1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе одговара за фијаското на патот Кичево - Охрид?

ДТЗ
7 ноември 2023

Премиерот Димитар Ковачевски бара ревизија и анализи дали проектот и изведбата се квалитетно направени. Целта е да се лоцира кој е виновен за недовршувањето на патот кој е „црна дамка“ во градежништвото.

https://p.dw.com/p/4YVa9
автопат Кичево -Охрид
Кој ќе одговара за фијаското на патот Кичево - Охрид?Фотографија: DW/M.Jovanovski

Кој ќе одговара за фијаското на автопатот Кичево-Охрид кој се гради една деценија, а крајот не е ниту на повидок? Откако премиерот Димитар Ковачевски деновиве го отвори прашањето, најавувајќи ревизија на проектот и можно раскинување на договорот, во јавноста се наметнаа дилеми дали државата ќе треба дополнително да плаќа казнени поени за пат за кој веќе се потрошени 600 милиони евра - многу повеќе од првично предвидените за овој проект. 

Премиерот вели дека овие „600 милиони евра нема да завршат во контејнер“, затоа што веќе е изграден добар дел од патот или над 75%. „Проблем е што самото проектирање и репроектирање не биле направени на квалитетен начин и затоа патот се гради бесконечно веќе 10 години“, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Пивара-Скопје.

Според премиерот, анализата ќе биде насочена кон проектантските куќи и кон изведувачот, со цел да се утврди дали проектите биле квалитетно направени и зошто доцни изградбата на патот.  Целта е да се лоцира кој е виновен за недовршувањето на патот, кој се оценува дека е „црна дамка“ во градежништвото. Ваквата потреба се наметнува особено по информацијата дека се појавиле 11 свлечишта на трасата, коишто дополнително ги комплицирале градежните зафати. 

Анализи и ревизија

Ковачевски потврди дека во тек се анализи и ревизија во однос на финансиските и на процедуралните аспекти. Според него, недозволиво е еден автопат од 40 километри да се гради повеќе од 10 години и сè уште да не е направен и притоа пак да се бара одложување на рокот кое треба да оди пред пратениците. Во игра се неколку опции - една од нив е и раскинување на договорот со изведувачот. 

Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски бара ревизија и анализи дали проектот и изведбата се квалитетно направениФотографија: Government of North Macedonia

„Сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање на изведувач кој ќе го направи на квалитетен начин, а не да гледаме пат којшто се прави, во кој се инвестираат пари, а досега нема еден метар автопат пуштено на делницата Кичево – Охрид“, рече Ковачевски деновиве на прес-конференција во Охрид.

Станува збор за договор кој беше изгласан во Собранието, поради што со одлука на пратениците ќе треба да се измени законското решение со коешто за изведувач беше ангажирана кинеската компанија „Синохидро“.

Можни решенија

Надлежните најавуваат дополнителни чекори за изнаоѓање на најдобрите решенија за завршување на автопатот Кичево – Охрид. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во гостување на ТВ 24 рече дека пред извесен период правеле анализи, бидејќи се работи за проект којшто трае предолго време и во кој се јавиле големи проблеми до денес и во самата реализација.

„Во врска со овој проект, еден од чекорите е ревизија на целата проектна документација и таа се одвива во Јавното претпријатие за државни патишта. Има две ревизии во моментов, едната е за капиталните проекти, другата за финансиската исправност. Вториот чекор кој ќе го преземе Владата е ангажирање на експерт за фидик договори преку надзорниот орган, којшто ќе ни ги посочи неколкуте сценарија. Тој работи на вакви меѓународни договори“, наведе Бочварски.

Рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември. до кога се очекува одлука што понатаму.  Договорот за изградба на делницата е потпишан пред 10 години со кинеската компанија „Синохидро“. Анализите покажуваат дека досега се потрошени речиси 600 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.