1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Само Трамп може да ја разбуди Европа

17 јануари 2025

Ако нешто нѐ научила историјата, тогаш тоа дека Европа секогаш напредувала преку кризи и само тогаш успевала да се промени. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4pGP5
САД Доналд Трамп
Фотографија: AFP/B. Smialowski

Следниот понеделник ќе се одржи инаугурацијата на новиот претседател на САД, Доналд Трамп. Европа, онаа официјалната, во функцијата и ликот на првата жена на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, не е поканета да присуствува.

Наместо Фон дер Лајен, шоуто од Европа ќе треба да го „води“ Џорџа Мелони, која неодамна го посети имотот на Трамп на Флорида, а тој ја нарече фантастична жена. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски ќе присуствува на инаугурацијата, потврдија од владата уште на 10 јануари. На настанот ќе се „наредат“ лидерите на десничарските популистички партии во Европа, како што е Алис Вајдел, предводничка на екстремната АфД во Германија или премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, наречен лошо момче на европската политика. Од Франција е поканет челникот на „антиимиграцијата“ Ерик Земур. Поканети се и Белгиецот Том Ван Грикен и поранешниот полски премиер Матеуш Моравјецки, кои се судрија со Брисел во долг спор за владеење на правото. Моравјецки потврдил дека ќе дојде. Белата куќа ги поканила и лидерот на шпанската ултранционалистичка партија Воск и шефот на португалските десничари Чега.

Европа е поделена уште пред Трамп да стапи на власт, додека во меѓувреме Стариот континент се прашува што го чека со Украина, што ќе биде со царинските давачки или со потрошувачката за НАТО. Но, најмногу од сѐ, Европа се прашува што ќе прави со доаѓањето на Трамп, дали на неговото второ враќање ќе гледа само дефетистички или конечно, Европа и ЕУ ќе се разбудат од сонот и ќе почнат да трчаат по стапките на Америка, пред сѐ во технолошките иновации, воената одбрана, економскиот раст и конкурентноста.

Светот сѐ повеќе наликува на Европа од крајот на 19-ти век

Најголем дел од Европа и европските држави сѐ уште се однесуваат како да живееме во бавното, речиси закочено мирнодопско време од крајот на 20-ти век, додека светот околу нас сѐ повеќе наликува на Европа од крајот на 19-ти век, составена од светски сили во жестока борба помеѓу себе и империи во суров натпревар за сфери на интерес. Денес живееме во еден променет свет, кој се менува со загрижувачки ритам. Светот секој ден сѐ повеќе делува насочен кон една нова парадигма, каде геополитичката сцена е од планетарни димензии и каде голем број од предизвикувачките на постоечкиот поредок се ревизионистички сили кои не му припаѓаат на Западот. Оттука, за очекување е дека и САД со Трамп повеќе ќе се однесуваат како останатите трансакциски суперсили, наместо како една Германија или Шведска.

Време е Европа и ЕУ да се освестат пред евидентната реалност и да почнат да размислуваат како суперсила, како гео(политичка) целина, доколку не сакаат да бидат растргнати и распарчени од светските играчи во меѓусебен натпревар. Европа во овој момент делува ранлива, уплашена и замолчена. Светот кој забрзано се менува претендира една вистинска европска сила, која ќе биде способна да го следи чекорот на САД и на големите демократии, но воедно ќе биде способна да развива и своја сопствена автономна политика и влијание. Европа која би била дел од големите трговски патишта и промени, која ќе биде способна да развие дијалог со Глобалниот Југ и да учествува во трансформацијата на мултилатералниот систем, доколку не сака во спротивно да биде жртва и набљудувач во големиот судир помеѓу САД и Кина.

Европа заостанува

Првиот и најголем проблем и предизвик за Европа е нејзиното заостанување во технолошките иновации, конкуретноста и економскиот раст, споредбено со САД, Кина, па дури и една Индија. Еден од најупадливите показатели за заостанувањето на Европа во однос на САД може да се види во разликата на БДП пер капита, кој ако во 2010-та беше 47% помал од американскиот, денес таа разлика е порасната на 82%. Европа има сериозен проблем со продуктивноста и извозната конкуретност, каде уделот на ЕУ во глобалниот извоз од 19% во 2002 година, денес е паднат на под 15%.

