Африм Гаши избран за собраниски спикер
28 мај 2024Африм Гаши е избран за претседател на Собранието на Северна Македонија. Со 76 гласа ,,за'', и шест „против“ од пратениците на Левица, поранешниот претседател на Алтернатива стана нов собраниски спикер.
Конститутивната седница на новиот собраниски состав започна напладне, а со неа претседава највозрасната пратеничка Мерита Колчи Коџаџику од коалицијата „Вреди”. На седницата на која присуствуваат претседателката Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Талат Џафери, министри во техничката влада, претставници на институциите во државата и на дипломатскиот кор е избрана Верификационата комисија.
За претседател на Верификационата комисија е избрана Дафина Стојановска, а за членови Благица Ласовска, Даниела Николова, Дијана Тоска и Беким Сали. На дневен ред на седницата се уште неколку точки - верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието.
Токму за последната точка партиите веќе ги вкрстија копјата. Лидерот на победничката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува партиите да го поддржат изборот на Африм Гаши од коалицијата „Вреди“ за собраниски спикер. На ова остро се спротивстави Левица. Првиот човек на партијата, Димитар Апасиев, нуди бланко поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, само Гаши да не биде претседател на Собранието.
„За и против“
Пред почетокот на седницата Мицкоски рече дека очекува сите кои се потпишале да дадат поддршка за Африм Гаши да биде претседател на Собранието. Коментирајќи ја изјавата на Апасиев, тој рече дека лидерот на Левица пред изборите имал бланко понуда да се приклучи и да застане на страната на македонското национално единство.
„Тој одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива, дали на Хургада или на друга грчка плажа и како што еден од неговите поранешни сопартијци вели дека тие биле група на џанаци, така и продолжува да се однесува“, рече Мицкоски во изјава за новинарите.
Претходно пратениците на Левица најавија дека нема да го поддржат Африм Гаши од Алтернатива да биде претседател на Собранието. На прашање зошто не сакаат Албанец да биде претседател на Собранието, Апасиев вели дека е противуставно да се зборува на друг јазик освен на македонски кога се заседава со седници.
„На ВМРО-ДПМНЕ ќе им дадеме поддршка на невидено само Албанец да не биде претседател на Собранието. Противуставно е да се претседава на друг јазик во Собранието, а тоа значи дека и натаму ќе се применува излегалниот закон за двојазичност“, рече Апасиев. На прашањето што доколку Гаши претседава на македонски јазик, Апасиев одговори: „Ако претседава на македонски јазик може да правиме муабет“.
Големи очекувања
Претседателот на ЗНАМ - За Наша Македонија, Максим Димитриевски, најави дека петтемина пратеници од неговата партија ќе гласаат за Африм Гаши, доколку тој биде предложен за претседател на Собранието.
„ЗНАМ очекува од овој парламентарен состав многу. Верувам дека како потенцијален партнер во идната власт ќе дадеме свој придонес со нашето политичко делување бидејќи веќе сериозно разговараме за имплементација на дел од нашите програмски определби во идната владина програма и владин состав“, рече Димитриевски. Според него, преговорите за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ уште течат и засега не се договорени кадровските решенија. „За нас во втор план се поделбата на власта и министерските позиции, на прв план е сето она што го ветивме во предизборниот период“, рече Димитриевски.
Ријад Шаќири од Коалицијата „Вреди“ порача дека очекуваат поддршка од ДУИ за Африм Гаши да биде избран за претседател на Собранието, додека лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, не се изјаснија дали ќе го поддржат изборот на Гаши.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседател на Собранието, место на кое ќе биде предложено да седне Африм Гаши од Алтернатива, дел од коалицијата „Вреди“.
Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ - 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди - 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.
Поради кандидатурата за претседател на Собранието, Африм Гаши се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од Коалицијата Вреди. Тетовскиот градоначалник Билал Касами, кој е претседател на Движењето БЕСА, се откажа од пратеничкиот мандат и побара да не му биде верификуван на денешната седница.