Од Кичево до Охрид за 600 милиони евра
2 ноември 2018Од првично предвидените околу 400 милиони евра, цената на изградбата на автопатот Кичево-Охрид ќе порасне за уште најмалку 187 милиони евра. Доколку на оваа цена се додадат и евентуалните непредвидени трошоци, 57-те километри автопат во Македонија би можеле да достигнат и цена близу 600 милиони евра, или околу 10 милиони по километар автопат.
Владата денеска на седница усвоила анекс на договорот со кинеската фирма Синохидро која, согласно договорот со претходната влада, останува главен изведувач на работите.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев вели дека е постигнат добар договор со Кинезите со кој се заштедуваат околу 95 милиони евра од буџетот.
„Бевме соочени со веќе потпишан договор, кој беше со потешкотии во своето функционирање. Имавме две можности, едната да се прекине изградбата, со што ќе бевме приморани да ги вратиме средствата кои веќе беа потрошени за проектот, да останеме без автопат, како и да платиме сериозни пенали поради лошиот проект кој беше усвоен од претходната Влада. Втората можност беше да се продолжи со изградбата на автопатот, но претходно да се доведе во технички и финансиски исправна состојба, за која се одлучивме како Влада", рече Анѓушев.
Според него, согласно основниот договор, владата ќе морала да доплати 282 милиони евра за санирање на грешките во проектот, но успеала во процесот на преговори да постигне пониски цени, односно, да доплати 187 милиони евра.
Санација на грешките ќе чини скапо
Според Анѓушев, само за санирање на главниот проблем- промашените косини на автопатот- потребни се дополнителни 70 милиони евра. Дополнителни 30 милиони евра ќе се потрошат за изградба на 9 нови клучки кои не биле планирани со оригиналниот проект, а остатокот веројатно ќе се инвестира во изградба на тунелот Пресека, кој бил испланиран во проблематичен терен.
Анексот прво треба да се усвои во Собранието, а потоа ќе се бара кредит од кинеската Ексим банка, а за истиот, откако ќе биде одобрен, парламентот повторно ќе треба да го потврди задолжувањето. Како што објасни министерот за финансии Драган Тевдовски, и претходниот кредит бил земен од Ексим банка, со фиксна камата од 2 проценти, со 20 години рок на плаќање и пет години грејс период.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјави дека актуелната влада само „вади костени од оган“, затоа што ниту ја договарала изградбата, не го избрала изведувачот и не ја згрешила проектната документација.
Специјалното јавно обвинителство ги гони поранешниот премиер Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за транспорт Миле Јанакиески и други функционери на поранешната влада во случајот „Траекторија“, токму поради договорот за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Штип-Миладиновци. Според СЈО, тие потпишале штетен договор со Синохидро со кој го оштетиле буџетот за околу 150 милиони евра.