Со падот на конкуретноста и продуктивноста, неизбежно тоне и растот на платите и животниот стандард. Со намалени даночни приходи, неминовно ќе се намалат и владините инвестиции во здравството, образованието и социјалната сигурност. Европските граѓани стануваат сѐ посиромашни споредбено со Американците, додека европските влади стануваат неспособни да одговорат на растечките потреби за јавна потрошувачка. Европскиот идентитет базиран на социјалните политики, ризикува да се распадне.

Најалармантното заостанување на Европа е во технолошкиот сектор и претприемаштвото. Во последните 50 години САД далеку ја надминаа Европа во изградбата на нови корпоративни гиганти. САД има создадено 68 компании чија вредност надминува 10 милијарди долари, со вкупна пазарна капитализација од преку 30 милијарди долари. Европа, од друга страна, се бори да одржи чекор со далеку помалку фирми и со вкупна вредност која е 70 пати помала од онаа во САД.

Европа се наоѓа во незавидна геополитичка позиција. Кога Европа би била една фирма, тогаш таа би била во конфликт со својот најголем добавувач на суровини како Русија и со својот најголем купувач - Кина. Најголемиот дел од европскиот извоз завршува во Кина, чија пак економска ситуација и царините само ја отежнуваат ситуацијата. Во исто време, судирот со Русија ја зголемува цената на суровините, додека американскиот протекционизам го намалува пристапот кон нови пазари. Европа на тој начин само ќе тоне и сѐ повеќе ќе биде заробена во судирот помеѓу големите сили. Затоа Европа мора да се подготвува за најлошото и да почне заеднички да делува, како и да се зајакне со реализација на договорот со земјите од Меркосур.

Можен ли е обединет фронт?

Европа мора да ја реализира заедничката одбрана, за која се говори веќе половина век и која конечно би можела да се реализира оваа година. Во спротивно само ќе растат националните потрошувачки во потрага по недостижните проценти за секоја засебна земја. Најдоброто решение би бил еден заеднички фонд - се зборува за 500 милијарди евра - преку издавање на заеднички евробонд.

Беспредметно е веќе да се напоменува колку е важно Европа фискално да се обедини во стилот на САД, политички да се обедини и да го доврши европското проширување со вклучување на Западен Балкан. Сѐ додека не го направи тоа, ќе биде порозна за странски непријателски мешања и политички влијанија од трети страни. За Европа ќе биде особено тешко да изгради обединет фронт во однос на трампизмот. Многу веројатно е дека секоја засебна земја ќе бара начини како да воспостави специјални односи со САД. Тоа значи дека сите земји од Европа ќе станат далеку повеќе трансакциски расположени во односите едни со други.

За промена на сите овие аспекти, потребно е Европа да се разбуди од сонот и да почне да го гледа светот онаков каков што е. Тоа значи да се ослободи од својата ароганција кон помоќните и послабите земји од Глобаниот Југ или од Балканот. Европа мора да изгради сопствена и јасна политика за соработка со Кина, Индија, Турција и начин како да го задржи Балканот во својата геополитичка сфера. Европа мора и да го напушти својот бинарен поглед од Студената војна, тој црно-бел свет на „или си со нас, или си против нас“. Таквата политика на Европа повеќе не функционира во однос на една Србија или Македонија, камоли пред светските и регионалните гиганти. Конечно, за Европа како Унија, составена главно од мали и средни државни сили, единствениот начин да остане влијателна и компетитивна на глобално ниво е да ја зајакне својата обединетост. Силата е во Унијата.

Преведено на прост јазик, европските земји треба да станат помалку трансакциски и националистички настроени помеѓу самите себе, а повеќе трансакциски и патриотски настроени кон останатите средни и големи сили во овој трампистички свет.

Ако нешто нѐ научила историјата, тогаш тоа дека Европа секогаш напредувала преку кризи и само тогаш успевала да се промени. Затоа и овојпат е огромна одговорноста на европските институции и особено на Комисијата. Од Брисел е неопходна храброст, визија и лидерство. А којзнае, можеби Фон дер Лајен и непоканета ќе се појави на забавата на Трамп и друштвото.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема