјите членки. Во случајот на Сиљановска, тоа очигледно не било голем проблем. Особено доколку аргументот во ускратување на една таков обичен протоколарен акт се базира врз инаугуративно инсистирање врз регионална (дури не ни републичка) идентификација. Како очигледна манифестација на иредентистички побуди на конституционалистката Сиљановска како самопрогласена претседателка на непостоечката држава наречена „Македонија”. Замислете да Бајден или Обама дадат заклетва во име на земјата „Америка” наместо на САД.
На Сиљановска сепак некој и честита. За разлика од Африм Гаши кој по десет дена глумење Спикер, сѐ уште на маса има само две честитки – од Косово и Албанија. И никој друг. Тој барем при заклетвата го користеше уставното име, така да не може да се стави во графата на иредентизам како Сиљановска и Мицкоски. Не би сакале да помислиме дека можеби таа очигледна дистанца кон него е мотивирана од некои други мотиви. Како веста за апсењето на агенти на БИА во Косово, чии синови биле шефови на изборните кампањи на ВЛЕН и Гаши лично. Не мора да значи ништо, но тајмингот остава простор за сомнеж во сешто.
И така, денес, во ова Скопје, ќе сведочиме како самопрогласена Претседателка на непостоечка држава, во парламентарниот дом на Спикер чија татковина е странска држава го предава премиерскиот мандат на човек кој ни сам не е на чисто од каде е, кого претставува и кон каде тргнал. А инаку, сите тројца изгубени во „географија и историја” нагласуваат дека ќе се залагаат за владеење на правото, почитување на законите и други мижи-да-ти-баам флоскули. И за тоа ќе бидат наградени со аплаузи од коалиционите партнери ЗНАМ (плус СДСМ, ама да не се знае) како и хируршки стерилизираната „јавност”.
Тврда лустрација на новопечени кадри
Но, надвор од затворениот круг и Омерта на ВМРО-ВЛЕН-ЗНАМ-СДСМ, реалноста е јасна. Раководството на Северна Македонија е под меѓународни санкции, уште пред да стапи на должност. Навистина, тие не се објавени, нема да најдете документ, нема да најдете изјава, но тоа не ја менува реалноста дека како Сиљановска, така и Гаши и Мицкоски се под режим на санкции од меѓународната заедница. Вистина, оваа свилена, дискретна форма на санкции е применета и кон некои други регионални лидери. Но ние сме своевиден куриозитет по тоа што санкциите се во ефект дури и пред да санкционираните стапнат на должност.
Втората необјавена реалност е дека овој интерегнум на санкции се спроведува паралелно со процесот на тврда лустрација на новопечените (надежни) кадри на ВМРО, ЗНАМ и ВЛЕН од страна на меѓународната заедница. Доколку санкциите се избоксирани врз основа на кршење на меѓународното право и односи, сетики второто е дисциплинирање на мандатарот во рамките на НАТО. Времето и следните вести ќе покажат дали епизодата „БИА во Косово” е според линкот и тајмингот само чиста случајност или пак демонстрација на прекипеност на безбедносната заедница со овдешните патрдии. Патем, честиташе ли Столтенберг било кому од ова наше законодавно-извршно К-15 трио?
Но оставете ги, игнорирајте ги ваквите забелешки. И фокусирајте се на најјасната потврда дека сме во длабока изолациска, санкциска состојба. А тоа е молкот на опозицијата. Всушност, не на опозицијата туку конкретно на СДСМ. Која најде за сходно да протестира поради обраќање на албански при давање спикерска заклетва, или за двојни хонорари на Таљат во заминување, но не реагира кон давањето претседателска заклетва кон непостоечка држава. Некому чудна, но за надворешните набљудувачи сосема очекувано однесување на doppelganger-от СДСМ-ВМРО. Глумењето на некаква идеолошка, концепциска, културолошка диференцијација помеѓу СДСМ и ВМРО е играчка редуцирана за домашната публика. Но во очите на меѓународната заедница, таа патрдија е веќе издишан меур.
Во предизборниот период нагласував дека од гледна точка на меѓународната е сосема сеедно кој ќе биде победник во театарот ВМРО против СДСМ. Едноставно, дал црн мачор, дал беч мачор, предизвикот е ист и очекувањата исто така. Исто како што беше сосема сеедно дали децениските блокади на процесите се правеа од црно-бихаќки или бело-палатни мачори. Како последица, денес единствената реална опозиција во земјата е Демократската унија за интеграции. Оваа констатација, толку милозвучна за ВЛЕН, ВМРО, СДСМ, олигархијата и „јавноста” веќе презема горчлив вкус на исполнета желба со несогледени и неочекувани последници. Бидејќи, благодарение на едноумието на ВМРО, СДСМ, ЗНАМ, ВЛЕН, токму ДУИ се издигнува во бастион на демократијата и неприкосновен чувар на центризмот во Северна Македонија. Дали ДУИ заслужува да биде вреднувана како таква? Доколку ја оценуваме изолирано – секако и апсолутно и резолутно одговорот е не. Но доколку се стави во контекст на едноумието и квалитетот на останатите партии – сакале или не, одговорот е да.
