Северна Кореја протестира против „атомска уцена“ од САД
10 јули 2023Пјонгјанг остро го осуди потегот на САД да испратат стратешка подморница на атомски погон, опремена со балистички ракети, во водите во близина на Корејскиот Полуостров. Овој чекор може „практично да ја предизвика најлошата криза на еден нуклеарен конфликт“, изјавил портпарол на Министерството за одбрана, кој ги обвинил САД за „отворена уцена“, како што цитира севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.
Портпаролот критикувал дека неодамна американски извидувачки авиони навлегле во воздушниот простор на Северна Кореја во нејзиниот источен дел, во близина на источниот брег.
„Не постои гаранција дека нема да се случи шокантен инцидент во кој стратешки американски извидувачки авион ќе биде соборен над Источното Кинеско Море“, предупредил портпаролот.
Поради зголемените тензии со Северна Кореја,американскиот претседател Џо Бајден и јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол на нивната средба во април во Вашингтон договорија зајакнување на воената соработка меѓу двете земји. Во тоа спаѓа и поочигледно стационирање на стратешки американски оружени системи, меѓу кои и атомска подморница со балистички ракети. Во зависност од видот, овие ракети можат да бидат опремени со една или повеќе атомски боеви глави. Уште за време на заедничките воени маневри, САД испратија една атомска подморница со крстосувачки ракети во пристаништето Бусан во Јужна Кореја.
Северна Кореја, поради нејзината нуклеарна програма, се наоѓа под удар на силни меѓународни санкции на ОН, кои на раководството во Пјонгјанг му забрануваат тестирање на балистички ракети со било каков домет, кои би можеле да носат и нуклеарно полнење. Но, Северна Кореја и во оваа година, по ланската досега најинтензивна серија на ракетни тестови, испали повеќе ракети кои можат да бидат опремени со нуклеарни боеви глави.