1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Северна Кореја: Со војска против коронавирусот

ЕМФ | агенции
16 мај 2022

Состојбата со коронавирусот во Северна Кореја драматично се влошува. Во борбата против ширењето на вирусот се вклучува и војската.

https://p.dw.com/p/4BLcW
Nordkorea | COVID-19 | Kim Jong Un
Ким Јонг Ун во посета на аптека во Пјонгјанг (15.05.2022)Фотографија: Yonhap/picture alliance

Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун издаде наредба војската „итно да го стабилизира“ снабдувањето со лекови во Пјонгјанг, јави севернокорејската државна агенција КЦНА. Според државните медиуми, од избивањето на заразата досега починале 50 луѓе, а повеќе од 1,2 милиони се заболени.

Северна Кореја дури пред неколку дена соопшти дека во Пјонгјанг е утврдено присуство на корона-варијантата Омикрон. Според КЦНА, во сите провинции и градови во изолираната земја е воведен „целосен локдаун“. И покрај драстичните мерки, Северна Кореја секојдневно информира за голем број заразени.

Ким, како што јавува КЦНА, „жестоко“ го критикувал „неодговорниот работен однос“ на надлежните службеници во кабинетот и здравствените институции. Владетелот особено критикувал дека аптеките не работат деноноќно. Тој ги обвинил функционерите дека „не ги засукале ракавите и не ја препознале соодветно актуелната криза“.

Nordkorea | Coronavirus
Граѓани на Пјонгјанг носат заштитини маски на отвореноФотографија: Kyodo/picture alliance

Колку од претходно пријавените смртни случаи на „треска“ се должат на коронавирусот останува нејасно. Според севернокорејскиот експерт Чеонг Сеонг Чанг од јужнокорејскиот институт Сејонг, „не е претерување сите овие случаи на треска да се сметаат како Ковид-19“ со оглед на недостигот на тестови во Северна Кореја.

- повеќе: Коронавирусот ги проби ѕидовите на диктатурата

Јавната критика на Ким е знак дека ситуацијата е многу сериозна, вели професорот Јанг Му Џин од Универзитетот за севернокорејски студии во Сеул. Земјата досега ги отфрлаше понудите за вакцини од Кина и Светската здравствена организација. По извештаите за појава на Омикрон во земјата, и владата во Пекинг и Јужна Кореја повторно му понудија вакцини на раководството во Пјонгјанг.

- повеќе: Ковид во Северна Кореја: Од нула до 350 илјади случаи за 24 часа?

Северна Кореја ги затвори своите граници на почетокот на 2020 година за да се заштити од пандемијата. Според експертите, земјата има еден од најлошите здравствени системи во светот. Населението речиси воопшто не е вакцинирано, а болниците се слабо опремени и имаат само неколку одделенија за интензивна нега.