„Стратегија Иншала“
Но повторно, настрана страничните опсервации и да се повикаме на фактите. Едноумноста на коалицијата ВМРО-ЗНАМ-ВЛЕН (и странично СДСМ) најдобро се манифестираше низ прифаќањето на стратегијата на Мицкоски од останатите „лидери”. Која комотно може да се опише како „Стратегија Иншала” базирана врз „изборите во Бугарија, во ЕУ и во САД”. Големите најави од пред шест-седум месеци на Мицкоски дека „има стратегија, но ќе ја каже по изборите”, на крај се сведе дека и не е стратегија, туку авантуристичко коцкање со иднината на државата базирано врз „дај Боже!”. Според која, доаѓањето на десницата на власт во Софија, Брисел и Вашингтон ќе створи подобри услови во наша корист. Иако десницата е и онака на власт во Атина. Очекувано за препишувачкиот и тендер фокусираниот менталитет на ВЛЕН, истата аргументација беше експресно албански преведена и папагалски рецитирана од Таравари, Гаши, Меџити.
Во основа, со таквиот пристап Мицкоски, Сиљановска се вбројуваат во редот регионални политиканти во очекување на Deux Ex Machina од туѓи изборни волји. Но која листа, луѓе мои – од директно санкционираните Илир Мета, Мирослав Додик до индиректно санкционираните Бојко Борисов, Еди Рама, Александар Вучиќ. Фрапантно е што политичари на почеток на мандатот (како Сиљановска, Мицкоски) од самиот старт надежта ја бараат во истата каша во која се прпелкаат такви децениски ведети на балканскиот политички (полу)свет. Значи, до таму е дојдено и толку е диоптријата на визијата на вмровско-вленскиот стратешки капацитет.
Од призмата на овој двоец, победата на десницата се преведува како еднолиниска поволност во наша полза. Но тврдите реакции од срцето на европската десница (Вебер, ЕНП) со барања за испорачување уставни измени, потсетуваат дека сепак десницата се води и диктира од интересите на поголемите и послушноста на послабите. Во таков сооднос, сосема е логично да Мицотакис, Борисов, Вучиќ, па дури и Рама се надеваат на победа на десницата, но навистина е тешко да се увиди во која тоа димензија Мицкоски и Сиљановска мислат дека тоа ќе биде во корист на нашата помала држава и Македонците како најмала нација?! Толку ли им сече паметта и сеќавањето па заборавиле дека и ВМРО и Груевски владееја (и ништо не решаваа) во деценија на доминација на десницата во Европа и Америка, но требаше да дојде левицата за да нештата тргнат од негативна нула и не обезбедат под чадорот на НАТО во најкритичните моменти на поновата светска историја. А сепак, и во тој пристап има трунка логика. Испревртена, дегенеративна, но сепак логика во кое „решенијата” ќе се испорачаат во полза на комотноста на ВМРО-ДПМНЕ-СДСМ и на штета на државата и долгорочно – самите Македонци. Би било ли тоа првпат?
Дежурни оправдувања
Она што во процесот на зачленување во НАТО беше на сметка на САД, сега во периодот пред нас треба да биде на сметка на Германија и Потери Барн правилото „скршиш-платиш”. Обидите за маскирање на политиката на Меркел, продолжена од Шолц, преку криење зад ЕУ тројки или во форсирање на Голема Србија маскирана низ „верски права" во Црна Гора, „изборни правила” во Босна, „Сојуз на Српски Општини во Косово”, веќе не врват и сосема брзо ќе бидат прочитани во обидите за нивна реприза во Северна Македонија. Уште помалку ќе има простор и разбирање за дежурните оправдувања „проблемот со ДУИ и Албанците” и настаните предизвикани од толерирањето на дивеењето на ВМРО-вскиот национал-социјализам долго, долго пред предизборието.
Дотогаш, упатно е да се пренесе мало потсетување до германската дипломатија. ДУИ и од САД беше првично сметана како пречка во решението на спорот со Грција. За потоа да прерасне во сламка на спасот и кршач на мразот. Секако, Германија нема да си дозволи да го направи истиот превид и ќе впрегне сили да ги принуди ВМРО и особено ВЛЕН да до есента испорачаат уставни измени и овозможат преговори со ЕУ. Доколку не, тогаш можеби препораките на Мартенс до Мицкоски не биле предупредување, туку елаборација на некоја поинаква стратегија на Берлин во која откажувањето од ЕУ ќе биде компензирано со – времето ќе покаже што. По цена да се докаже дека ДУИ да ти биле поголеми Европејци од овдешната тројка ЕУ амбасадори и нивните штифтунзи. Ставот на оваа тројка, особено Германија, кон корумпираните кадри на ВМРО, ЗНАМ, ВЛЕН ќе биде јасна назнака дали ДУИ е тргната навистина поради криминал и корупција (кој е евидентен) или пак – поради тврдото инсистирање на уставните измени за отварање на преговорите со ЕУ. А оваа владејачка тројка стапува на власт со нималку помал багаж сомнежи за криминал и корупција од претходните. Тоа е само непопуларно и непрофитабилно да се каже денес. Но час поскоро ќе биде утре.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.