„Татковци“ купуваат секс со малолетници
9 септември 2023Оние кои ја посетуваат платформата „MySugardaddy“ можат да видат сцени од среќен живот на фотографии и видеа: парови кои пијат шампањ, романтично дружење за двајца во спа комплекси, купување накит или забави.
Платформата е наменета за млади жени кои заради џепарлак, скапа облека и посети на ексклузивни ресторани се подготвени да се вклучат во емотивни и главно сексуални односи со постари мажи. Во описот се наведува дека тоа е „водечката европска платформа за запознавање“, односно платформа за поврзување парови. Се истакнува дека брои четири милиони членови и дека нивниот број расте, особено по избивањето на корона-пандемијата.
Платформата ги привлекува своите клиенти на тој начин што наведува дека спојува „успешни и модерни“ мажи „во најубавите години“ кои бараат многу помлади и „атрактивни жени“ кои бараат добро исутиран постар маж.
Поволна почва за сексуална злоупотреба
Но, зад таа наводна слатка врска со „татенце“ која има за цел заемна корист и нуди ветувања за гламурозен живот, често се крие горчливата вистина: истражувањето на новинарите од германскиот јавен радиодифузер SWR покажува дека таканаречените „Sugardating платформи“ се плодно тло за сексуална злоупотреба на малолетници.
Истражувачкиот тим поминал неколку недели создавајќи разни лажни профили на платформата. Како наводна 18-годишна девојка, репортерка се регистрирала на mysugardaddy.com со само неколку клика.
Иако при регистрацијата мора да се внесе и датумот на раѓање, не е можно да се избере датум за помлад од 18 години, па затоа заобиколувањето на минималната старосна граница на платформата е детска игра. По само минута-две, профилот, без проверка на возраста, бил активен и почнале да се јавуваат првите мажи. Наведената возраст на корисниците кои стапиле во контакт била помеѓу 40 и 60 години.
„Sugardaddys“ признаваат злоупотреба
По кратка размена на пораки, првите учесници потврдиле дека претходно се среќавале со малолетници на платформата и дека платиле за сексуални односи со нив. Сексуалната злоупотреба на млади е кривично дело во Германија. Во членот 182 став 2 од Кривичниот законик се вели: „Се казнува и лице постаро од 18 години кое злоупотребува лице кое не наполнило осумнаесет години затоа што извршило полови дејствија врз него.
Репортерката му се претставила на едно лице со кое разменувала пораки како 17-годишна малолетна девојка. Тоа не му било проблем и ја поканил да се видат во хотел во Берлин. Пред тоа, тој ја прашал репортерката - наводното малолетно девојче - дали зема апчиња за контрацепција и какви сексуални односи преферира.
И тој признал дека преку платформата се запознал со повеќе од десет малолетници, некои од нив лично. Најмладата со која рекол дека „има нешто“, имала само 14 години. Користејќи ја услугата за пребарување фотографии на Гугл, новинарите открија дека 48-годишниот маж е поранешен пратеник во германскиот Бундестаг, се уште е активен во политиката и моментално има функција на локално ниво.
Без вина
Опремена со скриена камера, репортерката потоа се сретнала со него, а потоа се претставила како новинарка. Таа го соочила со прашањето зошто бара малолетници на платформата и зошто презема таков ризик. Но, тој политичар, а воедно и економски консултант, не покажал никаква свест за вина. Малолетниците, вели тој, „знаеле што прават“. Дополнително, како што додал, и двете страни немаат интерес таквиот однос да стане јавен, бидејќи сакаат да го зачуваат својот углед.
Кога репортерката му посочила дека сексот со малолетничка за пари е кривично дело, тој го избегнал одговорот велејќи дека „тоа е дискутабилно“. Тој исто така рекол дека бара врски „на исто ниво“ и нуди менторство. Како што нагласува, овде не гледа „нерамнотежа на моќта“. Новинарката не добила одговор на прашањето што мисли тој за секс за пари со 14-годишно девојче и дали е свесен за кривична одговорност.
Предупредување за злоупотреба на моќ и зависност
Јулија фон Вајлер, т.н „Sugardating“ смета дека е голема опасност за малолетниците, особено за младите жени. Таа е шеф на организацијата „Невиноста во опасност“ која се бори против сексуалната злоупотреба на децата. „Кога млад човек ќе запознае многу постар човек, тогаш по дефиниција имаме работа со непропорционален однос – во однос на животното искуство, моќта, а често и насилството и финансиската супериорност. Тоа предизвикува зависност“, вели Фон Вајлер.
Таа посочува и дека понекогаш тоа не е слободна одлука на младите: „Ако некој го прави тоа поради финансиска потреба или поради реална принудна ситуација, тогаш тоа не е доброволна одлука“.
Ова го потврдува и студија на дански истражувачки тим, за која биле интервјуирани околу шеесетина млади жени. По позитивните искуства на почетокот, многумина од нив продолжиле да ги поместуваат своите лични граници и западнале во зависни односи - во страв од насилство, но и од напуштање, вели раководителот на студијата, проф. Жанет Бјонес од Универзитетот во Архус. Голем дел од овие луѓе, како што е утврдено, потекнуваат од комплицирани семејни заедници и на овој начин се трудат да добијат пари, но и признание.
Случајот на Даниел Б: злоупотреба иницирана преку онлајн платформи
Фактот дека мажите на платформата „MySugardaddy“ конкретно контактираат само со малолетници, го потврдува и актуелниот случај за кој одлучуваше Окружниот суд во Минхен оваа пролет. Обвинетиот Даниел Б. на различни платформи се допишувал со девојчиња на возраст од 13 до 16 години, а повремено вршел полови дејствија со нив или пред нив.
Тој во неколку случаи беше обвинет за сексуална злоупотреба на деца и млади и на крајот беше осуден на 3,5 години затвор. Пресудата на регионалниот суд се уште не е правосилна, осудениот поднел жалба.
На суд, Даниел Б. во неколку наврати ги обвини оштетените за соучесништво во неговите постапки, бидејќи се регистрирале на платформи на кои им е дозволен пристап само на возрасни лица. Сепак, судот остро го критикуваше и ја отфрли неговата аргументација во пресудата.
Трговија со луѓе и присилна проституција
Главната истражителка во случајот со Даниел Б. беше Елиса Панучио. Специјализирана е за борба против сексуалното насилство врз децата и младите. „Ниту една платформа за која знаеме не е безбедна од сексуална злоупотреба. Нема проверка на возраста, нема верификација“, истакнува Панучио.
На прашањето на новинарите на SWR, Федералната канцеларија на криминалистичката полиција одговори дека платформата „MySugardaddy“ „е позната во германските покраини по поврзаноста со трговијата со луѓе и присилната проституција“. Федералната канцеларија за криминалистичка полиција посочува дека е „пожелна“ проверка на возраста од операторот на платформата.
И некои покраински криминалистички канцеларии, исто така, потврдуваат дека се свесни за случаи на сексуална злоупотреба што се случиле по користење на платформата „MySugardaddy“ .
На новинарско прашање, германското федерално министерство за дигитални технологии, сепак, одговори дека построгата проверка на возраста не е во согласност со прописите на Европската Унија. Германското федерално министерство за семејство најави дека треба да се блокираат таквите платформи кои проактивно бараат малолетни корисници.
Платформата „MySugardaddy“, и покрај повеќето обиди не одговорила на прашањата на новинарите на SWR.