1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот Кичево - Охрид досега „изел“ 575 милиони евра

ДТЗ
8 февруари 2024

За изградба на еден километар од оваа патна делница до крајот на 2022 година се инвестирани приближно 9 милиони евра. И покрај зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата не е изградена

https://p.dw.com/p/4cBir
Кичево - Охрид
Патот Кичево - Охрид досега „изел“ 575 милиони евраФотографија: DW/K. Delimitov

Автопатот Кичево-Охрија е најголемата инфраструктурна инвестиција со „децениска“ изградба во Северна Македонија. И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата Кичево-Охрид не е изградена. Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за државни патишта за 2022 година. Во него се посочуваат голем број слабости и неправилности. Ревизорите утврдиле дека само за изградба на еден километар од оваа патна делница до крајот на 2022 година се инвестирани приближно 9 милиони евра. Големи се трошоците и за изградбата на патот од Скопје до Блаце. 

Продолжени рокови и 42 промени на проектите

Најголемиот дел од материјалните средства на ЈП за државни патишта или 46% од нив (55.048.838 илјади денари), се материјални средства во подготовка, кои се однесуваат на изработка на проектни документации, извршени експропријации, изградби, реконструкција и рехабилитација на државните патишта и нивен надзор. За дел од овие средства со ревизијата е утврден недостиг на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата, што предизвикало зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба/реконструкција на делниците. При тоа, поради појавени непредвидливи и дополнителни работи биле направени измени и дополнувања на основните проекти – варијации, чии број се движи од една до 42 промени соодветно по проекти, како и продолжувања на рокот за градење на делниците од осум месеци до шест години.

Најмногу варијации, најголемо продолжување на рокот и зголемување на вредноста на договорот од 45% (187 милиони евра) има кај изградбата на патната делница Кичево – Охрид. Според износот на инвестирани средства и должината на патната делница која се гради, најголем проект, претставува изградбата на патната делница Кичево – Охрид, чија должина изнесува 56,7 километри, а чиј износ заклучно со декември 2022 година изнесува приближно 512 милиони евра, односно за изградба на еден километар од оваа патна делница, до крајот на 2022 година инвестирани се околу 9 милиони евра. До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ одприближно 575 милиони евра.

Кичево - Охрид
За изградба на еден километар од оваа патна делница до крајот на 2022 година се инвестирани приближно 9 милиони евра.И покрај зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата не е изграденаФотографија: DW/K. Delimitov

Свлечишта ја одолговлекуваат изградбата 

Во мај 2014 година започна изградбата на патната делница Кичево – Охрид.За таа цел во јануари 2014 година, склучен е договор за заем меѓу банка од НР Кина и ЈП за државни патишта во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари.

Од спроведениот теренски увид ревизорите констатирале дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба. Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево – Охрид се наведуваат: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите).

До денот на завршување на ревизијата на прва, втора и четврта подделница на делницата Кичево – Охрид се појавиле 11 нови свлечишта, а можни се и нови, кои дополнително влијаат на потреба од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот на нејзино завршување и исплата на дополнителни финансиски средства.  

Кичево - Охрид
Во мај 2014 година започна изградбата на патната делница Кичево – Охрид.Фотографија: DW/K. Delimitov

За еден километар до Блаце - 5,9 милиони евра 

Следни делници по големина се: надградбата и развојот на патот - Ранковце - Крива Паланка, со инвестирани средства во вкупен износ од речиси 45 милиони евра и должина од 25,5 километри, додека според цената на чинење за еден километар следна по големина е автопатската делница Скопје – Блаце со износ од приближно 5,9 милиони евра.

Со најниска цена на чинење е регионалниот пат, делница Извор – Гарски мост (патен правец Дебар - Кичево) , чија должина е 19 километри, при што за изградба на еден километар од делницата инвестирани се околу 489 илјади евра.

Со ревизијата е утврдено дека, 21 проект за изградба, рехабилитација и реконструкција на патни делници и изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини, во износ од 234 милиони евра, иако се ставени во употреба и се користат, во сметководствената евиденција на претпријатието не се соодветно признати како недвижности . Како причина за оваа состојба се наведува неизвршениот технички прием поради нерасчистени имотно – правни односи при експропријација на земјиште, изградени локални патишта кои не се предадени на општините, изградена и непредадена автопатската делница Демир Капија-Смоквица со Министерство за финансии и несоодветна алокација на инвестиции по проекти. Овие средства генерираат приход, без притоа да бидат признаени соодветни расходи, односно за нив не е пресметан и признаен трошок за амортизација во претходниот период и во тековната 2022 година.