1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Република Молдавија во визирот на Русија

28 април 2022

Во Република Молдавија расте загриженоста дека ќе стане следна цел на руската агресија. Наводни напади во прорускиот сепаратистички регион Транснистрија не навестуваат ништо добро, смета Виталие Чобану.

https://p.dw.com/p/4AWXu
Republik Moldau | Transnistrien | Tiraspol
Фотографија: Sergei Gapon/AFP

Времето, во кое ние во Република Молдавија, со оглед на херојскиот отпор на Украина против Путиновата агресија, вклучувајќи го и големиот воен успех – потопувањето на воениот брод „Москва“- гордоста на руската Црноморска флота, се чувствувавме релативно сигурни, е минато. Ситуацијата во сепаратистичкиот регион  Транснистрија не навестува ништо добро. 

Во понеделникот, 25 април, вториот ден од православниот Велигден, со ракети беше нападната централата на тајната служба (КГБ) во Тираспол, главниот град на отцепениот регион. Нема повредени, зградата во моментот на нападот била празна. Следниот ден следеа натамошни воени инциденти во Транснистрија – уништување на две телекомуникациски антени, како и експлозии во Парчани, град на 13 километри од границата со Украина, како и на аеродром во Тираспол. Слични епизоди не се исклучени.

Руско присуство во Транснистрија

Најцрно сценарио би била, на пример, саботажа во военото депо Кобасна, кое е под контрола на илегално стационираните руски трупи. Тука е складирана околу 20.000 тони советска муниција, собрана во 1990-те години од поранешните комунистички земји од централна и источна Европа. Ниту властите во молдавскиот главен град Кишињев, ниту странски експерти немаат пристап во овој склад, за состојбата на муницијата нема никакви информации.

Повторуваните барања од Кишињев до Москва за повлекување на оружјето од Кобасна остануваат неодговорени, исто како и барањето за повлекување на околу 2.000 руски војници од Транснистрија.   

Moldawien Schriftsteller Vitalie Ciobanu
Виталие ЧиобануФотографија: Privat

Дезинформации и ескалација

Првите назнаки, дека Русија по почетокот на војната во Украина ја има во визирот  Република Молдавија,  беа изјавите на рускиот генерал Рустам Минекајев, вицекомандир на централниот воен округ. Тој отворено зборуваше за претстојна „втора фаза од специјалната операција“, во која спаѓа преземање контрола над украинскиот југозападен брег на Црното Море, како и воспоставување коридор кон Транснистрија, каде „се констатирани случаи на повреда на правата на етничките Руси“. Дрска лага. Регионот е целосно под контрола на Москва – кој би можел да ги повредува правата на населението кое зборува руски јазик? Заплашувани и тероризирани не се жителите кои зборуваат руски, туку оние кои зборуваат романски јазик и нивните институции, меѓу кои и школи, кои се под надлежност на министерството за образование во Кишењев. 

Малтретирани се молдавските селани, кои 30 години се изложени на теророт на сепаратистичките милиции. Но, кога на Русите им била важна вистината?

Виктор Водолатски, прв заменик претседател на Комисијата на Думата за прашања поврзани со ГУС, евроазиската интеграција и односи со сонародниците, отиде уште подалеку: „нацизмот“ на властродршците во Кишињев, поддржани од „нивните романски заштитници“, мора да биде искоренет аналогно на сценариото употребено во Украина.

Infografik Karte Republik Moldau DE
Мапа на Република Молдавија

Симболи на омраза и војна

Минатата недела портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова и рускиот пратеник Пушков ја критикуваа молдавската претседателка Маја Санду што се осмелила да ги забрани руските симболи за омраза и војна, меѓу кои и буквите „Z" und „V". Овој закон беше усвоен од проевропското парламентарно мнозинство во Република Молдавија.

Проруската опозиција, блокот на комунисти и социјалисти, предводени од поранешните претседатели Владимир Воронин и Игор Додон, како и партијата на Илан Шор (архитект на банкарската измама од 2014, околу една милијарда евра), протестираа против законот и се заканија дека на парадата на 9 мај, „Денот на победата“, ќе се појават со знаците на Путин на градите, без оглед на високите казни од речиси 500 евра.

Крадци, бандити, криминалци во  Република Молдавија,  со или без „бели крагни“ отсекогаш биле агенти на Русија во поранешниот советски простор.

Исто сценарио како во Украина

Бирото за реинтеграциска политика, структура на молдавската влада за Транснистрија, објави дека ракетирањето во понеделникот врз објектот на КГБ во Тираспол е само изговор за оптоварување на безбедносната состојба во регионот. По воинствените тонови од руски политичари за „коридор“ кон Транснистрија, во молдавското МНР во Кишињев беше повикан рускиот амбасадор, Олег Васнецов, на разговор. Кратко потоа заменикот руски министер за надворешни работи Андреј Руденко испрати смирувачка порака: „Русија не гледа никаква закана за транснистриските граѓани и и натаму се залага за мирно решение на прашањето за Транснистрија, со почитување на суверенитетот и интегритетот на Република  Молдавија“.

Сведоци сме на игра на мачка и глушец, сондирање на способноста за реакција на власта во Кишињев во поглед на руските настапи во регионот.

Република Молдавија според Уставот е неутрална и во актуелниот конфликт побара почитување на овој статус, и од страна на Руската Федерација. Но, Русија во никој случај нема да се почувствува попречена од неутралниот статус на Молдавија и може во секој момент да ја признае независноста на сепаратистичкиот регион на левиот брег на Дњестар. Она што би следело, би била воена интервенција, заради „заштита на сопствените граѓани“, според истото сценарио како и во самонаречените „републики“ Доњецк и Луганск во источниот дел од Украина, на 24 февруари 2022, или во август 2008 година во Грузија, откако Москва ја призна независноста на Јужна Осетија. Само масивна дипломатска интервенција на западните држави можеше тогаш да ги задржи руските тенкови неколку километри пред грузискиот главен град Тбилиси.

Неутралноста не ја спречи проевропската влада во Кишињев остро да ја осуди руската агресија против Украина и да му искаже целосна поддршка на Киев. Сега мора итно да се најдат решенија за Република Молдавија сепак да не биде вовлечена во вртлогот на војната.

Виталие Чобану спаѓа во најпознатите писатели и публицисти на Република Молдавија, тој е претседател на молдавскиот ПЕН клуб.