Република Молдавија - да се биде, или не?
6 јануари 2023Крајот на 2022 беше одбележан со еден храбар потег на властите во Кишињев: одземањето на лиценците на шест проруски телевизии во Република Молдавија. Некои од нив се во сопственост на олигархот Илан Шор кој е во бегство и кој на првостепениот суд беше осуден на седум и половина години затворска казна заради перење пари и измама на банки (заради вмешаноста во кражба на една милијарда долари од молдавскиот банкарски систем). Други се во сопственост на лица кои се поврзани со социјалистичката проруска опозиција.
Тоа беше одлука на Комисијата за вонредни ситуации која аргументираше дека телевизиите повеќекратно го прекршиле Кодексот за аудиовизуелни услуги. Вестите за војната во Украина биле пренесувани на тенденциозен и манипулативен начин, па дури и со отворена пропаганда за војната на Путин. „Цензура! Цензура!”, возвраќаат санкционираните медиуми и се жалат на повреда на правото на слободен говор. Руското министерство за надворешни работи на молдавското раководство му префрла „цинична повреда на правата на националните малцинства”.
Стариот руски трик се повторува: Москва се потсетува дури тогаш на човековите права кога заради непочитување на тие права од неа се бара одговорност. А, Русија - големиот „заштитник” на националните малцинства на нејзина територија, кои ако не бидат депортирани како што Сталин тоа го правеше со Чеченците, кримските Татари или Романците, денес стануваат топовско месо на Путин во уништувачка војна против Украинците кои ја сакаат слободата - токму таа Русија плаче крокодилски солзи на „сочувство” за руското малцинство кое од сега ќе мора да се справува без воената пропаганда. Русија истовремено на Молдавија, вклучително и на Молдавците од руско говорно подрачје, им го пресече снабдувањето со гас и струја за да ја казни антивоената позиција на државата.
Молдавските реакции на блокирањето на проруската пропаганда
Во Кињишев реакциите на одземањето на лиценците на шесте телевизии беа различни. Од една страна се поздравува храброста на властите да се сопре руската пропаганда, од друга страна има гласови кои велат дека одлуката е многу задоцнета. Години се поминати во кои проруските телевизии луѓето во Молдавија ги изложуваа на „перење мозок” и подигање на рејтингот на Путин и на проруските партии. Факт е дека четири од шест сега блокирани телевизии не смее да емитуваат програма ниту во Европската унија.
Кон крајот на 2022 година проевропските власти во Кињишев очигледно во најголема мера ги надминаа своите комплекси и со тоа стравотдека (погрешно) може да бидат обвинети дека прекршуваат демократски норми или дека ја дразнат Русија. Владата се чини препознава дека многу заговараната „неутралност” како што е постулирана во Уставот на земјата, не и помага на Република Молдавија, туку напротив ја прави рнлива бидејќи ги охрабрува внатрешните и надворешните агресори.
Таквото сознание овозможува истрага на неодамнешните антивладини протести во Коњишев кои биле финансирани со валкани пари и и поддржани од Русија. Ставањето на беглците Илан Шор и Владимир Плахотнијук на листата на американски и британски санкции го овозможи ослободувањето од овие комплекси и доведе и во Република Молдавија до разработување на т.н. „Закон на Магницки” против корупција, за кој ќе се гласа во парламентот.
Годината 2022 се покажа и во други делови важна за радикални промени како обезбедувањето на енергетската независност од Русија и засилување на одбраната која во 30те години пред стекнувањето независност од Советскиот сојуз беше многу запоставен сектор. Од војната во пролет-лето 1992 година во Транснистрија која ја изгубија против сепаратистите поддржани од Русија, никој во Кињишев не размислувал сериозно за засилување на националната армија.
Погрешно се тврдеше дека на неутрална земја како Молдавија не и е потребна армија - на задоволство на Москва. Поранешните молдавски претседатели Владимир Воронин и Игор Додон како и други проруски политичари дури предлагаа целосно да се укине војската. Плахотнијук, поранешниот властодржец во Кишињев, го „надува” полицискиот апарат кој требаше да го штити од сопствените граѓани, а не од надворешни непријатели.
Таквиот жален менталитет конечно е надминат. Падот на неколку руски ракети на молдавска територија изгледа беше последниот аргумент дека на земјата и е потребна робустна војска. За прв пат предлог буџетот за 2023 година предвидува зголемување на средствата за одбрана за околу 75% со цел набавка на антиракетни системи. Тоа не е доволно, но е некаков почеток.
2023 - нема назад
Во годината што е зад нас, Република Молдавија покрај Украина која се бори за сопствената слобода и за слободата на цела Европа - доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ. Во 2022 историјата во Република Молдавија одеднаш се забрза, нѐ доведе среде драматични ситуации, ни ја покажацената за независноста и слободата, нѐпринуди да одговориме на прашањето дали сме подготвени, да ги браниме тие вредности? Забраната за емитување за проруските телевизии го крунисува патот до освестувањето кој го поминаа Решублика Молдавија и нејзиното раководство под притисокот на големата егзистенцијална закана - од сѐ послабата надеж дека наутралноста нуди заштита, до нужноста јасно да се одлучи на чија страна ќе се застане. Меѓу војна и мир, меѓу вистина и лага, меѓу демократија и тиранија нема среден пат. Таквиот курс во 2023 година мора да биде зацврстен. Нема бегање назад. Чин на одмазда од Русија против Молдавија би значел уништување на државата и нејзиниот народ.
Витали Чобану е меѓу најпознатите автори и издавачи во Решублика Молдавија. Тој е претседател на молдавскиот ПЕН клуб .