1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот на Молдавија од војната во Украина

Клеменс Ференкоте
28 март 2022

Молдавија со голема загриженост гледа на војната во соседна Украина. Голем е стравот дека војната би можела да се прелее. Дотолку поголема е помошта за многуте бегалци во земјата.

https://p.dw.com/p/48w8Z
Ukraine - Moldau | Grenzübergang Palanca
Во Молдавија постојано пристигнуваат бегалци од УкраинаФотографија: Violeta Colesnic

„Бонжур Кафе“ е симпатичен кафе-киоск во центарот на Кишињев. Од музичките боксови доаѓа музика која се слуша и во соседното паркче. Пред киоскот има наместени маси и столови. Сѐ личи на пролетна идила, во која уживаат и 33-годишниот Аркадиј и неговата пријателка Ирина. Тие се обидуваат да ја потиснат војната која се води во соседната земја, оддалечена само два-три часа возење со автомобил. Се плашам дека „може да дојде и кај нас“, вели Аркадиј. Молдавците не се како Украинците, додава тој. Молдавија нема силна армија, „всушност нема никаква армија, ниту пак има некаква силна национална свест која би можеле да ја браниме“. Се надеваат дека Украинците ќе ги запрат и ќе ги потиснат руските трупи „за да не бидеме приморани да бегаме и од овде“.

Аркадиј и Ирина неколку години живееле во Киев, се вратиле и сега дома имаат роднини од Украина. Молдавија, која има помалку од три милиони жители, прифати толку многу бегалци по глава на жител како ниту една друга соседна држава.

Од над 350-те илјади воени бегалци кои ја преминале границата со Молдавија, 110.000 моментално сѐ уште се во земјата, а повеќе од три четвртини од овие луѓе нашле засолниште во приватни домаќинства. „Тоа се случува веднаш зад нашата граница“, велат Аркадиј и Ирина. Многумина имаат роднини и пријатели во Украина - „се чувствуваме многу поврзани со нив“.

Надеж дека наскоро ќе има мир

По руската инвазија на Украина меѓу населението и политичарите вадее општа загриженост- дека војната нема да запре на границите на најсиромашната земја во Европа. Кристина, која била стјуардеса пред да ја загуби работата поради пандемијата, вели дека за сеприсутната тема не разговара со пријателите и роднините, но, како што додава, треба само да ги погледнете в очи и знаете „како те гледаат". Ова е многу стресно време, но, како што вели Кристина, „тивко, стресно време“. Тие не „зборуваат за тоа“, а исто така претпочитаат да не размислуваат за тоа, да не се занимаваат со „лоши работи“. Надежта е дека наскоро ќе има мир.

Infografik Karte Republik Moldau EN

Руски трупи во Транснистрија

Молдавија, поранешна запоставена советска република на крајниот раб на сферата на влијание на Москва, од независноста во 1991 година е поделена на два дела: регионот зависен од Русија долж границата со Украина - Транснистрија (или Придњестровје), во кој се наоѓаат околу 1.700 руски војници, како и, според сериозни проценки, десетпати повеќе резервисти, и Република Молдавија со околу 6000 војници.

Игор Мунтеану, поранешен молдавски амбасадор во Вашингтон и до неодамна член на парламентот, вели дека луѓето почнале да „се плашат дека ќе бидат нападнати“ од руската војска, „која ја гледа Одеса како мета за напад, а Молдавија нема воена сила што некого би импресионирала.“

Република Молдавија рано прогласи своја неутралност, уште во 1993 година. Според експертот за надворешна политика Мунтеану, ова е илузија, бидејќи Русија никогаш не ја признала. Москва секогаш го торпедирала развојот на земјата преку сепаратистичкиот регион Транснистрија. Сега, во Молдавија, некои луѓе би рекле: „Видете, Русите бараат од Украинците да бидат неутрални, а ние сме речиси тоа“. Всушност, Русија отсекогаш ги искористувала слабостите на помалите земји и им го оспорувала сувереното право да избираат со кого да бидат сојузници.

Republik Moldau | Parlamentswahlen
Република Молдавија рано прогласи своја неутралност, уште во 1993 година (фото: Кишињев)Фотографија: Anna Gluschko/DW

Поглед кон Брисел

Кога Украина, на први март, ја поднесе својата апликација за членство во ЕУ, Грузија и Молдавија не се колебаа долго: неколку дена подоцна и овие две поранешни советски републики ја испратија својата апликација до Брисел. Молдавија бара заштита под покривот на ЕУ, дури и ако тоа нема да се реализира брзо. За поранешната стјуардеса Кристина животот е од темел променет, впрочем како за повеќето нејзини сонародници. Таа не може да поверува „дека војната може да биде толку блиску“. Кога ќе слушнете за војни во Африка или Сирија или други земји што се далечни, ви е жал, но војната е далеку, вели Кристина: „Но, кога војната е веднаш до вас и наутро слушате звуци кои некако звучат како дожд, но доаѓаат од борби, тогаш е многу тешко.“ Војната во соседната земја фрла темна сенка врз иднината на Молдавија.