1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Секс, лаги, Трамп и Џонсон...

24 март 2023

Откако веќе еднаш се испроба со лагата за изборна кражба, сега Трамп ја повторува игранката преставувајќи се како жртва на правосудна неправда. Со рака на Библијата, Џонсон пак деновиве лаже за аферата „партигејт“.

https://p.dw.com/p/4P9uL
Уличен мурал- карикатура со Борис Џонсон (втор од лево) и Доналд Трамп (трет од лево) на станицата на подземната железница Вестминстер, во Лондон
Уличен мурал- карикатура со Борис Џонсон (втор од лево) и Доналд Трамп (трет од лево) на станицата на подземната железница Вестминстер, во ЛондонФотографија: Justin Ng/UPPA/Avalon/picture alliance

Повикувајќи ги своите поддржувачи на протести, откако Трамп шпекулативно и лажно најави негово апсење во вторникот, со цел да си ја „повратат нацијата“, повторно ја втурнува Америка во една клима на демократски аларм.

Откако веќе еднаш се испроба со лагата за изборна кражба, нешто што кулминираше со повик и акција за државен удар врз Конгресот (случај за кој допрва го чека обвинение), сега Трамп ја повторува игранката преставувајќи се како жртва на неправдата од страна на окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег. Обвинителот ги истражува наводите дека порно ѕвездата Сторми Даниелс добила 130.000 долари за да молчи за наводната афера со Трамп во последните недели од неговата претседателска кампања во 2016 година.

Се разбира, доколку секс-скандалот навистина му наштети на Трамп политички, тоа најмалку ќе биде поради самиот сексуален чин, кој наводно бил многу краток и кој Даниелс го опиша како „најлошите 90 секунди во мојот живот“. Тоа што е важно е дали Трамп лажел и навистина платил, со пари од кампањата, за молкот на порно-ѕвездата. Поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, веќе призна дека ги платил парите по налог на Трамп за да купи молк за вонбрачната врска на тогашниот претседателски кандидат.

Но, тоа што е најстрашно е што во екстемистичките зборови и повици на Трамп секој остаток на уставен патриотизам се гази и погазува од личниот политички егоизам на поранешниот претседател. Трамп, по којзнае кој пат, својата лична политичка судбина ја става пред состојбите и иднината на земјата, па дури и ја изедначува со слободите и правата на американските граѓани. „Доколку овој политички прогон остане неоспорен, еден ден нема да ме таргетираат мене, туку вас“, пишува во еден е-мајл од кампањата на Трамп, кој во меѓувреме веќе собрал 1,5 милиони долари од своите поддржувачи. 

Овие одбранбени конструкции и его-наративи во суштина се напаѓачки, бидејќи удираат по самите столбови на политичко-институционалниот систем и на слободниот и демократски механизам на претставничката демократија. Така Трамп го гради својот ѕид од лаги и завери. Ако изборите се украдени, тогаш тоа е централна и локална завера на нечесните државни службеници и длабоката држава, на естаблишментот кој е подготвен да го преиначи изборот на граѓаните и да инсталира огромна режимска измама во срцето на Америка. За да се спаси себеси, Трамп е спремен да ја потопи легалноста на изборниот процес, да го напаѓа правосудството повикувајќи се на политички прогон, да ја негира легитимноста на плурализмот и мирната промена на власта.

Уставното сквернавење кое Трамп системски го спроведува, не се залечува лесно. Минималистичкото толкување на државниот удар, како дело на неколку лудаци со рогови, не води кон разрешница и помирување, туку напротив, како преседан, создава плодна почва за повторувања, затоа што границата веќе еднаш била помината, табуто било срушено, политичкото насилство и едноумие веќе еднаш речиси успеало. 

Сега Трамп тој продор ќе го искористи да изглуми жртва и да ја добие републиканската номинација од ривалот Рон Де Сантис, повикувајќи се на завера против неговата претседателска кандидатура во 2024-та. Ако треба со сила, лаги и насилство, така и ќе биде. На радикалниот популизам на десницата повеќе не и доволна демократијата која ги носи на власт, сега сакаат и дел од нелегитимната моќ, стекната надвор од правилата на демократијата.

