Локдаун во Пјонгјанг поради „респираторна болест“
25 јануари 2023Како што јавува јужнокорејската информативна веб-страница НК њус денеска, повикувајќи се на владино соопштение, на жителите на Пјонгјанг им е наложено да останат дома од денеска до недела, како и повеќепати дневно да ја мерат својата телесна температура.
Во официјалното соопштение, според НК њус, не се споменува коронавирус, туку се зборува за вообичаени настинки. Вчера јужнокорејската НК њус, врз основа на свои извори од Пјонгјанг, јави дека граѓаните на севернокорејскиот главен град очигледно се снабдуваат засилено со неопходни продукти во очекување да биде воведен локдаун.
Северна Кореја на почетокот на 2020 година, по почетокот на пандемијата, ги затвори своите граници за на тој начин да се заштити од ковид. Во април минатата година изолираната земја пријави првпат избувнување на епидемија, за само по три месеци да објави дека вирусот е победен.Светската здравствена организација и други експерти ги примаат со голем сомнеж севернокорејските статистички податоци и информациите за сузбивање на пандемијата. Стручњаците истакнуваат дека Северна Кореја располага со еден од најлошите здравствени системи во светот, а се претпоставува дека никој во земјата не е вакциниран против коронавирус.