Трамп го критикува Зеленски: „Тој одбива да склучи договор“
26 септември 2024Републиканскиот претседателски кандидат го обвинува украинскиот претседател Володимир Зеленски дека- не склучил договор со Москва за ставање крај на руската агресорска војна во Украина.
„Продолжуваме да даваме милијарди долари на човек кој одбива да склучи договор“, изјави Трамп на предизборниот митинг во Северна Каролина. „Луѓето се мртви, земјата е во урнатини. Секој договор, дури и најлошиот, ќе беше подобар од она што го имаме сега“, рече екс-претседателот.
„Сега имаме земја која е збришана и не може повторно да се изгради. Ќе бидат потребни стотици години за обнова“, продолжи Трамп за Украина, тврдејќи дека нема доволно пари за обнова на земјата, дури и ако целиот свет се собере за таа цел.
Во средата, американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави нова воена помош за Украина во вредност од 375 милиони долари (околу 337 милиони евра). „САД стојат зад одбраната на Украина од руската брутална агресија“, порача Блинкен. Вашингтон ќе ја обезбеди новата помош „што е можно побрзо“, додаде тој.
Новиот пакет вклучува „муниција и поддршка“ за американскиот артилериски систем Химарс, како и касетна и артилериска муниција, оклопни и лесни артилериски возила, мало оружје и „противтенковско оружје“, рече Блинкен.
Како и порано, Трамп повторно остро ја критикува континуираната поддршка на САД за Украина против руските напади. „Секогаш кога доаѓаше во нашата земја, земаше со себе 60 милијарди долари“, рече Трамп за Зеленски. Тој е „веројатно најголемиот бизнисмен на светот“, се потсмеваше поранешниот американски претседател.
Доколку неговата демократска противкандидатка Камала Харис победи на претседателските избори на 5-ти ноември, нејзината влада ќе испрати „американски деца“ во Украина, предупреди Трамп: „Нема да дозволиме нашите војници да умрат од другата страна на океанот."
Всушност, американската влада под актуелниот претседател Џо Бајден и неговата заменичка Камала Харис постојано нагласуваа дека американски копнени трупи нема да се користат во конфликтот во Украина. Преголеми се стравувањата од директен конфликт со Русија, каде последиците тешко можат да се предвидат.
Бајден во четврток во Белата куќа ќе го прими колегата Зеленски, кој сака на Бајден и Харис да им претстави план за тоа како може да се постигне победа на Украина во борбата против руската инвазија и праведен мир.
Зеленски всушност сакал да се сретне со Трамп за време на неговиот престој во САД. Меѓутоа, американските медиуми објавија дека таква средба сега се смета за неверојатна. На Трамп му пречело интервјуто на украинскиот претседател во кое тој рекол дека 78-годишниот републиканец „навистина не знае како да ја запре војната“. Во Северна Каролина, Трамп се пожали дека Зеленски „кажал лоши работи за вашиот омилен претседател – за мене“.