Еден друг популист, на другата страна од Атлантикот, со раката на Библијата деновиве лаже дека ненамерно го довел во заблуда британскиот Парламент за бурните забави во Даунинг стрит во 2020 и 2021 година, кога голем дел од остатокот од земјата мораше да остане дома.

„Рака на срце, не го излажав Долниот дом“, ќе изјави Борис Џонсон за „партигејт скандалот“ пред парламентарна комисија за привилегии, која доколку утврди дека Џонсон намерно го довел во заблуда Парламентот, неговиот пратенички мандат може да биде суспендиран, отстранет од неговото лондонско пратеничко место, со што дефинитивно ќе биде погребана неговата амбиција да се врати на „Даунинг Стрит 10“, како неговиот идол Черчил. Со други зборови, може да биде санкциониран крајот на неговата налудничава и лажлива политичка кариера. Меѓудругото, затоа што, откако лани беше дефенестриран токму поради „Партигејт“, Борис акумулирал преку 5 милиони евра од говори, настапи и капар за неговите мемоари.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Секако оваа срамна слика и поза со рачето на срцето дека никогаш не лажел (знаеме добро за тие гестови на нашите локални лажови), е големо понижување за Џонсон. Хариет Харман, претседателка на Kомисијата му оддржа предавање дека „владетелите треба да ја кажуваат вистината, за доброто на демократијата“. Па потоа му ги плесна во лице видеата од сите негови контрадикторни говори во Собранието за време на 2022, појачани со слики од здравици, пијанки, вино и алкохол скриени во торбите, за Џонсон и другарчињата да се забавуваат за време на најстрогиот локдаун, додека обичните смртници ги следеа нефлексибилните анти-ковид мерки и ограничувања.

„Учествував 15-20 минути и си одев, не знаев што се случува подоцна“. „Роденденот? Беше изненадување“, ќе каже Борис, кога во истите тие денови пишуваше писмо до англиско девојче замолувајќи ја да го откаже својот роденден во име на „заштита на заедницата“. Во еден момент, опколен од прашањата на пратениците од секоја провиненција, Борис ќе се обиде елегантно да се извади: „Пијанките? Беа неопходни за градење тимски дух и добра работа, особено кога некој соработник си заминуваше“. Не му поминува!

Jасно е дека Борис лаже и дека нема добро да излезе од оваа приказна. Вели дека ги следел советите на неговите експерти за изјавите во Парламентот, но потоа се дознава дека не ги слушал правниците, туку само своите политички советници, за полесно да се извлече од критиките. Други членови од Комисијата му покажуваа сведочења од негови соработници, вклучувајќи го и неговиот шеф на кабинет, каде демантираат дека му нуделе гаранции на премиерот околу настаните и прекршувањето на анти-ковид мерките.

Џонсон ги опиша некои од наводите изнесени од комисијата како нелогични и апсурдни, обвинувајќи ја парламентарната комисија за неправедна, пристрасна и за пречекорување на своите овластувања, заканувајќи дека нема да ја прифати одлуката. Но, доказите против Џонсон се недискутабилно поголеми од доказите во негова одбрана. Анкетите покажуваат дека во очите на британската јавност, одлуката веќе е донесена, а таа е дека Борис лажел.

Во меѓувреме омразениот наследник, премиерот Сунак ја искористи ситуацијата за да ја објави својата контроверзна даночна пријава во Велика Британија, но не и во САД, нешто што помина тотално незабележано од јавноста, зафатена со Џонсон. Конечно, Сунак успеа во Долниот дом да го протне новиот договор за реформирање на трговскиот протокол за Северна Ирска, како дел од договорот за Брегзит, со само 20 евроскептични Торивеци кои се побунија, и покрај обидите за масовен бунт и непослушност, кој токму Џонсон го разгоруваше и го гледаше како шанса за кам-бек. Падот на Борис во овие моменти делува незапирлив.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи