Харис го предизвика Трамп на втор ТВ-дуел
11 септември 2024Претседателската кандидатка на Демократската партија Камала Харис го повика републиканецот Доналд Трамп на втора телевизиска дебата во октомври, помалку од еден час по завршувањето на првиот ТВ-дуел на двајцата кандидати на телевизијата Еј-Би-Си Њуз.
„Под силните рефлектори, американскиот народ го виде изборот со кој ќе се соочи оваа есен на гласачките места, помеѓу напредување со Камала Харис или уназадување со Трамп. Тоа е она што го видоа вечерва и што треба да го видат на втората дебата во октомври“, се вели во соопштението на кампањата на Камала Харис.
Како што се додава, таа е подготвена за втор ТВ-дуел, пренесува Еј-Би-Си Њуз.
Трамп порача дека демократите сакаат уште една дебата бидејќи „загубиле“, додавајќи дека ќе размисли за предизвикот.
Телевизијата Фокс њуз соопшти дека предложиле одржување втора претседателска дебата во октомври, додавајќи дека се испратени писма до кампањите на кандидатите пред дебатата во вторникот по локално време.
Наредна претседателска дебата не е договорена, додека дебатата меѓу кандидатите за потпретседател Џеј Ди Венс и Тим Волц ќе се одржи на 1 октомври.
Камала Харис и Доналд Трамп ја одржаа својата прва дебата на која главни теми беа економијата и имиграцијата, како и војните во Појасот Газа и во Украина.