1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Европа може да си ги обезбеди критичните суровини?

Матијас Рихтман
8 јуни 2024

Во ЕУ стапи во сила закон за намалување на зависноста од Кина во однос на суровини од витално значење, како што е литиум. Може ли тоа да успее?

https://p.dw.com/p/4gaMs
Литиум е суровина од витално значење
Литиум е суровина од витално значењеФотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance

Во Битерфелд-Волфен се навикнати на хемиски процеси. Но, рафинеријата за литиум е нова во индустрискиот парк, всушност и прва во Европа од тој тип.

Во битката на ЕУ за ресурси, новата  постројка за литиум во Германија ќе игра голема улога. Таму ќе се добива, процесира и рафинира литиум во производ за вградување во батерии за европската индустрија која нема да мора да го набавува од Кина.  

Барем таков е планот за 2028 година, кога АМГ според сопствени наводи ќе биде во состојба да функционира без кинескиот посредник. Тоа е и мал чекор напред во однос на амбициозните цели што си ги постави ЕУ за рециклирање, рафинирање и обезбедување на листа со 34 т.н.  суровини од витално значење, меѓу кои и литиум, фосфор, како и ретки елементи од типот на ниобиум.

Законот на ЕУ за витални суровини е прва опширна европска стратегија за снабдување со минерали и метали. Амбициозните цели во законот треба да го поттикнат домашното производство, процесирање и рециклирање. До 2030. година не смее повеќе од 65 проценти од годишно употребуваните количини на одредена суровина да бидат набавувани од една иста трета земја.

Рафинеријата за литиум во Битерфелд-Волфен
Во Битерфелд-Волфен рафинеријата за литиум е нова во индустрискиот парк, всушност и прва во Европа од тој типФотографија: Felix Pauschinger/DW


„За геополитички да се натпреваруваме со други играчи како Кина и САД, мора законот да дозволува да се координираат потребите и барањата на различните земји членки," вели Меѓани Милер од тинк-тенкот СВП за ДВ.

Кина доминира со минералите

Цела побарувачка на ЕУ за  ретки минерали  се покрива од Кина, се вели во извештајот на ЕК.  Кина ги доминира глобалните пазари и рударството,  а особено има контрола над процесирањето и рафинирањето на суровините. Во обидот на Европа да ги дицерзифицира дистрибутивните ланци и да поттикне зелена транзиција, влијанието на Кина засилено се смета за закана.

„Дали зборуваме за чипови за виртуелна реалност или ќелии за соларни панели, транзицијата ќе биде поттикната од суровините. Литиум и ретки руди веќе ги заменуваат гасот и нафтата како срцето на економијата," оцени шефицата на ЕК, фон дер Лајен уште во 2022 година.

За да се постигнат новите цели на ЕУ, мора да се отворат нови рудници во Европа, затоа што најмалку 10 проценти од потрошуваните суровини до 2030 година треба да се добиваат локално, односно 7 проценти повеќе од сега.

Штефан Шерер
Штефан Шерер: Инвестицискиот трошок за производство на литиум од ново наоѓалиште е 500 милиони до една милијарда евраФотографија: Felix Pauschinger/DW

Но рударството троши пари и време. „Во просек се потребни 17 години за да се развие рудник за литиум од првичното откривање до производството," вели аналитичарот Алис Ју од СиП Комодити Инсајт. Штефан Шерер од АМГ Литиум проценува дека инвестицискиот трошок за производство на литиум од ново наоѓалиште е 500 милиони до една милијарда евра. 

Што е со парите?

Првиот модул од постројката во Битерфелд-Волфен ќе чини 140 милиони евра, од кои пет милиони субвенционира покраината Саксонија-Анхалт. Но, инвестициите се комплицирани затоа што има голема промена во цените кои може да направат непредвидени загуби за компанијата, со оглед на тоа дека цената на литиумот на пример е падната за 80 проценти од 2022 година до сега.
„Луѓето се мошне внимателни кога е во прашање инвестирање во литиум проекти затоа што со сегашните цени е многу тешко да се направи бизнис план со добивка," вели Шерер.

Како може да се рециклираат батериите?


Тука може да помогне заедничката иницијатива на италијанската, француската и германската влада кои заеднички планираат околу 2,5 милијарди во јавни инвестиции. Но, дури и тоа може да биде премалку. „Ако се ограничиме само на литиум, потребна е инвестиција од околу пет милијарди евра за да се постигне европската цел," вели Ју.
Од помош би било да се привлече приватен капитал, а тука пак може да биде од помош токму Кина. „Кога зборуваме за диверзификација од Кина, мислиме на увоз од Кина. Но, ЕУ до сега е кооперативна кога има кинеска инвестиција за производство на батерии во ЕУ. Ако се работи за рафинирање на литиум, дали и тука исто така би работеле со кинеска експертиза и капитал?"