1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД работат на тоа да се почитува Договорот од Преспа

31 јули 2024

САД ќе бидат и многу активни во разговорите меѓу Скопје и Софија штом Бугарија има постабилна влада, изјавил помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан.

https://p.dw.com/p/4iwcM
знамиња на Северна Македонија и САД
Фотографија: Government of North Macedonia

Северна Македонија страда поради спорови со нејзините соседи, што е еден од проблемите за пристапување во ЕУ и влијае на менување на условите постојано, рекол помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајан на сослушување за иднината на Европа пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот.

Тој бил прашaн од демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин - што можат САД да направат повеќе за да ги охрабрат Европејците да ги исполнат ветувањата за државите од Западен Балкан кои ги направиле бараните реформи, без да ги менуваат правилата или условите за нивно придвижување кон ЕУ, како што е случајот со Северна Македонија?

„Главното прашање е договорот што Северна Македонија го има со Бугарија, и штом Бугарија има постабилна влада, ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Значи, тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни“, одговорил О`Брајан", пренесе Гласот на Америка на македонски.

Џејмс О`Брајан, помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања
Џејмс О`Брајан, помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Фотографија: Rod Lamkey/CNP/picture alliance

Пријател, а не пречка на патот

Во медиумите во Грција акцентот е ставен на Договорот од Преспа. Под наслов „Стејт департмент: САД работат да гарантираат дека Северна Македонија го почитува договорот со Грција“, повеќето од нив ја пренесуваат оваа изјава на помошникот државен секретар.

Тој за време на сослушувањето пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот нагласил дека контактите на американските законодавци се корисни за да се задржи Северна Македонија посветена на договорот.

„Дел од нашата дипломатскa работа е да подготвиме начин за (Северна Македонија, н.з.) да го одржи договорот што го има со Грција. И мислам дека средбата што ја имавте и другите помогнаа работите да останат во оваа точка, за Грција да стане пријател, а не пречка на пристапниот пат на Северна Македонија. Исто и со Албанија“, посочил тој.

Грчките медиуми потсетуваат дека премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова најавиле дека официјално ќе го користат уставното име, но дека ќе го користат и името Македонија како чин што произлегува од правото на самоопределување и слобода на изразување. Потсетуваат и на ставот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој на Самитот на НАТО во Вашингтон го отвори прашањето и порача дека еден од најважните аспекти на Договорот од Преспа е опсегот на употребата на уставното име - „ерга омнес“ - што ги обврзува властите да го користат името Северна Македонија и надвор и внатре во земјата.

карта македонија бугарија грција
Фотографија: Fotolia/Bastos

Сослушување за жешките теми

Одговори на дел од спорните прашања денеска (31.07) ќе се бараат и во Бугарија. Во собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, е закажано сослушување на претставниците на Министерството за надворешни работи, на три теми. Првата е „во врска со неспроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и мерките преземени од извршната власт за гарантирање на правата на Бугарите во РСМ, преку реализирање на нивното легитимно барање за вклучување во Уставот на еднаква основа со другите народи во земјата".

Втора точка е сослушување на претставниците на МНР за состојбата со конзуларните и дипломатски услуги на територијата на РСМ, а трета - сослушување на претставниците на МНР во врска со последниот попис во Република Албанија и последователните реакции од соседните држави.

Јунските избори во Бугарија досега не резултираа со формирање влада и македонските власти сѐ уште немаат „редовен“ соговорник во Софија, со кој би почнале дијалог за одглавување на процесот.

Независно од тоа дали функционира службена или редовна влада, од Софија доаѓаат исти пораки: дека бугарската страна нема намера да поставува „нови услови“ за Северна Македонија, но исто така нема да дозволи ни отстапување од досега постигнатите договори, од кои прво е впишувањето на Бугарите во Уставот на РСМ.

Пред неколку дена премиерот на службената влада и в.д. министер за надворешни работи, Димитар Главчев, потенцираше дека Софија го продолжува ангажманот за европска интеграција на Западен Балкан врз основа на сопствени заслуги, но инсистира и на заштита на правата и интересите на бугарските граѓани во странство.

„Во тој контекст од првостепено значење за нас е гарантирањето на правата на Бугарите во РСМ“, порача Главчев.